Вести

Пукна бомбата на опозицијата – прислушувани биле над 20.000 граѓани

Според СДСМ, УБК незаконски прислушувала високи претставници од власта и од опозицијата, новинари, претставници од невладини организации, од Синодот на МПЦ, ИВЗ, политичари од албанскиот блок… Единствените лица кои ги нема на листата, според СДСМ, се премиерот Никола Груевски и директорот на УБК Сашо Мијалков.

Стотици новинари, членови и симпатизери на СДСМ ја следеа денешната прес - конференција | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Стотици новинари, членови и симпатизери на СДСМ ја следеа денешната прес – конференција | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Денешната прес-конференција на опозициската СДСМ можеби беше една од најпосетените во историјата на партијата. Од секој медиум присуствуваа по неколку новинари и уредници, а присутни беа огромен број членови и симпатизери на партијата. Во седиштето на СДСМ на улицата Бихаќка се собраа стотици луѓе за да ја слушнат долгонајавуваната „бомба“ што ја најавуваше лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Радмила Шекеринска, Петре Шилегов, Андреј Жерновски, Дамјан Манчевски, Стево Пендаровски, Тито Петковски и уште десетина високи претставници од опозицијата стоеја зад лидерот Зоран Заев додека тој ги соопштуваше информациите што ги поседува.

Доказите на опозицијата не беа пренесувани во живо поради наводни проблеми со интернет мрежата во седиштето на СДСМ, па граѓаните, особено оние кои не се во земјава, немаа можност веднаш да ги слушнат деталите.

Според информациите од партијата, ќе следуваат уште петнаесетина прес-конференции кои континуирано ќе се одржуваат. На сите нив ќе бидат презентирани нови аудио снимки, кои, според СДСМ, претставуваат доказ дека се Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) незаконски прислушувала високи претставници од власта и од опозицијата, новинари, претставници од невладини организации, од Синодот на МПЦ, ИВЗ, политичари од албанскиот блок… Единствените лица кои ги нема на листата, според СДСМ, се премиерот Никола Груевски и директорот на УБК Сашо Мијалков.

„Прислушувани биле 20.000 граѓани“

Прес-конференцијата Заев ја почна со тврдењето дека е „должен да ги сподели аудио снимките со јавноста, бидејќи поради неодговорни луѓе, државата е доведена во срамна ситуација“.

„Материјалите покажуваат дека станува збор за незаконско прислушување по наредба на Мијалков и на Груевски“, рече Заев.

Според Заев, единствените лица за кои нема аудио снимки од телефонски разговори се премиерот Никола Груевски и директорот на УБК Сашо Мијалков | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Според Заев, единствените лица за кои нема аудио снимки од телефонски разговори се премиерот Никола Груевски и директорот на УБК Сашо Мијалков | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

СДСМ денеска поднела кривична пријава против Сашо Мијалков, Горан Груевски, началник на Петтата управа и против непознати лица. Партијата не очекува правен епилог, но смета дека пријавувањето на случајот е нивна должност.

„Ако Јавното обвинителство се одважи и покрене истрага за случајот, тие ќе бидат херои за идните генерации“, рече Заев и додаде дека прислушувањето може да го спроведе единствено УБК , со поддршка на мобилните оператори.

„Затоа, во кривичната пријава бараме вештачење на автентичноста на снимките“.

Што содржи бомбата?

„Бомбата“ Заев ја отвори пуштајќи аудио снимка од разговор за кој тој тврди дека е меѓу него и една новинарка, која му бара изјава за финансирањето на училиштата. Потоа следуваше аудио снимка меѓу Заев и Шекеринска, меѓу него и неговата ќерка, меѓу него и негов пријател…

Тој тврди дека бил прислушуван четири години, во континуитет. Вели дека поседува снимки од над 300 телефонски разговори, а до обвинителството доставиле докази од 204 страници од транскрипти од разговори.

Заев вели дека поседува снимки од над 300 телефонски разговори, а до обвинителството доставиле докази од 204 страници од транскрипти од разговори

Заев вели дека поседува снимки од над 300 телефонски разговори, а до обвинителството доставиле докази од 204 страници од транскрипти од разговори

„Вакво масовно прислушување може да спроведе само УБК. Се прислушувало постојано, 24 часа, седум дена во неделата. По ова, сфативме дека живееме во два поделени света, еден на Груевски и на Мијалков, а во вториот сме сите ние“, рече Заев.

Со најголемо внимание се слушаше разговорот за кој Заев тврдеше дека е меѓу министерката Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески. Во разговорот што беше презентиран, можеа да се слушнат интервенции за вработувања како и лични дисквалификации за пратеници и сопартијци.

Разговорот за кој СДСМ тврди дека е меѓу Ставрески и Јанкулоска се однесува на периодот од крајот на декември 2011 година. Тогаш лидерот на НСДП Тито Петковски побара интерпелација на министерката Јанкулоска заради посебните истражни мерки во делот на следење на комуникации, што ги применило МВР во случајот „Кампања” во која беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Пуштени беа и аудио снимки од разговори за кои Заев тврди дека станувало збор за прислушување на Али Ахмети, Мендух Тачи, Љубчо Георгиевски, Руфи Османи.

„Ова е само мал дел од сè што поседуваме. Кога ќе слушнете сè, нема да верувате со какви механизми се служеле“, рече Заев.

„Тврдат дека информациите ни се од странски служби. Па зошто тогаш апсат луѓе од македонската полиција? Зошто не уапсат некој странец?“, праша Заев

Од партијата велат дека нема да ги објават сите разговори што ги имаат поради сензитивноста на информациите. Заев уште еднаш демантираше дека податоците ги добиле од странски служби.

„Тврдат дека информациите ни се од странски служби. Па зошто тогаш апсат луѓе од македонската полиција? Зошто не уапсат некој странец?“, праша тој.

Опозицијата најави нови прес – конференции и презентација на снимки на кои се регистрирани и разговори во врска со кривични дела кривични на поединци од власта.

„Сè ќе биде објавено“, вели Заев.