Вести

САД ги засилуваат санкциите врз македонската „Сајтрокс“

Американската администрација ја проширува црната листа со фирми и со луѓе поврзани со озлогласениот Предатор

Соединетите Американски Држави, вчера го замрзнаа имотот во Америка на првите луѓе на конзорциумот „Интелекса“, кој го произведува и продава озлогласениот шпионски софтвер Предатор. Со вчерашната одлука на американското Министерство за финансии, санкционирани се и самиот конзорциум и компаниите под него, во кои се вбројува и скопската фирма „Сајтрокс“.

Предатор го злоупотребуваа одредени режимски власти во светот, но и некои познати демократии за надзор над своите политички неистомисленици, противници и новинари.

Со објавата на санкциите, американската администрација, вчера, за првпат објави дека оваа технологија се користела и за таргетирање Американци, вклучително и американски владини службеници, новинари и политички експерти од САД.

Вчерашната одлука претставува зајакнување на санкциите врз целата групација, бидејќи САД лани ги ставија активностите на „Интелекса“ под посебен надзор и ѝ го ограничија пристапот до софтверот и до технологијата што ѝ се потребни за развој на шпионските алатки.

Американската администрација предупредува дека во иднина може да бидат санкционирани финансиските институции и лицата што ќе соработуваат со конзорциумот.

Дополнителните санкции, покрај на скопската „Сајтрокс“, која важи за фирма што го развива софтверот Предатор, се однесуваат и на Дал Џонатан Дилијан – основачот на конзорциумот „Интелекса“ и архитект на шпионските алатки. На листата до него се наоѓа и Сара Алесандара Фајсал Хамоу, која американските власти ја опишуваат како жената што има водечка улога во компаниите на Дилијан.

Ограничувањата се однесуваат и на грчката и на ирската фирма под брендот „Интелекса“, кои го промовираат и го продаваат шпионскиот софтвер, како и на холандската „Сајтрокс“, која го развивала Предатор пред таа улога да ја преземе скопската фирма со исто име. Последна од компаниите што е под овие американски санкции е „Талестрис лимитед“, која, пак, се опишува како финансискиот холдинг на „Интелекса“

Малициозниот Предатор може да се инфилтрира во низа електронски уреди, обично мобилни телефони, и притоа не е потребна интеракција на корисникот со шпионскиот софтвер за да му се „зарази“ уредот. Штом уредот е заразен, Предатор може да „ровари“ низ мобилниот телефон и неовластено да вади податоци, да ја следи локацијата на корисникот и да пристапи до апликациите што тој ги користи.

„Интелекса“ ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел и главно соработуваат со влади на различни држави.

БИРН, пред две години го истражуваше македонскиот „линк“ во оваа шпионска приказна. Станува збор за Иво Малинковски, кој до октомври 2022 година беше управител на скопската „Сајтрокс“.

Неговото најтесно семејство, покрај познатите ресторан и винарија „Камник“, ја поседува и ја води фирмата за трговија со воена опрема и со оружје „Микеи-интернационал“.