Со одлука која денеска е потврдена во Централниот регистaр, институтот „Павел Шатев“ е избришан од евиденцијата на здруженија на граѓани. Престанокот на постоење на здружението, познато по анкетите за јавно мислење кои речиси без исклучок му даваа предност на ВМРО ДПМНЕ, е резултат на одлука донесена на 2 март годинава.
Последната анкета на овој институт е објавена пред изборите на 10 декември. Во таа анкета едно од прашањата беше „Дали поддржувате партија која се залага за концептот на двојазичност на целата територија на Македонија и нов рамковен договор“ на кое 4,9 отсто одговориле со „ДА“, а 93,5 отсто од анкетираните одговориле “НЕ“.
За овој институт медиумите често пишуваа дека е близок до ВМРО ДПМНЕ, дека е регистриран на адреса на приватен стан во Чаир и дека дел од основачите имале високи функции во државни институции во времето на ВМРО-ДПМНЕ.