Актуелно

Склучен договор од 5,6 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза

Министерството за култура потпиша договор со градежната компанија „Бетон“ во вредност од 5,6 милиони евра за изградба на споменикот на Мајка Тереза.

Со последниот склучен договор, драстично порасна и сумата што градежната компанија„Бетон“ ја доби од проектот „Скопје 2014“. Базата на податоци покажува дека „Бетон“ има учествувано во градбите на над 30 објекти за сума од речиси 191 милиони евра. Неизвесно е колку од овие пари ѝ се исплатени на градежната компанија, бидејќи БИРН располага само со податоци за вредноста на склучените договори.

Споменикот на Мајка Тереза првично беше најавено дека ќе го гради индискиот бизнисмен Субрата Рој на чијашто компанија „Сахара Глобал“ за таа цел во 2013 година му е подарена градежна парцела од 621 квадратен метар на плоштадот „Македонија“.

По скандалот и апсењето на индискиот бизнисмен, самиот премиер Груевски, на конгресот на партијата во Куманово годинава, како што пренесоа медиумите, обзнани дека споменикот ќе се гради од државниот буџет и дека што се однесува до поставувањето на спомениците, со него завршува проектот „Скопје 2014“.

Со последниот склучен договор, сумата за „Скопје 2014“, според документацијата на БИРН, достигна околу 601 милиони евра.

Во претходно објавената верзија на овој текст беше направена ненамерна грешка. При внесот на документите, договорот за изградба на споменикот беше внесен два пати, при што сумата автоматски се зголеми. Цената на договорите е дополнително корегирана. Се извинуваме поради оваа ненамерна грешка.