Актуелно

Смеат ли да промовираат мерки и да берат плодови?

Вицепремиерот Кочо Анѓушев ги промовира мерките на Фондот за иновации и технолошки развој | Фото: Flickr на Влада на РМ

Фирма во која малцински сопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе земе 160.000 евра од државата, во вид на поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. БИРН дојде до информацијата истражувајќи ги добитниците што фондот ги објави минатата недела.

Анѓушев е втор функционер од власта кој се најде во ваква ситуација, откако „Макфакс“ објави дека печатницата во која акционер е пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец доби слична сума од истата програма на фондот.

Фирмата во која Анѓушев поседува капитал ќе добие поддршка од Програмата за мали и за средни претпријатија вредна повеќе од 10 милиони евра, што преку фондот за првпат ја воведе актуелната влада, а токму Анѓушев како вицепремиер за економски прашања лично учествуваше и на прес-конференциите на кои се објавија повикот и резултатите.

Програмата за мали и за средни претпријатија е дел од Планот за економски раст, чиј главен промотор е повторно Анѓушев.

Оттука се поставува дилемата дали постои судир на интереси, со оглед дека Анѓушев се наоѓа на двете страни од процесот и како еден од промоторите на оваа економска политика и како нејзин краен корисник. Слична е дилемата и за Локвенец како дел од власта.

Станува збор за фабриката „Каст инвест“, којa треба да добие грант од 160.000 евра, а ќе инвестира и свои 380.000 евра за проектот наречен „Ја лееме нашата иднина“. Тоа, всушност, е леарница. Сопственичката структура на „Каст инвест“ ја сочинуваат „Брако“, фирмата во која е капиталот на Анѓушев, неговиот кум Митко Кржовски и скопскиот бизнисмен Владо Атанасовски.

Анѓушев за БИРН вели дека тој поседува само 16 проценти од леарницата и како малцински сопственик не може да им наредува на партнерите што да прават.

„Знаев дека ќе аплицираат, не можам да кажам дека не знаев, меѓутоа никому не сум се јавил за да го добијат грантот“, вели вицепремиерот.

Тој уверува дека проектот на „Каст инвест“ е еден од подобрите на конкурсот и како што вели целта е да се отворат нови работни места.

„Како што не треба да се привилегирани фирмите каде што јас имам капитал, исто така не треба ни да се дискриминирани “, аргументира вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, за БИРН вели дека, освен тоа што Анѓушев се појавувал на прес-конференциите, вицепремиерот немал, ниту, пак, можел да има некаква улога при одлучувањето.

„Неговата улога тука е чисто политичка, меѓутоа тој не ми е никаков надреден, не ми е шеф“, вели Деспотовски.

Иако знаел дека леарницата ќе конкурира, Анѓушев тоа не им го најавил во фондот. За оваа програма не се проверува сопственичката структура на апликантите, следствено на тоа во фондот не знаеле кој стои зад фирмата.

„А, и да знаевме, не можеме некому да забраниме да конкурира, ако ги исполнува сите услови“, вели директорот Јован Деспотовски.

Тој објаснува дека изборот го прават комисија и комитет од експерти.

„Прво апликацијата ја гледаат тројца експерти што се пријавиле во Фондот, тие не ги одбираме ние, сами се пријавуваат и ги регистрираме, а им делегираме апликации кога им доаѓа редот. Тие не знаат дека работат на ист предмет. Ако просечно сите тројца дадат по 51 поен на некоја апликација, потоа таа оди кај комитетот составен од пет странски експерти, кои, пак, ја даваат финалната одлука“, вели Деспотовски.

„Гарантирам дека ништо нечесно не сум направил, мирна ми е совеста“, вели Локвенец

Овој комитет е избран од владата.

„Каст инвест“ ја управува скопскиот бизнисмен Владо Атанасовски. Таа е всушност нова фабрика, која се наоѓа на местото каде што до пред некоја година работела „МЗТ леарница“. Атанасовски лани ја купил додека била во стечај и ја рестартирал.

Фабриката денес работи во кругот на поранешниот гигант МЗТ, во скопската Општина Гази Баба.

Планот му било да најде партнери од странство, не успеал и набргу сфатил дека неговиот пријател Митко Кржовски и фирмата „Брако“ може да му помогнат да ја рестартира леарницата.

„Ова беше преголем залак само за мене“, вели Атанасовски.

„Брако“ откупила 40 проценти, Кржовски 25, а нему му останале 35 отсто од фабриката, а за инвестицијата бил информиран и тогаш новиот вицепремиер, Кочо Анѓушев, како партнер во „Брако“.

На нашето прашање дали тој и неговите партнери биле свесни дека ќе има сомнежи за конфликт на интереси, Атанасовски вели:

„Свесни бевме, но на крајот од денот ова е убава приказна. Од нула вработени, сега имаме 100, а планираме да вработиме уште педесетина. Помошта од државата ни е добредојдена, секој денар е важен, меѓутоа вложивме и ќе вложуваме многу повеќе во рестартирање на погоните“.

Проектот „Ја лееме нашата иднина“, за кој фирмата ќе добие 160.000 евра, е всушност заокружување на инвестицијата.

Со околу половина милион евра, „Каст инвест“ планира да купи нови машини, опрема за мерење на квалитетот на железото што го лее и вентилација за просториите каде што има многу железни струготини.

Таа главно произведува метални приклучоци за водоводни цевки.

И пратеникот Хари Локвенец отфрла каква било вмешаност во одлуката на фондот.

„Со индигнација ги одбивам сите сомнежи дека сум влијаел“.

Тој од 2000 година е акционер во печатницата „Гинис“.

„Никогаш не сум учествувал во управувањето на печатницата. Меѓутоа, ако некој има сомнеж, нека испита. Гарантирам дека ништо нечесно не сум направил, мирна ми е совеста“.