Анализи

Строги критериуми и избор на ТВ за новите антикорупционери

Новата комисија ќе има поголеми надлежности од старата

Борбата против корупцијата најмногу ќе зависи од квалитетот на луѓето што ќе се изберат во Антикорупциската комисија и политичките партии се свесни за тоа, вели за БИРН министерката за правда, Рената Дескоска. Законот за спречување на корупцијата и на судирот на интереси, по натегања од околу еден месец, вчера попладне беше изгласан во Собранието. Станува збор за законско решение што е многу поопширно од претходното, за една третина поголемо од претходното според обемот и според бројот на членови.

Една од најголемите промени е токму начинот на избор на новите антикорупционери, кои ќе треба да задоволат построги критериуми за избор и ќе треба да ги исполнат високите очекувања на јавноста за конечно да се види реална борба против корупцијата. Претседателот и членовите, кои ќе бидат повторно седуммина на број, ќе треба да имаат високо образование со утврден минимален успех и десет години работно искуство, од кои најмалку шест години (претседателот најмалку осум) во областа на борбата против корупцијата и владеењето на правото. Претходно беше потребно да се има осум години работно искуство, а областа не беше дефинирана.

Ќе ги оценуваат пратеници, невладини, новинари и други

Пратениците веќе немаат моќ сами да избираат антикорупциска комисија

За разлика од стариот закон со кој Собранието распишуваше оглас за нови членови, тие се пријавуваа во рок од 15 дена, па собраниската Комисија за избори и именувања подготвуваше предлог-листа на кандидати што ги избираше парламентот на пленарна седница, сега оваа постапка има повеќе чекори и филтри. Повторно се почнува од огласот на Собранието, кој сега трае десет дена, но сега Комисијата за избори и именувања не ги разгледува кандидатурите сама, туку формира комисија за селекција, во која има по еден претставник на Народниот правобранител, на граѓанските организации и на медиумите, како и по двајца пратеници од власта и од опозицијата. Таа комисија ќе утврди кои кандидати ги исполнуваат минималните услови и ќе ги повика поединечно на јавно интервју што ќе се пренесува на Собранискиот канал во живо. По претходна најава, на интервјуто можат да присуствуваат и претставници на МАНУ и други лица што се набројани во законот, и да поставуваат прашања. На крајот од тој процес, комисијата за селекција ќе направи ранг-листа, а собраниската Комисија за избори и именувања ќе треба да ги предложи најдобро рангираните кандидати да бидат избрани од Собранието.

Ако сѐ помине како што треба, Македонија ќе има нова антикорупциска комисија за околу еден месец, токму во периодот кога треба да се распишат претседателските избори.

„Затоа е внесена преодна одредба дека откако законот ќе стапи во сила, претседателот на Собранието во рок од три дена ќе го распише огласот и процедурата овојпат ќе се одвива според скратени рокови. Целта е да се избере комисија што би го следела целиот изборен процес од почетокот“, вели министерката Дескоска.

Променет е и начинот како се пресметува платата на антикорупционерите. Наместо две и пол просечни плати како досега, платата на претседателот на ДКСК ќе биде иста како потпретседател на Собранието, а платата на членовите ќе биде иста како на пратениците.

Не е различен само начинот на именување, туку и на разрешување. Со стариот закон, член на ДКСК може да се разреши ако е осуден за кривично дело, а со новиот разрешување може да се побара и ако несовесно ја врши службата, на пример ако без причина ги пробива роковите до кога треба да ги заврши постапките. ДКСК сега има рок од 60 дена да донесе одлука откако ќе ја почне постапката, и уште пет дена да ја објави. Според Дескоска, целта е да не се чуваат предмети во фиока и да се објавуваат одлуките по изборите, како што се случувало порано.

Увид во 64 бази на податоци

Дескоска: борбата против корупцијата ќе зависи од квалитетот на луѓето во комисијата

Финансирањето на партиите и на изборните кампањи е една од новите надлежности на комисијата. Не беше прифатено решението според кое секој граѓанин ќе може да пријави нерегуларно финансирање на кампањата, туку тоа можат да го сторат само овластени набљудувачи и други учесници во изборите.

Она што се очекува да ѝ овозможи на ДКСК да биде посилна во борбата против корупцијата отколку порано, е директниот пристап до државните бази на податоци. Со претходниот закон, комисијата имаше право да добие податоци за кое било службено лице од која било институција откако ќе поднесе барање. Сега таа има директен пристап до 64 бази на податоци  од МВР, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, УЈП, Царината, Агенцијата за вработување, Катастарот, Управата за матични книги итн. Aнтикорупционерите ќе може да ги гледаат, не само евиденциите за личните документи, туку и регистрите за сопственици на колекционерско оружје, евиденцијата за движење на имот (продажба, наследување и друго), за поврат на ДДВ, за царински декларации на компании и на поединци и други податоци. Обврзани се да ги чуваат сите овие податоци како тајна и да не ги користат за ништо друго, освен за нивната работа. Повторно можат да добиваат податоци од институции со барање (ако ги нема во овие бази) и установата може да плати казна од 200 до 400 евра ако не ги даде во утврдениот рок од 15 дена.

За банките и за финансиските институции, рокот е ист, а казната е 1.000 евра ако не достават податоци за сметките на службените лица. Можноста на антикорупционерите да ги гледаат приватните банкарски сметки на функционерите е една од најголемите промени во однос на претходниот закон и е одредба што предизвика многу дебати во јавноста додека тој се носеше. Во законот е наведено дека оваа постапка не се смета за нарушување на банкарската тајна. Сепак, со амандмани беше ограничено дека ако комисијата побара увид во нечија сметка, треба веднаш да го извести засегнатиот функционер за тоа.

Законот предвидува и попрецизна дефиниција на корупцијата, која сега не е само „искористување на функцијата или службената должност за каква било корист за себе или за друг“, како што беше во стариот закон. Во новиот има подетални дефиниции на активна корупција (кога некој го злоупотребува системот во своја корист), пасивна (ако некој свесно го дозволува тоа) и судир на интереси. Подетално е дефинирано и што е семејство, блиски лица, ризик од корупција, јавен интерес, јавно овластување, службена должност и друго, термини што во стариот закон се споменуваа, но значењето не им беше објаснето.

Во новиот закон, исто така, е наведено дека секој има право да пријави сомневање за корупција и да биде заштитен, како и дека секој има право да побара надомест на штетата или на загубената добивка поради коруптивно дело.