Актуелно

Театарот во Велес се гради и по отворањето

За Театарот во Велес првично беа одвоени два милиони евра и рок за изградба до 2010 година. Тој беше пуштен во употреба во 2014 година. Седум години по поставувањето на камен темелникот, за овој објект сè уште се склучуваат нови договори, па цената достигна 11,5 милиони евра.

„Во услови кога Република Македонија и македонскиот народ се соочуваат со организирано и континуирано оспорување на идентитетот и името на државата, еден од аргументите кои ни стои на располагање за одговор на ваквите притисоци е културата“, беше изјавата на премиерот Никола Груевски во мај 2008 година, на поставувањето на камен темелникот на новиот театар во Велес.

За првата фаза од оваа инвестиција беа одвоени два милиони евра и рок за изградба од две години.

Владините прогнози, кои можат да се прочитаат и на архивата на веб страницата на Владата, сепак, не беа испочитувани.

Театарот во Велес беше пуштен во употреба во 2014 година, а не во 2010 како што првично беше најавено. Седум години по поставувањето на камен темелникот, за овој објект сè уште се склучуваат анекс – договори и излегуваат непредвидени работи, па неговата цена, според податоците од Бирото за јавни набавки, достигна 11,5 милиони евра.

Завеси, ентериер, фасада и други непредвидени работи за 9 милиони евра

Во 2015 година, една година по пуштањето во употреба на театарот, потпишани се три дополнителни договори во вредност од над 700 илјади евра, а вчера беше објавен уште еден договор за машини за перење и сушење од над 20 илјади евра

Основниот договор за изградба на театарот во Велес (градежниот дел со сите завршни занаетчиски и инсталатерски работи) е објавен во мај 2008 година. Станува збор за договор помеѓу Министерството за култура и фирмата „Еуро проект“ од Тетово склучен на 2 милиони евра.

Но, тука не престануваат да се трупаат анексите и непредвидените работи за овој објект. Во следната, 2009 година, се потпишуваат уште два договора. Едниот е анекс од 5.800 евра за „нарачка, изработка и откуп на основни проекти за сценски технологии“ со фирмата „Константа инженеринг“ од Белград, а околу 35 илјади евра се дадени на фирмата „Светлост театар“ ДОО за Изработка на проекти за градежна и архитектонска акустика.

Последниот договор за театарот во Велес е од вчера - за 20.465 евра склучен е договор за набавка на опрема за одржување на костими и одржување на хигиена

Последниот договор за театарот во Велес е од вчера – за 20.465 евра склучен е договор за набавка на опрема за одржување на костими и одржување на хигиена

Во 2010 година се потпишуваат нови договори за над 5 милиони евра. Договорите во најголем дел ги добива фирмата што го гради театарот, „Еуро проект“ од Тетово и српската „Светлост театар“. Станува збор за изработка на надворешната фасадна алуминиумска столарија, изведбен проект за објектот, поставување мермерна фасада, проект за внатрешно уредување итн.

Во 2011 година се набавуваат мебелот, опремата и осветлувањето за „Театар Велес“ од фирмата „Делта пром“ за цена од 1,7 милиони евра. Речиси половина милион евра чинат системите за греење, ладење, вентилација и климатизација, а партерното уредување достигнува околу 400 илјади евра.

Свечената завеса и технолошките завеси за театарот во Велес чинат 300.000 евра

Една година пред да се пушти театарот во употреба, од српската фирма „Светлост театар“ се набавуваат свечени и технолошки завеси за оформување на сценскиот простор за големата сцена и сценски специјални покривки за сума од околу 300.000 евра.

Во јуни 2014 година, министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, присуствуваше на свеченоста по повод примопредавањето на новата театарска зграда „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Тогаш велешани влегоа во новиот театарски објект изграден на површина од 4.200 квадратни метри, кој располага со сала со капацитет од 370 посетители, како и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители.

Седум години откако беше поставен камен темелникот, за театарот во Велес се уште се склучуваат нови договори

Седум години откако беше поставен камен темелникот, за театарот во Велес се уште се склучуваат нови договори

Во декември истата година, на големата сцена на театарот се одигра и првата претстава, комедијата „Најважната работа на светот“, по текст на Братислав Димитров, а во режија на Љубиша Георгиевски. Првите столчиња беа резервирани за премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов, министерката за култура Канческа – Милевска.

Но, тука не заврши и склучувањето на договорите за овој објект. Минатата година беа потпишани уште три договори за театарот, во вредност од над 700 илјади евра.

Повторно бил набавувани мебел и ентериерни работи за театарот, а минатиот месец потпишан е и нов договор за партерно уредување со фирмата „Делта пром“.

Последниот договор за театарот во Велес е од вчера – за 20.465 евра склучен е договор за набавка на опрема за одржување на костими и одржување на хигиена. Набавувани се машини за сушење, за перење и за хемиско чистење.