Вести

Веб-алатка за следење на трошоците од буџетот

 Базата ќе се дополнува со нови податоци два пати месечно | Фото: БИРН 

На интернет страницата Отворени финансии од денеска секој ќе може да провери кому, колку и кога државата префрлила пари, страницата всушност ќе служи како веб-алатка за следење на трошоците од државниот буџет. Во моментов може да се пребарува низ 12,6 милиони трансакции од трезорска сметка кон разни фирми, институции и кон приватни лица коишто се направени во периодот од 2010 до денеска.

Базата денеска ја промовираше владината тројка составена од премиерот Зоран Заев, министерот за транспарентност Роберт Поповски и министерката за финансии Нина Ангеловска.

Отворени финансии ќе се дополнува со нови податоци два пати месечно.

На веб-страницата ќе може да се најдат плаќањата што ги направиле министерствата, самата влада, фондовите, државните агенции и комисии, судовите, обвинителствата и други вкупно 1.105 државни институции на централно ниво.

На веб-страницата ќе може да се најдат плаќањата што ги направиле министерствата, самата влада, фондовите, државните агенции и комисии, судовите, обвинителствата и други вкупно 1.105 државни институции на централно ниво

На пример, може да се види дека за оваа календарска година заклучно со минатиот месец државата одвоила најмногу пари за пензии преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, некаде околу 84 милиони евра, а втор најголем плаќач било Министерството за труд и социјала со 49 милиони евра. До октомври Фондот за здравство исплатил нешто повеќе од 22 милиона евра за здравствени услуги на граѓаните и со тоа е на третото место на листата на најголеми плаќачи, а четврто е Министерството за образование со исплатени речиси 17 милиони евра.

Најголем поединечен примач на пари од буџетот до октомври била Македонската радио-телевизија (МРТ) која добила 24,4 милиони евра, со оглед дека веќе неколку години МРТ се финансира од буџетот откако е укината претплатата.

Може да се пребаруваат плаќањата коишто било која институција ги направила кон преку 41.200 фирми или кон околу 841.926 поединци во било кој временски период од последниве пет години. На пример, може да се пребаруваат по име и презиме земјоделците на коишто Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој им исплатила субвенции.

Добиените податоци ќе може да се симнат и да се обработуваат во Мајкрософт ексел или во програми слични на него, впрочем може да се симне и целата база сосе сите 12,6 милиони трансакции.

Во моментов може да се пребарува низ 12,6 милиони трансакции од трезорска сметка

Во базата на податоци ги нема плаќањата на општините и на нивните јавни претпријатија, на фирмите и на акционерските друштва во сопственост од државата. Затоа премиерот Заев ги повика општините да се приклучат и во втората фаза на овој проект да ги отворат и своите трошоци.

Базата не ги дава платите на вработените во институциите, меѓутоа ги објавува исплатите по други основи, како на пример надоместоци за кирија и за превоз

Базата не ги дава платите на вработените во институциите, меѓутоа ги објавува исплатите по други основи, како на пример надоместоци за кирија и за превоз. Недостапни се и исплатите за боледување, како и уште неколку други вида на сензитивни информации.

Интерфејсот по дифолт е достапен на македонски јазик, а интернет страницата може да се користи на албански и на англиски, додека податоците што се добиваат се на македонски и на кирилично писмо.

Отворени финансии е всушност идеја на невладиниот сектор којашто датира од 2013 година и која била прифатена од поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски. Во регионот во Словенија постои ваков сервис во рамките на тамошната институција еквивалент на македонската Антикорупциска комисија.

Веб-страницата е развиена во партнерство помеѓу Министерство за финансии и Меѓународен републикански институт (ИРИ), а е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).