Интервјуа

Во Скопје 2014 нема проектанти – само нарачатели

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Архитектите имаат право, обврска и капацитет јавно да проговорат за архитектура која ќе биде загледана во иднината и која на овој масакр како што е проектот Скопје 2014 треба да му стави крај, вели архитектот Трајко Димитров во интервјуто за БИРН

Трајко Димитров е еден од добитниците на наградата „Андреа Дамјанов“, престижно признание кое го носи името на еден од најголемите македонски архитекти во историјата | Фото: Г. Ризаов

Трајко Димитров е еден од добитниците на наградата „Андреа Дамјанов“

Трајко Димитров е еден од првата генерација студенти по архитектура на Техничкиот факултет во Скопје. Како млад изгледал „слаб како авет“, ќе напише за него професор Георги Константиновски, уште една легенда на македонската архитектура „оти тогашните услови за прехранување со системот на купони и скромните студентски мензи, беа далеку од задоволителни и сè беше дозирано на егзистенцијален минимум“.

Господинот Димитров воопшто не изгледаше како авет кога дојде да ја посети нашата редакција. Беше горд и ведар, „полн со ведро расположение и итри досетки“, како што и го опишува Константиновски понатаму во предговорот на неговиот каталог издаден во септември 2000 година.

Целиот работен век долг 33 години, Димитров го поминал во „Македонија проект“, компанија за која вели дека е најпрестижната проектна организација во земјава и пошироко.

Како дел од „Македонија проект“ го проектирал Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, стадионот „Чаир“, Зоолошката градина во Скопје и Природонаучниот музеј до неа. Особено е горд на деловниот објект „Палома бјанка“ , како и на кошаркарската сала „Работнички“ во Градскиот парк, на којашто работел заедно со колегата Живко Гелевски.

Го има проектирано и базенот „Младост“, спортските сали во Куманово и во Прилеп, учествувал на 30-ина јавни конкурси, добитник е на повеќе награди. Горд е и на трите училишта во Кавадарци. Бил претседател на Сојузот на архитектите на Македонија и учествувал во повеќе комисии. Меѓу најбитните реализирани проекти на кои работел е Македонската академија на науките и уметностите, каде што бил дел од проектантскиот тим на професорот Борис Чипан.

„Белата гулабица“ нема да стане барокна?

Не можам да опишам како се
чувствувам кога некој посегнува по
она што го сметам за свое дело.
Јасна е интенцијата да се избрише
сè што не е во согласност со
изгледот на новите градби

Но, најактуелен во последно време е деловниот комплекс „Палома бјанка“ во Скопје за кој Димитров го преферира македонскиот превод на името, зборувајќи за „неговата“ „Бела гулабица“. Веста дека ќе се менува фасадата на неговата „гулабица“ ова лето, вели, ја доживеал како што се доживува инфаркт – ненадејно, болно и фатално. Тој веднаш знаел дека ќе биде обезличена, како и многу други објекти. Никој не го побарал, ниту предупредил, иако претходно е објавен оглас за идејно решение.

„Не можам да опишам како се чувствувам кога некој посегнува по она што го сметам за свое дело. Јасна е интенцијата да се избрише сè што не е во согласност со изгледот на новите градби“, изјавил тој тогаш.

По неговата изјава, „гулабицата“ остана негибната. „Веројатно ја прочитале мојата реакција на идејата да се смени фасадата ‘Палома бјанка’ во барокна и се предомислиле“, вели тој.

Деловниот објект го проектира при крајот на кариерата, и за неговиот изглед разговарал со Иван Здравев, тогашен генерален директор на „Интекс“, компанијата инвеститор. Тогаш разговарале „како што и треба да разговараат еден архитект и неговиот инвеститор“ вели тој. „Палома бјанка“ почнала да се гради во 1988, а завршена е во 1993 година.

Веќе нема криење

„Ни треба архитектура загледана во иднината“, вели Димитров | Фото: Г. Ризаов

Ни треба архитектура загледана во иднината

Димитров бил член на комисијата која ги одбрала идејните решенија за изградбата на Градскиот трговски центар. Од оваа перспектива, соочен со намерите за интервенции врз изгледот и на тој објект, тој резигнирано вели: „Барокот е на место, но со времето многу доцни“.

За него, архитектурата е најмногу поврзана со местото и со времето, таа не се „произведува како слика во ателјето на уметникот туку во сите свои фази е јавен чин“.

„Зборував со еден доктор и ми вели сите биле против Ајфел кога ја градел кулата. Му одговарам ‘а бе човек, Ајфел бил пред времето 200 години, а вашиот премиер е 300 години зад времето’. Па распонот меѓу Ајфел и овие сега кај нас е 500 години. Нема каде да се сретнат“, низ насмевка раскажува познатиот архитект.

Димитров е убеден дека зад намерата за преоблекување на ГТЦ во барок приоритет нема естетската, туку лукративната компонента. „Идејата е во инженерингот, односно сегашните сопственици да станат малцински сопственици. Сè се врти околу имотот. Некој има намера тоа да го преземе откако ќе го надгради и ќе има доминантна сопственост“, се сомнева познатиот архитект.

„Треба да се ослободиме од прегратката на естетиката. Таму естетика нема. Дури и не се кријат дека тоа е гипс картон, дека е стиропор. Веќе нема криење“, вели Димитров.

Приказната за Скопје е жална приказна

Не сум националист, но сум патриот; тие две работи немаат ништо заедничко | Фото: Г. Ризаов

Не сум националист, но сум патриот; тие две работи немаат ништо заедничко

„Ние архитектите мора постојано да работиме на својата надградба , секој ден и секоја ноќ, за да бидеме во тек со времето. Архитектурата ако не е одраз на тоа што те опкружува, тогаш што е“, прашува јавно Димитров.

„На овие луѓе што климаат со глава не им е лесно. Па ако имаш некој личен кредибилитет, личен став, нема да можеш да го правиш тоа. Секогаш кога имало преголема сила која никому не му полага сметки, секогаш резултатите биле вакви. Приказната за Скопје е жална приказна“, заклучува тој.

Сепак, за Димитров решението не е во борба „гради во гради“ како пеливаните или гладијаторите . „Немаме зошто ние да излеземе на мегдан, но имаме право, обврска и капацитет јавно да проговориме за архитектура која ќе биде загледана во иднината и која на овој масакр треба да му стави крај“, отсечно вели Димитров.

„Да го најдеме правиот пат, како луѓе со професионални достоинства, да излеземе од она што е ретроградно и да излеземе од она што нема никаква врска со вредна архитектура, естетика, побогато живеење, оформување простори, радост на луѓето“, додава тој.

За жал, заклучува дека и архитектите, како и многумина други како еснаф не се изборија за престижна позиција. „Најслабата алка се ретроградните барања на инвеститорите. Архитектите по дефиниција работат по нарачка на инвеститорот. Мора да го отвориме и да го симнеме прашањето на реален терен, каде што сега никој не нè слуша“, вели Димитров.

Во проектот Скопје 2014, според, него, нема проектанти, туку само нарачатели, со што се губи вистинската улога и значењето на архитектите.