Истражувањa

За девет години, десетици милиони евра за „плати од дома“

Во едно од крилата на владината зграда има повеќе вработени од речиси сите други институции | Фото: БИРН

Над 67 милиони евра биле потрошени за плати и надоместоци во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор од 2009 година до крајот на 2017 година. Ова го покажаа податоците што по барање на БИРН ги обезбеди Министерството за информатичко општество и администрација од Министерството за финансии.

Овој секретаријат во јавноста е најпознат како институцијата каде што се водат како вработени административците што земаат плата, а не одат на работа и за кои се води постапка за да се прераспределат во други органи на јавниот сектор.

Министерствата не беа во можност да ни достават точни податоци колкава е сумата што им била исплатена на административците што не се појавувале на работните места во овој период.

Но, со оглед дека бројот на вработени во секретаријатот низ годините се движел меѓу 1.300 и 2.100, а владините функционери со години наназад излегуваат со бројки од 1.100 до 1.600 вработени за кои нема работа, но им се исплаќа плата, произлегува дека околу две третини од овој износ, или над 40 милиони евра, им биле исплатени на службеници што не извршиле никаква работа за државата и за граѓаните.

Во разговор за БИРН министерот за информатичко општество и администрација Дамјан  Манчевски вели дека е реална проценката дека од 2009 година навака барем две третини од вработените во Секретаријатот за рамковниот договор биле со обезбедена плата, но без работно место, со оглед на обемот на работата на таа институција и на задачите што ги извршува.

Трета најголема централна институција

Бројот на вработени во секретаријатот достигнувал и 2.115 | Фото: БИРН

Само Министерството за внатрешни работи (кое ја вклучува целата полиција) и Министерството за одбрана (во чии рамки е Армијата), имаат повеќе вработени од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, покажуваат годишните извештаи за вработените во јавниот сектор што ги издава МИОА. Со тоа Секретаријатот  е третата најбројна установа на централно ниво и 18 пати поголем од другиот владин секретаријат, оној за европски прашања.

Од јавните претпријатија, единствено „Македонски шуми“ има повеќе вработени од Секретаријатот за рамковен договор, додека железницата, водоводот и комуналните претпријатија располагаат со помалку човечки кадар.

Секретаријатот за рамковниот договор е институција со најмлади вработени, со просечна возраст под 33 години, додека во железницата, во комуналните претпријатија и во некои здравствени установи просекот е над 50 години.

Вработувања  во 29 бранови

Вработувањата се вршеле преку програмата К5, за правична застапеност | Фото: БИРН

Полнењето на бројот на вработени почнало уште во првите години од формирањето на овој секретаријат, кој во септември 2007 година, од Сектор за рамковниот договор при владиниот Генерален секретаријат се издвои во посебна институција.

Во 2009 година тој имал 896 вработени. Годишниот извештај на Агенцијата за администрација за таа година покажува дека според програмата К5, на работа биле примени 701 службеник, преку шест огласи, а преостанатите 195 лица што работеле во секретаријатот биле вработени по други основи. Според тоа, уште во оваа година речиси 80 отсто од персоналот на институцијата бил составен од т.н. рамковни вработувања за кои не било обезбедено работно место.

Веќе следната година, преку осум огласи биле примени уште 573 службеници, а вкупниот број вработени во Секретаријатот достигнал 1.320. Во 2012 година, според К5, се примиле уште 126 службеници, во 2013 уште 401, во 2014 биле вработени 400. Така, во 2015 година, Секретаријатот го достигнал највисокиот број вработени, вкупно 2.115. Во следните години тој се намалил до 1.756.

Платите и натаму се исплаќаат

Досега околу 250 вработени се преместиле во други институции | Фото: БИРН

На 8 март годинава, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, најавија план, според кој, 958 од вкупно 1.600 вработени што не одат на работа ќе се распределат во други органи на јавниот сектор

Еден месец откако беше објавен планот за прераспределба, во април годинава, владините портпароли објавија дека околу 90 отсто од административците ги потпишале решенијата и ја почнале процедурата да бидат преместени во други институции, каде што ќе работат за да си ја заработат платата.

Од 958-те административци за кои се направи план за распределба, досега околу 250 веќе потпишале финални договори и почнале да работат во други институции.

Според досегашната динамика прерасподелбата би траела со години, но сепак во изјава за БИРН министерот  Манчевски вели дека очекува целиот процес да заврши до март следната година.

Тој најавува дека наскоро ќе се донесе план за прераспределба и на оние околу 700 вработени што не одат на работа, кои не биле вклучени во планот од 8 март годинава. Потоа ќе следуваат промени во начинот на кој што се постигнува правична застапеност, за да не се создаде ваков проблем повторно.

„Сегашниот принцип е малку ограничувачки, и на ниво на Влада разгледуваме неколку опции со кои што апсолутно ќе се задржи и ќе се унапреди правичната застапеност. Сега е единствено ставено на софтвер, и ќе мора малку да го вклучиме човечкиот фактор за да се креираат политики на оваа тема“, вели Манчевски.

Од Секретаријатот и покрај обидите не добивме одговор за колку вработени е веќе завршен процесот, а колку и натаму чекаат префрлување.

Во меѓувреме платите на сите непречено се исплаќаат од буџетот на Република Македонија.