Вести

Заев: Груевски менувал урбанистички планови за да купи парцели на Водно

На десетата политичка бомба, според СДСМ, се обелоденува дека двата спорни ДУП-ови „Тасино Чешмиче “ и „Капиштец – Водно“ биле менувани само со цел Груевски преку блиски фирми и оф-шор компании од Белизе и Лугано, да купи имот вреден 5 милиони евра.

Лидерот на СДСМ Заев на десетата по ред политичка бомба ги обелодени причините за менувањето на двата урбанистички планови „Тасино Чешмиче “ и „Капиштец – Водно“ | Фото: М. Јордановска

Лидерот на СДСМ Заев на десетата по ред политичка бомба ги обелодени причините за менувањето на двата урбанистички планови „Тасино Чешмиче “ и „Капиштец – Водно“ | Фото: М. Јордановска

Контроверзната швајцарска фирма „Ексико“ од Лугано, фирмата на бизнисменот Орце Камчев „Кара“ и оф-шор компанија од Белизе се купувачи на атрактивни локации вредни 5 милиони евра. Овие локации, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, се наоѓаат на парцелите за кои власта во јули 2014 година изгласа измени на деталните урбанистички планови „Тасино Чешмиче “ и „Капиштец – Водно“ во кои беше предвидено и градење десеткатница на Водно.

Заев, со овие информации денеска ја презентираше десетата по ред „политичка бомба“ преку објавување повеќе аудио разговори од кои најголем дел наводно се водат меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески. На презентираните разговори може да се добие впеаток дека Груевски зборува во шифри, не оддава детални локации, но сепак очигледно е дека се зборува за купување парцели.

„Денеска ќе стане кристално јасно зошто трескавично, по секоја цена се менуваа деталните урбанистички планови во општината, што се криело зад нив освен Панорама, по чиј налог се менувале плановите и кој имал интерес од тоа. Зошто се случуваше сета драма околу претседавачот на советот, Мирослав Шиповиќ! Зошто Груевски и неговиот братучед Мијалков правеле сè, од притисоци врз советници во општината, до обиди за купување советници“, рече Заев.

Според него, менувањето на двата ДУП-а се случувало само за да се „задоволат мегаломанските афинитети на Груевски и за тој да може да си купи плац на Водно, прво од 2.700 квадратни метри, а потоа уште од 11.000 квадратни метри“.

Фирма на Камчев и две оф-шор компании газди на спорните локации

Во летото 2014 година, Советот на општина Центар ги изгласа измените на деталните урбанистички планови „Тасино Чешмиче 1“ и „Капиштец – Водно“. Со новиот ДУП за Тасино чешмиче беше овозможена изградба на контроверзната десеткатница со висина од 35 метри на местото на хотелот „Панорама“ на Водно.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски минатата година се спротивстави на носењето на двата ДУП-ови. Во тој период, претседавачот со Советот на општината, Мирослав Шиповиќ, беше уапсен и притворен за случајот „Машинопромет“, а подоцна пуштен да се брани од слобода. Откако беше пуштен, Шиповиќ гласаше „воздржан“ за носењето на измените на двата ДУП-ови.

Принт - скрин од порталот А1он од јули 2014 година, кога Советот на општина Центар ги изгласа двата спорни ДУП-ови

Принт – скрин од порталот А1он од јули 2014 година, кога Советот на општина Центар ги изгласа двата спорни ДУП-ови

Со оглед на тоа што неговиот глас беше пресуден, измените поминаа на седница, а не помина ниту обидот двете промени на урбанистичките планови да се дадат пред Уставен суд, кој се прогласи за ненадлежен.

Со ова, измените во двата детални урбанистички планови стапија во сила.

Принт-скрин од порталот Мкд.мк, кога Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да постапува по случајот

Принт-скрин од порталот Мкд.мк, кога Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да постапува по случајот

Според Заев и според документите што тој ги презентираше, во стариот ДУП-от кој во јавноста е познат како „Капиштец – Водно“, четири парцели биле наменети за спорт и рекреација.

„Во нацртот на новиот план, што се носеше на фамозните седници на општина Центар, ставиле маркици за семејно домување со посебен режим“, рече Заев.

Од документите од Агенцијата за катастар извадени пред два дена, може да се види дека овие парцели сега припаѓаат на фирмата „Кара“, каде што сопственик е бизнисменот Орце Камчев и оф-шор компанијата од Лугано, Швајцарија, „Ексико“.

katastar

Парцелите кои претходно биле наменети за спорт и рекреација, сега се во сопственост на фирмите „Кара“ и „Ексико“

Парцелите кои претходно биле наменети за спорт и рекреација, сега се во сопственост на фирмите „Кара“ и „Ексико“

На друга локација, во истиот урбанистички план, била направена уште една промена. Првично, таму стоело дека на локацијата треба да има зеленило, но со направените измени, се проектирале три маркици за куќи со површина од 11 илјади квадратни метри.

Според катастарските документи овие локации сега се во сопственост на фирмата Сирах Инженеринг, чиј сопственик е оф-шор компанија од даночниот рај Белизе – „Сирах Лимитед“.

На локацијата каде претходно било предвидено да има зеленило, со направените измени, се проектирале три маркици за куќи со површина од 11 илјади квадратни метри во сопственост на оф-шор компанија од Белизе

На локацијата каде претходно било предвидено да има зеленило, со направените измени, се проектирале три маркици за куќи со површина од 11 илјади квадратни метри во сопственост на оф-шор компанија од Белизе

„Управител на таа фирма е кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, чија сестра била и најверојатно сè уште работи во кабинетот на премиерот, а самиот Новачевски бил и сè уште е носител на повеќе јавни функции“, рече Заев и додаде „Груевски повторно криел имоти како што ги криеше четирите стана“.

Потпорен ѕид за да не се гледаат новите градби

Еден од денеска презентираните разговори наводно се води меѓу Сашо Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на Груевски. Во разговорот, Урко му објаснува на Мијалков дека шетаат со комбиња по населби.

„Уште од сабајле, по дождот, со комбиња шетаме по Скопје со човекот, и уште едно десет луѓе, функционериве овие“, вели Урко.

„За што“, прашува Мијалков.

„Па разгледуваат… ова… згради – мади, такви места, такви работи“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на поранешниот телохранител на Груевски, кој беше суспендиран од работа минатата година.

Денешните презентирани аудио снимки кои наводно се водат меѓу Груевски и Јанакиески изобилуваат со шифри за земјишта и парцели

Денешните презентирани аудио снимки кои наводно се водат меѓу Груевски и Јанакиески изобилуваат со шифри за земјишта и парцели

Во друг разговор, кој наводно се води меѓу Груевски и Јанакиески се зборува за поделба на парцели.

„Не сум видел како е направен ДУП-от, пошто немаше време, само реков да го распределат на поише парчиња. Јас би го направил на 20 парчиња, пошто тоа е големо. Ова новото е 11.000“.

„Да не е многу на 20 да се подели?“, прашува Јанакиески.

„И што губам ако го поделам на 20? Ништо, така?“, прашува Груевски, на што министерот за транспорт одговара дека „ќе му го презентира и ќе го нацртаат како што треба“.

Речиси сите разговори што ги презентираше СДСМ, а кои наводно се водат меѓу Груевски и Јанакиески не се експлицитни, па дури во еден момент гласот на Груевски вели: „Не знам дали можам вака да ти доловам во шифри, ама…“.

Понатаму, тие ги продолжуваат разговорите дека „сè треба да се заврши пред да биде избран новиот состав“, најверојатно мислејќи на новиот совет во општината Центар, по изборите во 2013 година.

„Со новиот состав е неизвесно, не знаеме што ќе биде“, вели гласот на Груевски.

Во тој разговор, тие разговораат за Деталниот урбанистички план, односно дали да има зграда од „приземје плус 5“.

„Не знам, немам претстава. Вака ти тргни, кога би било тоа твое, како е најбоље за тебе, така ќе го направиш. Ти да си у истава ситуација, како ти би постапил, така“, вели Груевски.

Понатаму, тие наводно разговараат за патот што треба да поминува на Водно, а гласот за кој СДСМ тврди дека е на Груевски, прашува: „Ми викаш пола патот е ваму, пола таму“?

„Па да им го бутнеме таму поише. На нивна територија, мислам на работ кај нив, ама цело кај мене да се гледа. Таму знаеш и што може да се направи? За да не се гледаат одоздола, да се дигне малку потпорен ѕид, да се напуни со земја и ќе гледаат у ѕид. Тоа ми текна“.

Каков е тој премиер што зборува во шифри?

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска праша зошто Груевски постојано има потреба да зборува во шифри додека ги води телефонските разговори.

„Каков е тој премиер кога мора да зборува во шифри? Чесен човек ќе признаше дека тој и братучед му Мијалков пруслушуваат и затоа зборуваат во шифри. Чесен човек ќе се охрабреше и ќе објаснеше и за возењата по комбиња низ Скопје и за делењата парцели и за линковите со фирмите Белизе и Лугано и за имотите на Водно што сакал да ги скрие со потпорни ѕидови од погледите на граѓаните. Но, нема потреба ништо да крие, ниту да признава. Сè е јасно. Готово е, Груевски“, рече Заев.

Тој уште еднаш ги повтори барањата на опозицијата, оставки од Груевски и неговата влада и формирање преодна Влада со мандат за спроведување фер избори.

На денешната прес-конференција на опозицијата присуствуваа и претставници од американската и од германската амбасада.