Анализи

Изборни бранувања за нов „Титаник“

Фотографирање на ливчиња имало во Ѓорче Петров, Аеродром и дури на три гласачки места во Центар | Фото: МИА

Фотографирање на ливчиња имало во Ѓорче Петров, Аеродром и дури на три гласачки места во Центар | Фото: МИА

Дваесет и осумгодишна девојка од Велес на денот на изборите околу 15 часот и 30 минути, на гласачко место во училиштето „Васил Главинов“, зад параванот го извадила мобилниот телефон од џебот и го фотографирала своето ливче. Членовите на Избирачкиот одбор ја забележале, ја тргнале од училницата и повикале полиција. Припадниците на МВР констатирале дека направила прекршок и ѝ ги фотографирале телефонот и гласачкото ливче.

Час и половина претходно, слично нешто се случило и во село Покрвеник, ресенско. Таму, пак, полицајците ја привеле жената што го сликала ливчето и ѝ го одзеле мобилниот.

Вкупно 20 различни случаи на фотографирање на гласачко ливче најдовме во извештаите на полицијата и на домашните набљудувачи за време на изборите што се одржаа пред речиси две недели. Спротивно на верувањата дека изборните нерегуларности се случуваат повеќе во руралните области, нашата анализа покажа дека дури седум од овие инциденти се случиле во главниот град.

Фотографирање на ливчиња имало во Ѓорче Петров, Аеродром и дури на три гласачки места во Центар.

Фотографирање на ливчето прекршок или криминал?

Токму во општина Центар, на гласачкото место во Центарот за рехабилитација и образование „Св. Наум“, според набљудувачите на МОСТ, имало дури и посериозен инцидент. Гласачот не само што го фотографирал ливчето, туку се искарал со членовите на Избирачкиот одбор и насилно го ставил ливчето во кутијата. Се заканил и заминал, меѓутоа никој не повикал полиција.

Набљудувачите констатирале дека и во Радовиш на едно изборно место, Избирачкиот одбор неколку часа толерирал фотографирање на гласачките ливчиња.

Фотографирање на ливчињата било забележано и во Валандово, Струмица, Конче, Тетово, Крушево, Пехчево и во Босилово.

Наместо во Крушево, на список за гласање во Мелбурн

Таткото на девојка од Крушево пријавил во полиција дека неговата ќерка не можела да гласа, бидејќи ја нема на главниот гласачки список. Ја префрлиле на оној за дијаспората и можела да гласа единствено во Мелбурн, Австралија.

Родителот им кажал на полицајците дека се сомнева, оти некој намерно ја избришал од списокот.

Девојките од Велес и од Ресен добија прекршочна пријава и треба да платат казна меѓу 300 до 1.000 евра зашто ги фотографирале ливчињата, бидејќи тоа е јасно забрането со Изборниот законик.

Меѓутоа, асоцијацијата МОСТ во прелиминарната изјава за изборите констатираше дека на 11 декември имало зголемен број случаи на фотографирање зад параваните, што според невладината укажува на индиции за поткуп и за притисоци кои се случувале надвор од гласачките места.

Тоа значи дека овие инциденти не можат да се сведат само на парични казни за оние што  фотографирале. Обвинителството треба да истражи дали девојките од Велес и од Ресен, како и останатите 18 лица, ги фотографирале ливчињата за спомен, за да ги објават на Фејсбук или, пак, да ги покажат некому што им вршел притисок или ги поткупил за да заокружат одредена опција.

Тоа веќе е сериозно кривично дело за кое законот предвидува казна затвор од најмалку три или најмалку пет години за оној што врши притисок врз гласачите или ги поткупува.

Евиденција на гласачи, поткуп…

Во четири случаи не било проверено дали гласачите имале невидливо мастило на рацете, додека на друго место тројца гласале, иако имале траги од мастилото | Фото: МИА

Во четири случаи не било проверено дали гласачите имале невидливо мастило на рацете, додека на друго место тројца гласале, иако имале траги од мастилото | Фото: МИА

Парична казна до 1.500 евра му се заканува и на жител на Центар Жупа, кој во неделата на изборите застанал пред вратата на гласачкото место и ги евидентирал гласачите. Слично нешто се случило и во соседната општина Маврово и Ростуша, каде што набљудувачите забележале дека лицето што запишувало гласачи на посебен список, потоа листата ја предалo на друг човек.

Неовластено евидентирање гласачи имало и на неколку избирачки места во Кичево, Демир Хисар, Штип, Пробиштип и во скопските општини Сарај, Ѓорче Петров и Карпош.

Во извештаите на полицијата и на домашните набљудувачи има нотирано и наводи за поткуп на гласачи, во кои доминираат пријави за потплаќање Роми. Набљудувачите на МОСТ забележале дека се поткупуваат граѓани од ромска националност пред училиштето „Санде Штерјоски“ во Кичево, додека полицијата јави за информација дека спроти касарната „Илинден“ во Скопје, каде што претежно живеат Роми, лице во автомобил „фолксваген шаран“ поткупувалo гласачи.

Кај Хелсиншкиот комитет бил пријавен сличен случај во Кисела Вода, каде што на Роми им било нудено по 1.000 денари за да гласаат, додека во Сарај било евидентирана поголема група луѓе од ромска националност, како влегуваат во штаб на одредена партија од албанскиот политички блок и затоа се јавил сомнеж за поткуп.

Во скопски Аеродром, пак, на неколку избирачки места имало неправилности поврзани со невидливото мастило. На едно избирачко место во четири случаи не било проверено дали гласачите имале невидливо мастило на рацете, додека на друго место тројца гласале, иако имале траги на прстите. Во Липково, пак, „у-ве“ ламбата не била користена цел час.

Покрај овие неправилности, во извештаите има случаи и за агитирање за време на изборниот молк и сугерирање како да се гласа, а има и неколку инциденти кога гласачи ги искинале ливчињата.

Јавното обвинителство десетина дена пред гласањето информираше дека оформило вкупно 42 предмета за кривични дела поврзани со изборите.

Од нив 20 предмети се оформени по службена должност, а по допрен глас од медиуми или од социјални мрежи, три предмети по кривични пријави поднесени од лица, а деветнаесет предмети се оформени по пријава од здруженија, политички партии и од институции.

И првата истрага што ја објави Специјалното јавно обвинителство на почетокот од годинава, наречена „Титаник“, се однесува токму на криминали поврзани со изборниот процес на последните неколку гласачки циклуси, за кои се слушна во „бомбите“ на СДСМ.

Истражувањето на БИРН, објавено летоска, покажа дека во периодот од 2008 до 2015 година, 800 кривични пријави за изборен криминал резултирале со 165 обвиненија и со 131 пресуда, а во затвор казната ја издржале само четириесетина лица.