Хеклерите на добрите чичковци

Не, не мора да се брза со пополнување на празните места во Владата. Можеме и без министер за здравство. Еве ДИК веќе донира таму-ваму, можеби и пациентите со ретки болести ќе добијат таква донација за да си купат некој од прескапите лекови…

Но, велам дека не мора толку многу да се брза, имајќи предвид дека од хуманитарен карактер ќе биде и утрешниот ракометен натпревар Вардар – Металург: приходот ќе биде наменет за операција на Борче Јовановски (16) во Италија. Во салата ќе бидат поставени и кутии за донации. И тоа не е сѐ. И средствата од натпреварот Металург – Динамо Панчево (на 12 декември) ќе бидат наменети за хуманата акција.

Не знам со каков кадровски предлог игра Села, и со каков предлог играат Заев и Ахмети, дали паркетот е добро избришан за да не се лизне некој, ама ако случајно им недостига министерски кадар за ресорот здравство, нека ги имаат на ум луѓето од стручните штабови на двата клуба. Тие во моментов доброволно ја покриваат работата на здравствените власти.

Се прашувам, како би звучело кога портпаролот на Владата би излегол на прес-конференција, за да соопшти: за нов министер за здравство е избран… Раул Гонзалееес!!! А зошто да не? Борко Ристовски еднаш го прогласивме за министер за одбрана. И подобар беше од тогашниот, вистинскиот. Бидејќи Македонија се брани со резултати, а не се пароли. 

Груевски папагалски прашува каде се видело полиција да апси пред малолетни деца? Каде се видело да апси режисер? Епа во Македонија се видело. Токму во мандатот на неговата влада

Тоа мора да го разберат и оние што со денови трубат дека во притвор завршиле луѓе што ја сакаат Македонија и сакале да ја одбранат. Од кого? Од што? И како ја бранеле? Со тоа што биле мотивирани и нас’скани да тепаат и да убиваат свои сограѓани, а други им овозможиле непречен пристап за тоа? И ако навистина верувале дека ја бранат, зошто имале причина да се срамат и да се кријат под фантомки за никој да не им ги види лицата? Но, изгледа точно знаеле дека не ја бранат баш Македонија, туку група нејзини цицачи и нивни наредбодавци. И тоа за привилегии. Накусо кажано – патриоти за зелени банкноти.

Денес, нивните наредбодавци имаат голем проблем како таа криминална позиција да ја конвертираат во високо морална, па се вртат во круг бркајќи си ја сопствената опашка. Но, таа опасна игра и натаму ги јаде нејзините наивни „деца“, па ќе чуеме од еден актер како патетично ја изместува темата од правна рамка и ја сместува во интраетничка: „Не верував дека ќе дојде време Македонец да апси Македонец“. Навистина? А кога му го апсеа братот Љубе, тоа како се третираше – како апсење Хрват? Велија Рамковски веројатно како „торбеш“. А сите останати само како „предавници“, оти така полесно се објаснува зошто не можат да бидат наречени Македонци.

Груевски, пак, папагалски прашува каде се видело полиција да апси пред малолетни деца? Каде се видело да апси режисер? Епа во Македонија се видело. Токму во мандатот на неговата влада. Истиот Борис Дамовски кој сега е осомничен за тероризам, во 2013 година беше уапсен за „шпионажа и злосторничко здружување“. Од неговото и другите спектакуларни апсења, тогашното МВРО-ВМРО им делеше снимки на сите телевизии со дебела минутажа. А како што сведочеше самиот Дамовски, апсењето било извршено во 5 и 30 наутро, пред очите на неговиот малолетен син.

„Aкцијата беше спроведена спектакуларно, малолетниот син се разбуди во 5 и 30 часот. Ние успеавме да го направиме целиот спин дека тоа е игра и филм, така што на крај заврши споредувајќи ги своите митралези што ги прави од дрво, со хеклерите на специјалците. Распитот траеше половина час, а потоа 13 часа седев на неудобно столче“, сведочеше Дамовски, откако единствено тој од „шпионите“ беше пуштен дома.

Се плашам дека во наивен филм влегоа и актерите од МНТ, кои мислат дека со неиграње на претставата „Ничија земја“ го бранат Владо Јовановски од притвор. Тие требаше да го одбранат Владо од него самиот. Сѐ друго е задоцнето реагирање

Оваа прилично топла приказна за ладното оружје, таа утринска бајка за мали деца во која хеклерчето ќе биде прикажано како еклерче, навистина ги потврдува дарбите за спин и влегување во „филм“. А истрагата ќе покаже дали и кои од приведените станале еднооки кон 27-моаприлските „филмови“ на власта и зошто воопшто влегле во нив. 

Се плашам дека во наивен филм влегоа и актерите од МНТ, кои мислат дека со неиграње на претставата „Ничија земја“ го бранат Владо Јовановски од притвор. Тие требаше да го одбранат Владо од него самиот. Сѐ друго е задоцнето реагирање, во време кога на сцена се само последиците. Актерите требаше да одбијат да настапат тогаш кога на сцената беа причините.

 Вака, само се редат во ист строј со груевистичкото лицемерие, докажувајќи дека и за нив „не е нормално“ актер да оди во притвор, ама дека е сосема „нормално“ актер да пишува дека „ќе има војна“ и да предизвикува тензии во јавноста прашувајќи „колку чини пластичен експлозив на црниот пазар“ и да упаѓа во законодавен дом. Заради ваквото кратко памтење, на актерите од МНТ целосно „им изгоре театарот“ и во морална и во професионална смисла.

На крајот, сите мора да имаат трпение и да го остават судството да ги води процесите, а не да ја расчистуваат правдата по театарските штици или со вревење пред оперска претстава во МОБ. Уште помалку им треба партиска одбрана.

Особено притворените пратеници би требало да го замолат Груевски да не ги брани. Барем не на начинот на кој го прави тоа, ламентирајќи дека е намалена бројноста на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот. Тој не зборува за луѓе со име и презиме, туку за проценти. Вели, „во моментов пет проценти од сите пратеници се во притвор домашен или ефективен или 12 проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“.

Груевски зборува на единствениот јазик кој најдобро го разбира – јазикот на процентите. Исто како во разговорите за кинеските провизии. И таму се зборуваше за „пет проценти на целата сума“. Да сумираме – колку проценти влегле во касата, толку се изгубиле во парламентот. Состојба нула.