Хранители на Левијатанот

Ме фрапира еуфоријата што завладеа по интервјуто на поранешниот државен секретар во ДБК, Слободан Богоески, кое покрај другото, најмногу откри колку е незрело македонското општество и колку, за жал, сѐ уште е далеку од можноста еднаш да созрее. Богоески на јавна сцена се обиде да застрела лисица и волк, и испука куп вербални куршуми кои навидум ги погодија целите, ама рикошетирано се вратија и кај него.

Тој се обиде да произведе пријатна музика за ушите на сите кои очекуваат правда и промени, но тоа го направи во комбинација со дози на фалш, а самиот си оспори и голем дел од наративот со тоа што не даде јасни одговори. Имено, клучните откритија не произлегуваат од она што Богоески го кажа туку од она што се обиде да го премолчи.

Дел од оние кои денес се фрапираат од големината на Левијатанот надвиснат над Македонија, биле директни соучесници во градењето на финалниот производ и на митот за недопирливост на фамилијата и нејзините најистакнати претставници

Прво, јавноста досега немала никакви официјални информации дека полицијата некогаш го приведувала Сашо Мијалков за трговија со дрога. Богоески тврди дека е сведок на тоа и дека стои зад таквото тврдење. Она што не го одговори е: ако Мијалков бил приведен, дали пријавата била процесуирана, дали била изречена санкција за сторителот или завршила во мрачна фиока, за да може некој по две децении да раскажува џандарски или рибарски прикаски за нешто што не било институционално спроведено.

Изгледа се случило токму ова последново, штом новинарите досега не го дочекаа споменатиот пред затворска капија туку и натаму талкаат по улицата „Салвадор Аљенде“ за да откријат во која од луксузните куќи тој непречено и заштитено од МВР го остварува станарското право.

Необјаснувањето на овие „дребулии“ го отвора прашањето дали пред нас навистина стои поранешен професионалец, како што самиот се декларира,  или човек кој калкулирал со постапките, ги чувал и складирал за вакви кризни пригоди.

Објаснувањето на петната од блиското минато, не може да се темели на збир од индивидуални сведоштва и митологии, политички или разузнавачки сеедно, кои претендираат токму преку нив да оценуваме нечиј учинок, да ја разбереме сегашноста и да изградиме ставови за иднината. Нив мора да ги доживеме и да ги анализираме исклучиво преку институционален епилог, што во случајов воопшто го нема.

На сличен начин како Богоески, продефилираа и други кои решија да ѝ додадат по некоја нота на оваа мелодија. Taка, Фрчкоски раскажа дека Сашо Мијалков бил приведен откако со џип влетал во ноќен кафе бар и учествувал во тепачка. Откако му било кажано дека е син на покојниот министер за внатрешни работи, Јордан Мијалков, Фрчкоски од почит кон таткото, не дозволил на синот да му биде напишана пријава. Тоа го сторил во два наврата.

Што сака да каже Фрчкоски со ова? Ја потсетува фамилијата каков џентлмен бил и какво добро своевремено им направил, или јавно признава дека ја злоупотребил својата службена должност и дека институцијата што ја раководел не функционирала според законите туку според неговата емпатија кон одредени лица?

Еден европски министер пред неколку години јасно покажа како се изразува вистинска почит. Тој лично го пријавил неговиот син во полиција дека возел под дејство на алкохол и покрај тоа што момчето не било запрено од полиција и стигнало дома без да направи каков било инцидент во сообраќајот: без да влета никаде со автомобилот, ниту физички да се пресметува под дејство на малигани.

На тој начин министерот сакал да искаже почит кон институцијата што ја раководи, кон законите во земјата, кон превентивата од потенцијално загрозувачки состојби и навреме да му одржи важна лекција на синот: дека неговата министерска функција нема да биде ниту панцир, ниту олеснителна околност за  каква било лудории при кои момчето ќе се судри со законот. Тоа е вистинска почит.

Но, господата професионалци на погрешен начин ја разбирале и изразувале почитта, па секој од нив на свој начин ставал по една тула во самодовербата на еден enfant terrible, уверувајќи го со тоа дека никој ништо не му може и дека законите не мора да важат за него. Тие најдиректно се посрале врз законите на земјава и врз еднаквоста на граѓаните пред нив, и станале директни соучесници во градењето на финалниот производ и на митот на недопирливост на фамилијата и нејзините најистакнати претставници.

Па, кога денес ги критикуваат нефункционалните институции, треба да признаат дека и самите дале придонес во нивното разградување, без оглед дали мотивите им биле лични калкулации или почит кон некого. Она што морале како професионалци да го знаат, е дека е многу опасно кога некои деца ќе станат поеднакви од другите и заштитени како ретки ѕверки, бидејќи е краток патот кога земјата ќе дојде до стадиум, кога нечии други деца, синови и ќерки на нефункционери (обични луѓе кон кои не мора да се има никаква почит, нели), ќе бидат најдени мртви по градските плочници, а децата што некогаш овие професионалци ги амнестирале, ќе ги кријат причините за смртта на сосема неважните деца.

Ќе можат ли професионалциве аргументирано да му ја објаснат оваа „логика“  на семејството на Мартин Нешкоски, на пример, без опасност да бидат дигнати на клоци?

Но, за жал, токму ова е „ефектот“ од лекцијата што тие своевремено му ја дале на младиот Мијалков: дека му се може! И сега се фрапираат кога ќе слушнат дека бивш македонски полициски функцонер бил приведен по некои регионални аеродроми, бидејќи му бил откриен пиштол во багажот! Како можел да шета така како шериф?

Ваквото задоцнето објаснување на „стари вистини“, суптилно го дефокусира вниманието од актуелните опструкции со кои се соочува СЈО

Е па тоа е „пиштолот“ што токму тие му го дале кога пред две децении му ги скинале или скриле пријавите. По нив, тоа сигурно го правеле и некои други професионалци, па сега сите лицемерно и неосновано се фрапираат од големината на Левијатанот што е надвиснат над државата.

Заради таквиот „професионален“ менталитет, овде не бил потребен никаков Контоминас да ни ги купува ни министрите или премиерите. Никој и ништо не може да ја загрози и да ја урне државата од надвор, ако таа на ваков начин не е разјадена од внатре.

Затоа, молам без лаги и мистификации. Не може еден поранешен разузнавач да не знае дека Никола Груевски не го потишал договорот со „Окта“, а тогашниот премиер Љубчо Георгиевски да не се сеќава кој го потпишал, при жив и здрав Борис Стојменов и неговиот јасно видлив и читлив потпис.

Не може да се тврди дека „бомбите“ покажале оти во конференциска врска за промена на името учествувале и лица од Грција. „Бомбата“ број 33 открива конференциска врска, но меѓу тројца домашни функционери, кои во шифри разговараат за договорена средба со лица од Грција.

Токму ваквите непрецизности, полуинформации или дезинформации, ги компромитираат и изнесените вистини за начинот на кој е разградувана, ограбувана и присвојувана државата за потребите на една мала група во власта. Па се прашувам, случајни ли се ваквите грешки или намерно оставени за да отворат простор за сеопфатен демант, како што веќе е најавен од ВМРО-ДПМНЕ преку тужбата за клевета, со цел и искажаната вистина да изгори заедно со изнесените шпекулации?

Патем, се плашам и дека ваквото задоцнето објаснување на „стари вистини“, суптилно го дефокусира вниманието од актуелните опструкции со кои се соочува СЈО. Прашањата –  како се случило СДСМ да се согласи со ВМРО-ДПМНЕ за рок од 18 месеци за СЈО, како што сведочи Ванхауте, кој на СЈО му затвора врата во УБК и по чиј налог, како и купиштата докази за актуелни злуопотреби кои треба да влезат во правна постапка, сега се дефокусирани од нешто што никогаш не доживеало правна судбина, благодарение на оние кои денес гордо сведочат за туѓиот првичен грев.

Но, како што велат – и расипан часовник два пати во денот покажува точно време. Многу брзо ќе се види колку е часот, чие време изминува, чие доаѓа и дали воопшто доаѓа.

Ќе се види дали има заткулисни договори изборите да станат најважната споредна работа во Македонија и дали сѐ е сведено на инерција која во себе нема супстрат за какви било промени и департизација туку за нова полицизација на државата. Односно, дали во креирањето на иднината повторно ќе бидат измешани стари и нови разузнавачки рестлови, и зошто некои партии би прифатиле да бидат во таква маса, договорно хомогенизирана во големот политички нутри булет.

За жал, знаците покрај политичкиот пат во моментов покажуваат како сите да се водат од поговорката што неодамна ја цитираше Ѓорге Иванов, кој многу работи промаши, ама оваа ја погоди: „Да се држиме заедно, за да не висиме одвоено“.