Куќата на злото

Колумна на Сашо Кокаланов

Во недела во која Ивона Талевска доби условна казна за затајување данок, Ѓорѓе Иванов безусловна награда за лидерство, Билјана Ванковска распишува конкурс за интелектуалци, а на градоначалник друг (!?) му распишал општински тендер за фигара за коса, глупаво е човек да не се занимава со сатира.

Но, ете, дури и во вакви недели кога лудилото ни е пуштено на најјако, во една луда земја како нашата, може да се случи нешто што ќе ја направи секоја сатира беспредметна, а секој обид да се биде духовит и да се бара смешната страна на нештата да звучи како силување на здравиот разум.

Tребаше ли да дојде до абортус, за да разбереме за приказната за дванаесетгодишното девојче од домот „25 Мај“ кое било силувано, присилувано на проституција, а најверојатно и дрогирано. Па, да дознаеме и дека не е единствен случај. Која сурова иронија, човече, државата го одзела девојчето од родителите поради несоодветна грижа. И потоа им покажала на сите како изгледа „соодветна грижа“.

Кој се потфрлил? А, кој не. Буквално сите во општеството.

Непоправливо е уништен животот на едно дете! Тоа е миг кога и јас-поборникот против смртната казна за да не продолжи спиралата на злото молчи пред јас-таткото кој пцуе, колне и бара правда. Не постои правда во вакви случаи. Но, мора да постои право. Казнено право

Прво, секако одговорните во домот. Не може да ти се случува вакво нешто пред очите да ти да останеш нем, глув и слеп. Па, дури и ако целата девијација била надвор од домот, дури и ако девејчето го водиш како бегалка, не си седиш мадро. Испушташ некаков крик, алармираш, апелираш, бараш помош. Каде може да е штитеничката на домот кога е во бегство? Сигурно не ви побегнала за да оди на курс по англиски.

Второ, вина има и во полицијата. Девојчето било носено да се проституира на добро познатата локација за ваков тип услуги, зад МТВ, јавна куќа на отворено за чие постоење се чини знае секој во градов, освен полицијата.

Не заговарам репресивни мерки против оние што се бават со најстариот занает. Напротив, проститутките се маргинализирана група без никакви права (ако се изземат, се разбира, оние што се бават со политичка проституција, ама тоа се веќе, нели, интелектуалк(ц)и). Ако ви недостига елементарна емпатија за овие луѓе, (пре)прочитајте ја „Сеќавање на моите тажни курви“ од Маркез. Како и да е, на полицијата не ѝ е работа да го чита Маркез и да се сеќава на неговите курви, туку да излезе на терен и да се „среќава“ со нивните макроа. Не може да си седи отстрана, а уште помалку може да ја нема кога тие макроа вадат мали девојчиња на улица.

Вина има и во новинарите. Колегите од „Бостон глоуб“ кои наместо да собираат ловорики за објавувањето на аферата со сексуалното злоставување на стотици деца во приватни црковни училишта, кажаа дека се срамат, зашто податоците што ги собрале членовите на „Спотлајт“, групата истражувачки новинари на „Бостон глоуб“, датираат уште од 1991 година, а аферата избива во јавноста дури 25 години подоцна. Треба да се срамиме и ние што за ваквите афери дознаваме последни, иако сево ова ни се случува(ло) пред носот.

Оставката од морални причини на директорот на домот „25 Мај“ Стево Соколовски е недоволна. Предоцна и премалку. Ова е случај во кој мора да има кривична одговорност, и тоа не само за сторителите – тој што го подвел девојчето на проституција, тој/тие што ги користеле услугите, тој/тие што силувале, тој/тие што го дрогирале, тој/тие што не презеле ништо…

Непоправливо е уништен животот на едно дете! Тоа е миг кога и јас-поборникот против смртната казна за да не продолжи спиралата на злото молчи пред јас-таткото кој пцуе, колне и бара правда. Не постои правда во вакви случаи. Но, мора да постои право. Казнено право.

Конечно стана малку појасна и кадровската стратегија на новата власт. Тие ги оставаат старите директори на институциите со цел сите скандали да паднат на грб на претходната гарнитура

Со случајов, конечно стана малку појасна и кадровската стратегија на новата власт. Тие ги оставаат старите директори на институциите со цел сите скандали да паднат на грб на претходната гарнитура.

Се разбира, оваа стратегија не би имала никаков успех доколку во опозициската партија „Ние сме лудаци“ не би било пуштено на најсилно.

ВМРО-ДПМНЕ, имено, побара одговорност и од оние кои го поставиле Соколовски на функцијата директор на Заводот за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми „25 Мај“, а не само од него лично. Така, партијата всушност се повика самата себе на одговорност, бидејќи Соколовски е поставен на функцијата од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2006 година бил назначен за вршител на должноста, а од 2007 година е директор.

„Директорот што си поднесе оставка не се поставил сам на функцијата“, рече меѓу другото Јована Мирчевска, на прес конференцијата пред Министерството за труд.

Ни Јована не се поставила сама за говорник на овој прес. Ја пратил некој од партијата. Но, до завршувањето на оваа колумна, никој од ВМРО-ДПМНЕ не ја презеде одговорноста, ниту за Мирчевска, а уште помалку за Соколовски.

Да се праша лидерот Мицковски станува сосема беспредметно, зашто тој не два, дваесет часа интервју да добие, на сите прашања исто ќе ви одговори, во стилот на оној рецепционерот Талат од серијата „Преспав“ – „Ја не сум одавде“.

Тоа, сепак, не значи дека ние што сме „одавде“ и што планираме да останеме овде во оваа „куќа на злото“ (Агата Кристи) не треба да прашуваме. Еве три прашања за почеток. Едно за Обвинителството: Колку кривични пријави се поднесени и за кого во случајот со силуваното девојче? Второ за полицијата: Уште колку вакви случаи имате по домовите? Трето за власта: Уште колку Соколовци ви директоруваат по институциите?