На Македонија ѝ треба инклузивна дебата за да успее референдумот

Колумна на Ерван Фуере

Во услови кога е закажан датумот за одржување на референдумот за договорот меѓу Грција и Македонија, чија цел е решавање на долготрајниот спор меѓу двете земји за името, Владата на Република Македонија, предводена од Зоран Заев, во овие неколку недели колку што останаа до гласањето, ќе треба да почне голема информативна кампања.

Инклузивната јавна дебата, на национално и на локално ниво, ќе биде од суштинско значење за на граѓаните да им се обезбедат сите потребни информации, врз основа на кои тие би донеле одлука, дали да ги прифатат условите од договорот или не. А времето е кратко.

Ако Владата одлучи да одговори на обвинувањата дека ѝ недостигала транспарентност во водењето на преговорите кои доведоа до договорот, преостанатото време таа мора да го искористи, добро да ги употреби сите ресурси што ѝ се на располагање, за да почнете дебата низ целата земја.

Во овие напори, таа треба да ги вклучи и организациите од граѓанскиот сектор, академската заедница, медиумите и сите засегнати страни во општеството. Ова воедно ќе биде и најдобриот начин да се неутрализира можната закана од бојкот од страна на опозицијата, што ќе ги поткопа шансите за постигнување на прагот на минимум излезност на гласачите од 50 отсто, колку што е потребно за резултатот од референдумот да биде валиден. 

Најголемиот предизвик за Македонија ќе биде да покаже дека договорот ја отвора вратата за помирување со Грција врз основа на еднаквост и дека тој овозможува почнување преговори за пристап во ЕУ и во НАТО

Во политичкиот живот на Балканот постојат бројни примери за бојкотирање на работата на парламентот од страна на партиите, па дури и примери за бојкот на избори или референдуми. Политичкиот дијалог и градењето консензус и натаму се тешко остварливи цели во целиот регион. Без оглед на тоа дали станува збор за Албанија, за Косово или за Македонија, ретко која собраниска седница може да помине без бојкот на една или на друга партија.

Таквите бојкоти ретко успеваат, освен доколку во вакви ситуации не се вклучат и меѓународни посредници, кои ќе се обидат да најдат компромисно решение. Се разбира, оваа практика не е ексклузивна за Балканот. Зборот „бојкот“ е влезен во англискиот речник во 1880 година, а самиот термин е земен од името на капетанот Чарлс Бојкот, бескрупулозен претставник на земјопоседниците од Ирска, за време на британското владеење, кого локалната заедница колективно го игнорирала.

Овие брутални колонијални денови се одамна зад Ирска. Повеќе од 100 години подоцна, Ирска понуди одличен пример за постигнување мир преку дијалог и компромис, со историскиот договор на Велипеток (Good Friday) од 1998 година, кој по неколку децении на конфликти донесе мир во Северна Ирска. Договорот ја вклучи и Ирска, која се откажа од Северна Ирска, што бараше промена во ирскиот Устав.

Граѓаните на цела Ирска имаа можност да гласаат на референдум што се одржа истовремено во северниот, и во јужниот дел, во мај 1998 година, за исходот на преговорите и за договорот. Копија од договорот им беше доставена на сите домаќинства, со молба да излезат и да го остварат своето демократско право на глас. Ова беше пропратено со голема информативна кампања низ Ирска.

Од 56 отсто од гласачите што излегоа да гласаат на референдумот во Ирска, 94 отсто гласаа за договорот, додека во Северна Ирска на гласање излегоа 81 процент од гласачите, од кои 71 отсто гласаа „за“. Тоа беше победа за мир и просперитетна иднина.

Предизвикот ќе биде да се прекине традицијата, луѓето да гласаат исклучиво по партиска или по етничка линија и да се охрабрат да гласаат за основаноста на договорот и за тоа што тој значи за иднината на Македонија

Македонија и другите земји од балканскиот регион имаат долг пат пред да стигнат до ова ниво на политички дијалог и компромис.

И покрај многуте недостатоци што ги содржи договорот за „името“ што го постигнаа Македонија и Грција, тој, сепак, дава надеж дека многу билатерални спорови што продолжуваат да го мачат целиот регион, можат да бидат решени со дијалог и со политичка волја.

Како и во случајот на Северна Ирска, потпишувањето е најлесниот дел. Најголемиот предизвик за Македонија ќе биде да покаже дека договорот ја отвора вратата за помирување со Грција врз основа на еднаквост и дека тој овозможува почнување преговори за пристап во ЕУ и во НАТО. Владата сѐ уште не ја убедила јавноста дека тоа е така.

На Владата, недостатокот на традиција за јавна дебата, ѝ ја отежнува оваа задача; претходната влада предводена од Никола Груевски одбиваше да учествува во јавни дебати со тогашната опозиција. Иако Груевски, кој се соочува со повеќе кривични пријави, е сменет од лидерската позиција на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има нов лидер, таа допрва треба да покаже дека се реформира во партија која е подготвена да се ангажира, како што впрочем треба да прави една конструктивна опозициска партија.

Во меѓувреме, актуелната Влада, која е на власт од мај минатата година, инвестираше огромни напори за промовирање инклузивен модел на управување. Сепак, ќе треба да вложи повеќе напори, на потранспарентен начин да се ангажира во сите сектори на општеството.

Користењето на социјалните медиуми нема да биде доволно. Предизвикот ќе биде да се прекине традицијата, луѓето да гласаат исклучиво по партиска или по етничка линија и да се охрабрат да гласаат за основаноста на договорот и за тоа што тој значи за иднината на Македонија.