Некои нови клинци

Колумна на Сашо Кокаланов

Прашале некој болно амбициозен човек дали би ја прифатил Нобеловата награда за мир доколку му биде доделена.

– Дали би ја прифатил!? Би убил за Нобелова награда за мир – одговорил овој.

Не дека вицов има некаква врска со кандидатурата на Срѓан Керим за генерален секретар на Обединетите нации, но едноставно го чув во време на сериозна душевна болка и разочараност од освоеното претпоследно деветто место и… Не е важно, само сакав да кажам дека не очекувам ништо добро од свет кој не може да препознае добар кандидат.

Светот ја мрази Македонија. Не е ова теорија на заговор туку е гол ноторен факт. Гледајте што ни прават. Прво го смислија ад-хок телото за медиуми за да ги казнат Сител и ТВ Нова и да го осакатат македонскиот гледач да мора со сила да гледа пресови на СДСМ, потоа нѐ понижија со деветтото место на Керим во Њујорк, a сега и ова со Игнобел наградите.

Иако отпатуваа во Кембриџ како апсолутни фаворити во повеќе категории, Македонците се враќаат од манифестацијата без ниту една награда. Притоа, поради цензурата на медиумите наметната од надвор, македонските граѓани дури не можеа ниту да бидат информирани за неправдата што ни се случи. Но, вистината е како шило и со пркос кон ад-хок телото, ја објавувам во оваа колумна, па нека ме казнуваат колку сакаат.

Шефот на ВМРО-ДПМНЕ успеа да докаже дека со 1.600.000 долари фрлени по лобисти не може да се купи слобода за четирите украдени милијарди

Секој октомври во театарот Сандерс на Универзитетот во Кембриџ се доделуваат Игнобеловите награди. Станува збор за настан многу сличен на доделувањето на Нобеловите награди во декември. На прв поглед сѐ е исто како со настанот во Стокхолм, дури и ваму на Кембриџ наградите се поголеми. На пример, ако Нобеловата тежи околу милион долари, добитниците на Игнобел добиваат по десет милијарди долари. Со таа разлика што Нобеловата е во американски долари, а Игнобеловата во зимбабвевски долари.

За да ни биде криво уште повеќе, со Зимбабве негуваме традиционално блиски односи, а Груевски и претседателот Мугабе се и лични пријатели, па немаше да изгубиме на провизија по менувачници. Десетте милијарди долари од Зимбабве се приближно 40 американски центи, Игнобел доаѓа од зборот „ignoble“ што значи бескорисно, но тоа не е причина да бидеме рамнодушни кон неправдата што ни е нанесена, зашто не е сѐ во парите, за Македонија се работи.

Имавме сериозни кандидати за сите десет категории. Оваа година прва категорија беше репродукција, предмет што ни лежи и во што толку вложуваме, но светот остана глув за сите наши напори на овој план. Беа доделени и за физика, економија, хемија, медицина, психологија, мир, биологија, книжевност и за научно забележување. И речиси во сите категории изгубивме со тесен резултат.

Влатко Ѓорчев, на пример, во категоријата репродукција беше номиниран со својата теорија за вмровската компонента во македонското ткиво. Тој научно докажа дека македонското ткиво е составено од 500.000 возрасни и 300.000 деца. Што се случува во ткивото? Според него, при репродукција на две возрасни клетки од вмровска провениенција задолжително се раѓа нова клетка-вмровец. Оваа политичка митоза се случува независно од работата на СЈО, утврди Ѓорчев во своите истражувања, кои ги изнесе пред собраниска комисија. За жал, изгуби во последната рунда од гласањето во Кембриџ, затоа што немаше објаснување што се случува во мешаните бракови, односно кој хромозом надвладува ако едниот родител е вмровец, а другиот не е.

– Сакате да кажете ако таткото е вмровец, а мајката комуњарка, на пример? – прашал Влатко.

– Па, на пример – одговориле од комисијата на Харвард.

Влатко мислел околу пет минути, а потоа гласно опцул „Мамицата у книшка“ и си заминал од сцената. Наградата мораше постхумно да му биде доделена на египетскиот уролог Ахмед Шефик, за истражувањата од почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Тој истражувал како различни ткаенини влијаат на сексуалниот живот на глувците. За заморчињата направил специјални панталони од волна, памук и полиестер. Се испоставило дека оние со полиестер имале помал нагон за парење.

Ѓорчев со празни раце се врати од Харвард, но сепак патувањето не беше тотален неуспех – на враќање во летот смисли нов закон, со кој се забранува носење полиестерски гаќи по 19 часот, со цел да се зголеми наталитетот на нацијата.

Истата констатација, дека не било сосем бескорисно, може да се даде и за патувањето на шефот на Ѓорчев во САД. Груевски не се врати со амнестија на криминалот, но успеа да се квалификува за вгодина за Игнобел. Имено, тој ќе конкурира со едно исто откритие во две категории едновремено – и за математика и за економија. Шефот на ВМРО-ДПМНЕ успеа да докаже дека со 1.600.000 долари фрлени по лобисти не може да се купи слобода за четирите украдени милијарди. Иако и пред Груевски постоеја претпоставки дека со 1.600.000 не можат да се купат 4 милијарди, сепак, тој е прв кој ова и емпириски го докажа.

Очекуваме вгодина да наплатиме за сите неправди од оваа година.

Во медицината, на пример, поминавме бетер од Керим за генерален секетар на ОН. Иако имавме дури двајца кандидати. Оливер Андонов беше дисквалификуван, зашто не успеал да ја поткрепи со докази теоријата дека е психофизички здрав. А откритието на Никола Тодоров дека смртноста кај пациентите расте кога надлежниот министер смета оти хирургијата може да се научи на плејстејшн, го освои дури десеттото место. Комисијата овој пронајдок го оцени како процедурално исправен, но премногу банален. Пак ќе речам, сосема исто како кандидатурата на Керим за шеф на ООН. Победија петмина германски научници кои откриле дека ако те чеша левата надлактица, можете да се погледате во огледало и да си ги решите маките, така што ќе си ја почешате десната.

И таман помисливме дека сите наши неуспеси се должат на фактот оти светот нѐ мрази, ете ти белја. Се појавија некои нови клинци. Младите фудбалери успеаја да се квалификуваат на Европското првенство

Да не зборуваме за книжевноста, каде што Ниче Македон отпатува како голем фаворит со своите собрани дела за најголемата вистина во универзумот дека Македонецот е настанат пред самиот универзум, но со чудно гласање, би рекол дури и почудно од тоа во Советот на Европа во кое Наташа Габер загуби од Јован Илиевски, Ниче Македон изгуби од шведскиот писател Фредерик Сјеберг за автобиографското дело во три тома, во кое во детали ги објаснува радостите од собирањето мртви муви покрај прозорот, како и на оние кои сѐ уште не се мртви, но наскоро ќе бидат.

Ниче не победи, но ова со мувите го испирира за следната книга.

– Па, тоа е токму она што Бог го прави со нас Македонците, како одмазда поради фактот дека Македонецот е постар и од Бог – радосно извикал Ниче и веднаш отворил лаптоп за да го почне своето ново епохално дело за уште една голема вистина на универзумот.

И сево ова некако ќе го проголтавме ако не беше неправдата што ни е сторена во категоријата хемија. Таму ни се случи вистинска катастрофа. Дури по неколку прегласување изгубивме. Наш кандидат беше Миленко Неделковски, кој ги освои симпатиите дури и на најлутите противници со теоријата дека алхемијата е објективна научна дисциплина и истата ја докажа само со една единствена емисија потврдувајќи дека молчењето е злато, но наградата сепак отпатува кај „Фолксваген“, затоа што ги решија тешкотиите со штетните издувни гасови со помош на програма која исфрла пониски вредности.

И таман помисливме дека сите наши неуспеси се должат на фактот оти светот нѐ мрази, ете ти белја. Се појавија некои нови клинци. Младите фудбалери успеаја да се квалификуваат на Европското првенство. Веројатно и ова е некој заговор, за да излезе дека кога навистина нѐ бива – никој не може да ни ги одземе успесите. Тие се меѓу дванаесетте најдобри репрезентации во Европа, но, за среќа, сѐ уште се млади. Со напорна и систематско работа можеби ќе успееме да ги упропастиме и да ги вклопиме во нашата Калимеро-приказна.

А, можеби, дај боже, тие ќе нѐ „упропастат“ нас и ќе почнеме да победуваме и на други полиња, и покрај тоа што светот нѐ мрази.

Еве, за почеток, добро би било парите што ги потрошивме за кандидатурата на Керим да ги вложиме во овие наши млади надежи, за подготовка на Европското во Полска вгодина. Игнобеловите награди можеме да ги освоиме и без скапи подготовки.