Слави тажен, роду мој важен

Колумна на Сашо Кокаланов

Богдан денеска се разбуди празнично расположен. Благиот утрински мамурлак го замени топлината околу срцето кога го погледна календарот. Иако е среда, бесплатна среда, денешниот ден на календарот е обоен со црвено. 2 Август. Илинден. Најсветлиот празник за секој во чии гради бие комитско срце. Застана пред огледалото со празнична насмевка.

Се гледаше така некое време сѐ додека некаков црн облак не му ја покри ведрината, а насмевката исчезна. Нешто недостига во неговиот одраз. Навидум сѐ е тука – очите, носот, устата, брадата, и косата е тука, барем онолку колку што ја имаше и вчера, но нешто важно недостига.

– Идентитетот! – крикна Богдан. Некој во негово име го беше распродал идентитетот. По цена која е понижувачка, зашто со тие пари не може да се издлаби ни нова статуа од Симеон Радев, а камоли да се купи нов идентитет на панаѓурот на следниот Пиво фест во Прилеп.

Некој на Богдана му го беше украл идентитетот. И тоа на најсветлиот ден.

Речиси избезумен од паника, Богдан излета на улица, трчаше како луд за да го фати крадецот, но залудно, колку и форестгамповски да трча наоколу, оној што му го здипли идентитетот веќе неповратно се движеше кон Деве Баир. Наскоро, заедно со присвоениот Богданов идентитет спакуван во куферот, ќе ја помине границата.

Мора да се помири. Од денеска ќе мора да живее без идентитет.

Но, сепак, дали навистина е неповратно? Откако изеде еден ход дог со остатоци од коњско месо, Богдан налета на текст што му го врати спокојот во душата.

Писанието е на почитуваниот професор Љубиша Георгиевски. Овој амбасадор на Македонија во Белград (или на Белград во Македонија, сѐ уште не е до крај јасно) ги советува Македонците да не плачат и да не кукаат, тука да си го понесат својот дел од вината што Груевски не доби 63 пратеници.

Сега Македонија ќе страда, идентитетот ќе се распродава како карти за концерт на Лепа Брена во Градиште, но не е сѐ толку црно – ако на следните избори, веќе оние локалните наесен, Македонците се свестат и повторно гласаат за Груевски – идентитетот ќе почне да се враќа. Не одеднаш, ами постепено, чекор по чекор.

Значи, да, некое време ќе мора да се живее без идентитет, но само некое време, додека народот не се свести (шифра: свестетесе111) и не победи вистинската опција. Треба ли Љубиша да ве потсетува дека во времето на таа, вистиската опција, повеќе од 100.000 луѓе зедоа бугарски пасош, но благодарение на непотпишувањето на договорот за добрососедство, нивниот идентитет остана нечепнат. Треба ли, о ти, обесчестен и обезидентитетен македонски народе!

Некој во негово име го беше распродал идентитетот. По цена која е понижувачка, зашто со тие пари не може да се издлаби ни нова статуа од Симеон Радев, а камоли да се купи нов идентитет на панаѓурот на следниот Пиво фест во Прилеп

Наместо партискиот памфлет на Љубиша, повикот за масовна амнезија за криминалот и повторно суицидно гласање на Груевски, јас ви препорачувам да се фатите за друга летна лектира. „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Како прв купувач на македонското издание на книгата (документирано со фотографија во книжарницата на „Или или“) имам полно право да „приопштам“ дека книгата има една единствена, но сериозна мана за која чувствувам патриотска должност да ве предупредам – ако ја читате легнати во кревет, може да ви предизвика сериозни нагмечувања на градниот кош поради своите 1.100 страници. Сѐ останато во неа е извонредно и плени уште на првите сто страници (го одморам градниот кош за следните сто).

Раскажувајќи за своето, како и за минатото на своите предци, Јерговиќ многу се занимава со идентитетот во балканската каша на идентитети. И со жалење констатира дека тоа се идентитети градени не врз љубов, туку врз омраза.

„Луѓето уживаа во сите свои омрази и непријателства. Но, и тоа не е ништо ново: ниедно чувство не е толку сеопфатно и исполнувачко како омразата и ништо не е толку сеопфатно и исполнувачко како омразата и ништо, освен омразата, не може од приватна да стане јавна и општествена емоција. Во деведесеттите години, во времето на претседателот Фрањо Туѓман, Хрватска навистина беше земја на омраза. Оваа омраза, главно и не беше насочена нанадвор, туку навнатре, кон делови од сопственото општество, а потоа и кон сопствената култура, историја, идентитет, јазик…“

Прочитајте го внимателно соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за договорот за добрососедство со Бугарија. Тие повикуваат на омраза, не кон Бугарија, во некои претходни тиранскоплатформски соопштенија – не кон Албанците, туку кон дел од сопствениот народ, историја, култура, идентитет… кои не ги исполнува нивните „строги“ критериуми за македонски национализам, главно оглаголени во два збора – мрази и кради. Секој што не мрази како нив (кради служи само за да се финансира омразата на членството и да се потхранува со срнечки котлети лидерството), не може да биде Македонец со полнокрвен македонски идентитет.

Како нација со утврден и стабилен идентитет, некако премногу често имаме различни „вратоломии“ по прашања за кои националистите тврдат дека се идентитетски.

Еве да ја тргнеме помијата што беше направена со мешањето на словенското и античкото, да го тргнеме „Скопје 2014“, да го заборавиме неверојатниот епски премин од негирање на Блаже Конески и неговиот правопис кон основање здруженија со негово име…

Еве да земеме само еден пример, оној со знамето. За време на Разловечкото востание имавме црвен лав на жолта основа, илинденците носеле бајрак со „Слобода или смрт“, партизаните се колнеа во петокраката, генерации и генерации потоа плачеа на југословенската тробојка (Љубиша помни добро), сѐ додека не си станавме свои на своето и златното сонце; сѐ додека ѕвездата од Кутлеш не заблеска на нашето државно знаме, како вековит симбол на оваа многулетна земја.

За жал, не можевме да му се радуваме на овој симбол долго, зашто беше жртвуван во замена за членство во ООН. Предавниците на негово место нацртаа вентилатор, нешто што македонскиот организам го отфрли како имплант, како туѓо тело, и го нападна со многу антитела.

Тагувавме така со години, сѐ додека едно утро Николчо и Мартинчо не се разбудија со генијална идеја, имено, дека вентилаторот на Грчев може да биде прогласен за сонце. Ако го загледаш подобро, па да, како не сме виделе до сега – тоа е сонце!

Како нација со утврден и стабилен идентитет, некако премногу често имаме различни „вратоломии“ по прашањата за кои националистите тврдат дека се идентитетски

Тоа утро пред Владата се наредија стотина вентилатори, а потоа почна уште похрабра акција на поставување на огромни јарболи со огромни вентилатори. Така загубеното парче македонски идентитет беше вратено, без да се менува државната симболика, напротив, со нејзино посилно улично манифестирање.

Миљенко има одлична поента и за знамињата. Вели дека „под знамињата најслатко се мрази“.

„Зошто инаку ги истакнуваат за време на фудбалските првенства и олимпијадите? Нашите знамиња ќе ги понижат поразените, повеќе отколку ќе што ќе ги прослават победниците. Сите знаат дека е така. Најпознатата хрватска навивачка песна гласи: Neka pati koga smeta, Hrvatska je prvak sveta. Зошто некој би страдал што Хрватска е првак на светот? Човекот што си поставува вакви прашања веројатно не е супстанцијален Хрват.“

Со други зборови, и преведено на македонски, не може да постои македонска победа, ако не постои бугарски (грчки/цигански/шиптарски) пораз. Националистите не признаваат win-win. Мора да има поразена страна. Затоа велат – штом бугарските националисти молчат и не се бунат многу гласно, тоа мора да значи дека ние сме повеќе поразени со договорот отколку тие. Затоа што: нема победник ако нема поразен!

Не треба да им се лутиме што ја мразат ЕУ, затоа што тие когнитивно не разбираат сојузи во кои не се знае кој е победник, а кој поразен. Не треба ниту да им се лутиме кога бараат Македонија да влезе во НАТО, ама се лутат и негодуваат кога НАТО ќе влезе во Македонија.

До следната победа, изразена со бројките на Љубиша, ним им останува единствено да мразат. А потоа омразата ќе ја устоличат како колективна емоција и ќе може на мира да крадат, додека ние спокојно си се мразиме. Да се надеваме дека до тогаш нема да им поминат премногу Илиндени.

Честит Илинден, драги Богдани, Љубиши и други вистински Македонци. Тешко е и тажно вака да се слави Илинден, со загубен идентитет, но верувајте, десет ќебапчиња од бизон и дузина кригли точено пиво прават чуда со расположението.