Стаса Гогољ. Нека влезе

Колумна на Сашо Кокаланов

Се раскажува дека во една прилика на вратата на тогашниот министер за образование и наука, Абдилаќим Адеми, затропала неговата секретарка, ја подотворила и ја протнала главата низ отворот. „Си извинувам, господин министер, само да ве известам дека ви стаса мејл.“ Адеми без да ја погледне одговорил: „Нека влезе“.

Откако му објаснила дека мејлот веќе е влезен во неговиот инбокс и дека станува збор за покана за посета од неговиот грчкиот колега, Адеми, тогаш на почетокот од својот мандат, радосно ја прифатил, желен за размена на искуства.

Ако ништо повеќе, Адеми ќе сфатеше дека Гогољ може да не стаса во Министерството, ама ревизор секако ќе стаса

Во Атина, грчкиот министер го примил во својот луксузен кабинет, го сместил во хотел со пет ѕвезди и му дал такси 24 часа на располагање за полесно да се снајде низ градскиот метеж на улиците на Атина. Посетата се покажала извонредно корисна. Освен скапи ручеци и вечери, имало и официјална средба во кабинетот на грчкиот министер.

На неа, домаќинот, курназ на својата античка историја какви што се сите Грци, го прашал Адеми дали сака да сподели со него некое искуство, зашто овде знаењето и науката се пренесуваат организирано уште од школите на Сократ и Платон, а и како дел од ЕУ имаат многу искуство во образованието.

Адеми секако дека имал веќе спремно прашање и како од пушка го испукал на масата наредена со ф’стаци, лешници, бадеми и други апетисани во послужавници од сребро, како мезе за скапите аперитиви послужени во кристални чаши.

„Министре, знаеме дека Грција е во длабока економска криза, ме интересира како ви успева да уживате во ваков луксуз, па уште и за вашите гости да обезбедите ваков луксузен престој?“

Гркот се замислил сократовски неколку секунди, па откако сфатил дека прашањето на нашиот Абдилаќим е искрено, а не подбивно, искрено и му одговорил. Го поканил да станат и да отидат заедно до прозорeцот.

„Го гледате мостон онде?“ Адеми кимнал потврдно. „Тој мост требаше да биде широк 20 метра. Ние го направивме 15. Сфаќаш?“ Адеми повторно кимнал задоволно.

Сешто човек ќе научи по тие екскурзии. Но, суштината на едно квалитетно образование е да знаеш тоа што ќе го научиш да го примениш во животот. Не заборави Адеми да го покани својот грчки колега во возвратна посета. И како што доликува на добар домаќин, го нагости три пати повеќе.

Гркот, малку од завист, малку од вистинско неверување како една мала земја како нашата, па и со закочени евроатлантски интеграции поради спорот за името со неговата земја, му го поставил на Абдилаќим сосема истото прашање што го доби од него во Атина. А, Адеми, веќе искусен министерски курназ, го повикал да отидат заедно до прозорецот.

„Го гледате студентскиот дом онде?“

„Не го гледам!“

„Ееееее!“

Грчкиот систем за луксузирање во време на сиромаштија го претворил, бре, во „Гозба“ од Платон. Всушност, Платон напишал две многу значајни дела: „Држава“ и „Гозба“. Магистер Адеми отишол подалеку – тој ги споил во едно. Што ти е магистер на науки

Не е штосот само да се отиде во Атина и нешто да се научи. Па, ако сакате, не е штосот ниту тоа да се примени. Вистински мајстор на својот занает, ќе знае како знаењето да го усоврши.

Но, Џон Форстер, англиски публицист, познат и како ревизор на делата на Чарлс Дикенс, рекол – сите задоволства мора еден ден да се платат со болка. И види мајката, во право бил човекот. И не само тој. И Гогољ бил во право.

Да знаеја каде им се петстотините преведени дела за кои Министерството за образование и наука платило неверојатни осум милиони евра, можеби секретарката на Адеми едно утро ќе тропнеше на неговата врата, ќе ја подотвореше колку за да ја протне главата и ќе му речеше: „Стаса Гогољ“. Па на министерското „Нека влезе“, ќе му објаснеше на Адеми дека стасале собраните дела од Гогољ.

Сепак, за жал, книгите не стасаа во Министерството. Штета. Ќе стасаше можеби до Адеми и драмата на Гогољ – „Ревизор“. Па, ќе можеше да ја прочита.

Некој злобник ќе рече Адеми не ги чита работите во целост – ете, студирал металургија, а од Периодичниот систем на елементи се заинтересирал само за два – за злато и за сребро, но добро, не ќе мораше ни „Ревизор“ да ја чита цела. Доволно ќе беше да ја погледне кратката содржина на корицата: „Дејството во драмата на сатиричен начин ги анализира ликовите и случувањата, особено осврнувајќи се кон припадниците на државната бирократија. Во тоа време поголемиот дел од населението живее во сиромаштија, на чиј грб големиот бирократски апарат станува сѐ помногуброен и сѐ покорумпиран.“

Ако ништо повеќе, Адеми ќе сфатеше дека Гогољ може да не стаса во Министерството, ама ревизор секако ќе стаса.

И мора да се признае – ревизорот не само што стасал во МОН туку од неговиот извештај гледаме и дека имал полни раце работа. Можеби дипломата на Адеми навистина е фалсификат, ама човекот знае да купи знаење, тоа мора да се признае.

Како изгледа кога ќе се спојат држава и гозба? Баш така како што е опишано во ревизорскиот извештај: 83.000 евра потрошени во ресторани и угостителски објекти, без доказ за видот и намената на услугата; за хотелско сместување за вработени и гости од странство исплатени 14.000 евра без патни налози, покани за гостите, агенда за настаните, а од нив 11.500 евра се платени за сместување во хотели од 5 звезди; 3.900 евра се потрошени за такси превоз од кој најголем дел е користен од страна на вработените надвор од работното време; 88.000 евра се потрошени за гориво без точно да се наведе за кои возила и со која намена…

Врв на сѐ ми е Постојна. Некогаш, во некои дамнешни времиња, на екскурзија во Постојнска јама одеа ученици. Се викаше тоа екскурзија низ Југославија. И кога автобусите полни со кесички изедени чипсови и смоки и уморни ученици од пеење на Чорба и на Балашевиќ ќе стасаа до Постојнска јама, тоа значеше дека стасале до најдалечната точка на екскурзијата. Наставниците мака мачеа да им го вратат вниманието, зашто да се види најголемата пештера во Европа, со ходници долги повеќе од 20 километри, со импресивни сталактити и сталагмити, со човечката рипка како најголем пештерски водоземец во светот, не е мала работа.

Но, денес на паркингот крај изворите на реката Пивка, барем кога станува збор за македонски регистарски таблички, нема автобуси со празни кеси чипсови и смоки и уморни ученици, туку црни џипови, аудија и мерцедеси. На екскурзија не се учениците туку нивниот министер, заменикот или некои џамбази од свитата. Можеби и по некоја швалерка, зашто таму нема Албанци од Серава да ги збркаат. И то кошта, брате! Само за билети и преведувач – 450 евра. Па, ако се навистина такви цените, логично е кого праќаме на екскурзија. Кај има ученик толку пари, џабе толкав пат ќе тепаат! Но, исто така логичен е и заклучокот – кога јама ќе стане скапа министерска дестинација, а не настава во природа за ученици, тогаш можете да бидете сигурни дека целото образование ви е – дупка.

Адеми веќе не е министер. На негово место е младиот и неискусен Пиштар Љутфиу. Вчера и кај него тропна секретарката на врата:

„Министре стаса извештајот од ревизија“.

„Нека влезе.“

„Ама веќе влезе?“

„Каде, во мојот инбокс?“

„Не, господите министер, во Јавното обвинителство.“

Адеми го нема во МОН, ама таму е Спиро Ристевски, заменикот. Го прашале деновиве Спиро: Дали знаеш дека ќе го јадеш? Одговорил: Се надевам дека нема. Но, продожил соговорникот, џабе се надеваш, извештајот е веќе во Јавното обвинителство. Спиро помислил за момент на сите тие со сваровски подмитени судии и обвинители, па кусо искоментирал: Дум спиро, сперо – Додека дишам ќе се надевам.

Диши, Спиро, диши. Диши и ти македонски граѓанину. Спиро, Абдиљаким, Љутфиу и останатите нивни колеги лани секој ден те задолжувале по 2 милиони евра. Тоа се 83.333 евра на час. 1.388 евра на минута. Или, околу 100 евра нѐ чини секое вдишување на Спиро и на останатите вазали на султанот Грујо и амамката Али.

Дишеш ли мирно, граѓанину македонски?