Интервјуа

Автор на спорниот учебник по граѓанско: Власта секогаш манипулира

Ксенофон Угриноски, еден од авторите на спорниот учебник по граѓанско образование, во разговор за БИРН објаснува зошто за граѓаните напишал дека треба да ги следат правилата и по цена на своите слободи и зошто власта во учебникот е поставена на пиедестал

Ксенофон Угриноски е еден од авторите на учебникот по граѓанско образование за осмо одделение, за кој се покрена голема дебата во јавноста околу дефиницијата за „лојалните граѓани“. Во овој учебник за осмоодделенците една од дефинициите е дека „лојалните граѓани секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“.

ucebnik 1-3

Угриноски, кој е автор на оваа лекција, во разговор за БИРН ги објаснува мотивите и значењето на ваквата дефиниција за лојалниот граѓанин. Професорот по социологија кој сега е во пензија, вели дека останува на својот став оти со почитувањето на општествените правила, човекот се откажува од некоја своја слобода.

Мој личен впечаток е, вели тој, дека преку јавното изнесување наоди од учебникот, поединци преку авторите сакале да се пресметаат со Владата. Тој вели дека зад сите тие лекции каде што власта се претставува на пиедестал, а граѓаните како послушници, се крие заклучокот дека власта ги има сите можни механизми за манипулација.

Мораме да се соочиме со реалноста, модерните влади управуваат со манипулации, објаснува Угриноски | Фото: М. Јордановска

Mодерните влади управуваат со манипулации

„Ниту едно општество, без разлика дали е примитивно или модерно, не може да се организира ако не постојат општествени правила. Да земеме еден банален пример. Кога ќе влезе човек во автобус, пишува „излезот е од задната страна“, што значи дека и тоа е едно правило, на пристојно однесување. Бидејќи ќе настане хаос ако сите влегуваат и излегуваат од иста врата. Земете го законот за прогресивно оданучување – оние кои повеќе заработуваат, се оданочуваат со повисока стапка. Значи тие лица се откажуваат од својата слобода да заработуваат колку што сакаат. Секое поставување правила го тера поединецот да се придржува кон одредени норми, а со самото придржување кон правилата тој се откажува од некоја своја слобода“, објаснува Угриноски, кој својот работен век го поминал како професор по социологија во средно училиште.

Тој вели дека авторите имале целосна слобода кога го пишувале учебникот по граѓанско образование.

„Немаше никаков притисок. Сè беше оставено на нас и на нашето знаење“, вели тој.

Најсложената задача, според Угриноски, ја имаат наставниците кои предаваат граѓанско образование, бидејќи на нив е оставено како ќе им ги презентираат лекциите на учениците

Прелистувајќи го учебникот, Угриноски стигнува и до илустрацијата за тоа што значи власта. Во овој учебник, власта е претставена преку еден човек, поставен на пиедестал, со силно стегната тупаница. Под него се наоѓаат сиви човечиња, а ако подобро се загледате, меѓу толпата застаната пред властодавецот, има и шаховска фигура – пион.

„Владите денес не се служат со физичко насилство, туку постои една друга префинета форма, а тоа е манипулацијата. А на граѓанинот е да открие што се крие зад одредена намера на владата“, вели Ксенофон Угриноски

Владите денес не се служат со физичко насилство, туку постои една друга префинета форма, а тоа е манипулацијата

„Зошто власта е вака претставена“, го прашуваме авторот на учебникот.

„Ако ја загледате оваа илустрација, ќе видите дека на оваа фигура не ѝ се гледа лицето. Таа ги гледа граѓаните како послушни“, ни одговара Угриноски.

„Треба ли така власта да ги гледа граѓаните, како послушници?“, го прашуваме.

„Не треба, но така ги гледа, мора да се соочиме со реалноста. Затоа велам дека денеска модерните влади управуваат со општеството преку манипулации. Владите денес не се служат со физичко насилство, туку постои една друга префинета форма, а тоа е манипулацијата. А на граѓанинот е да открие што се крие зад одредена намера на владата“, смета Угриноски.

Разговорот понатаму нè води конкретно кон малото човече на илустрацијата под владетелот, кое е претставено како пион. Дали е соодветно осмоодделенците да учат дека граѓаните се како шаховски фигури?

„Со оваа илустрација сака да се каже дека владата располага со средства на пропаганда со што луѓето ги доведува во состојба на шаховски фигури“.

Училишните часови, сепак, се најважни, смета Угриноски – наставниците располагаат со методи како да им го пренесат напишаното на учениците. Тие ја имаат моќта и директната комуникацијата со учениците, вели тој.

На крајот од разговорот, го прашуваме Угриноски како тој би им ја претставил илустрацијата за она што е власт на учениците од основното образование.

„Ќе им речам дека иако власта во демократските општества е избрана на легитимни избори и преку остварување на правото на глас, таа настојува да манипулира со граѓаните“, објаснува тој и уште еднаш потсетува дека од самите наставници зависи како ќе ги презентираат содржините низ интерактивната настава со учениците.