Регион

БиХ: Одбележана годишнина од масакрот на цивилите во Грабовица

Комеморацијата во Грабовица | Фото: ХДЗ БиХ

Пред спомен-обележјето подигнато во знак на сеќавање на жртвите, босански Хрвати, убиени во Грабовица, крај Јабланица, за време на војната во БиХ, вчера беа положени венци и одржана миса, со што беше одбележана 28-годишнината од масакрот во ова село.

„Веќе 28 години чекаме, на еден примерен и достоинствен начин, сѐ она што беше жртвувано во БиХ, а особено овде во Грабовица, да ни олесни за понизни да можеме да се сетиме на жртвата што ја направија и да немаме постојани трауми во нивните семејства“, изјави, Драган Човиќ, водач на ХДЗ БиХ, за време на комеморацијата.

Масакрот се случи во септември 1993 година, за време на конфликтот меѓу Бошњаците и Хрватите во таа област.

Членовите на АБиХ влегоа во селото и убија 33 цивили, вклучувајќи и четиригодишно девојче и 87-годишен маж.

Јосип Дрежњак, претседател на Здружението на хрватски страдачници, „Грабовица 93“, вели дека извршителот на убиството на четиригодишната Младенка Задро и нејзината мајка, ја издржал казната и денеска е на слобода.

„Тој рече – ‘да, ги убив мајката и девојчето, додека мајката го држеше девојчето в раце’. Сега кога ќе погледнете, тој ја издржа казната, денес е слободен човек, а телата сѐ уште не се пронајдени“, рече Дрежњак за БИРН, пред денешното одбележување.

Родителите и сестрата на Дрежњак се меѓу убиените. По нивните комплетни посмртни останки и натаму се трага.

„Не ни е јасно зошто тоа требаше да се случи, кога гледаме дека станува збор за цивили, немоќни лица, постари лица, деца и дека жените преовладувале и биле повеќе од мажите“, објаснува Дрежњак.

Судот на Босна и Херцеговина осуди петмина војници на АБиХ за овие злосторства.

Еден од нив, Енес Шакрак, член на 9-та бригада на АБиХ, беше осуден на десет години затвор, за убиство на членови на семејството Задро, вклучувајќи ја и четиригодишната Младенка.

Шакрак сведочеше дека утрото на 9 септември, во Грабовица, командантот, Нихад Влаховљак, ѝ наредил на својата единица „да ги убие сите жители“. Влаховљак, според Шакрак, никогаш не кажал од кого ја добил наредбата.

Војникот, Мустафа Хот, беше осуден за убиство на семејството Мариќ. Тој доби десет, додека осудените Нихад Влаховљак, Сеад Карагиќ и Харис Рајкиќ, беа осудени на по 13 години затвор.

Генералот на АБиХ, Сефер Халиловиќ, беше суден пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКТЈ), но беше ослободен од обвиненијата.

Во одлуката на Трибуналот се вели дека обвинителите не докажале, надвор од разумно сомнение, дека Халиловиќ имал ефективна контрола врз силите што ги извршиле убиствата во Грабовица, во септември 1993 година.

Nejra Dzaferagic