Од Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на Босна и Херцеговина, за БИРН изјавија дека истражителите пронашле два черепи, за кои се верува дека им припаѓаат на жители, Бошњаци, на селото Ризвановиќи, лоцирано во регионот на Приедор.
„Според информациите со кои што се располага во моментов, жртвите најверојатно се жители на оваа населба“, ни изјави Емза Фазлиќ, портпарол на ИИЛ.
Обвинителството на БиХ соопшти дека останките ќе бидат однесени на ДНК анализа и на идентификација.
Поради злосторство извршено во Ризвановиќи, пред Судот на БиХ му се суди на поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Сретко Павиќ.
Во јуни годинава, со првостепена пресуда, тој беше осуден на 13 години затвор, за вмешаност во убиство на пет цивили во Ризвановиќи, извршено во јули 1992 година.
Тој беше прогласен за вИИЛвен дека зел цивили приведени во објект во близина на контролниот пункт во Ризвановиќи и оти ги убил недалеку од локалното училиште.
Обвинителството, исто така, соопшти дека на подрачјето на гробиштата Ракита во Власеница, била извршена ексхумација, при што, на место надвор од гробиштата, биле пронајдени целосни останки на едно лице.
„Посмртните останки, на кои што имаше и облека, беа завиткани во ќебе. Според информациите од Институтот за исчезнати лица на БиХ, најверојатно се работи за бошњачка жртва, која настрадала во ова подрачје, во 1992 година“, наведоа од ИИЛ.
Идентитетот на жртвата ќе биде утврден со ДНК анализа.
Во БиХ сè уште, како изчезнати во војната, се водат над 7.000 лица.