Потерници се распишани по 47 лица обвинети за воени злосторства, извршени за време на војната во БиХ, 1992-1995 година, од кои 25 се надвор од земјата, велат за БИРН од Судот на БиХ.
Дваесет и четири имаат српско или двојно државјанство, и на Србија, и на БиХ.
Хрватско државјанство имаат петмина обвинети, а двојно имаат деветмина. Државјанство на Црна Гора има едно лице, за едно Судот на БиХ нема податоци за државјанството, додека седум се исклучиво државјани на БиХ.
Главниот обвинител на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), во Хаг, Серж Брамерц, во неколку наврати изјави дека многу малку е направено за регионалната соработка помеѓу обвинителствата, со која треба да се обезбеди осомничените да се соочат со правдата.
„Несреќен факт е дека ситуацијата е лоша и оти неколку години назадува во однос на државниот прогон на воените злосторници и регионалната соработка”, рече Брамерц во октомври 2018 година.
Потерници се распишани и по девет лица осудени за воени злосторства.
Меѓу нив се Дарко Мрѓа, осуден на единствена казна од 20 години затвор за злосторства извршени врз бошњачкото население во Приедор, и Драган Марјановиќ, осуден на 14 години затвор за вмешаност во убиства на цивили на планината Борје, во близина на Теслиќ, во 1992 година. По нив, кон крајот на 2019 година, Интерпол распиша „црвени потерници“.
И по Драгомир Кезуновиќ, на кого му се судеше во истиот случај со Марјановиќ и кој беше осуден на 14 години затвор, е распишана потерница, како и по Илија Јуриќ и Јозо Ѓojиќ, на кои им беше изречена поединечна казна затвор од шест години, за злосторство во Оџак.
Во 2013 година, обвинителствата на БиХ, Србија и на Хрватска, потпишаа протоколи што овозможуваат размена на предмети, истраги и на документи, во случаите на воени злосторства
Сепак, недостигот на соработка во некои случаи предизвика контроверзии.
Така, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Новак Ѓукиќ, генерал на Војската на Република Српска (ВРС) на 20 години затвор, за масакр во Тузла во 1995 година, но Ѓукиќ побегна во Србија, која потоа се согласи да го преземе случајот од босанското судство.
Случајот е пред Вишиот суд во Белград повеќе од 4 години, а рочиштата постојано се одложуваат.
Покрај одложувањето, во Србија се прават обиди да се негираат наодите на Судот на БиХ, дека масакрот во Тузла го извршиле силите на ВРС.
Властите на БиХ издадоа потерница и по Ѓукиќ.
Налози за апсење се распишани и по Бошко Лукиќ, осуден на 14 години затвор за злосторства во Кључ, Мирослав Дуко, осуден на 12 години за злосторства во Билеќа, и по Момир Савиќ, осуден на 17 години затвор за злосторства во Вишеград.