Регион

БИРН добитник на Европската награда за новинарство

БИРН БиХ ја доби Специјалната награда во рамките на Европската награда за новинарство за 2020 година, за својата пионерска работа во известувањето за проблемите на транзициската правда.

„Работата на БИРН обезбедува единствена архива на сите судења за воени злосторства, како и многу лични приказни на преживеаните, документарни филмови за жртвите на сексуално насилство и за семејствата на исчезнатите, и бројни други истражувачки и аналитички приказни“, се вели во соопштението на членовите на жирито на Европската награда за новинарство.

Тие истакнаа дека БИРН БиХ „е основана во 2005 година за да им пружи на луѓето во БиХ точни и навремени информации за владеењето на правото во земјата и во поширокиот регион“.

Специјалната награда во рамките на Европската награда за новинарство се доделува за извонредност во европското новинарство. Наградата претходно му беше доделена на уредникот на „Гардијан“ за објавување на стории базирани на досиејата на Едвард Сноуден, а минатата година наградата ја доби тимот на Забранети приказни „за нивната мисија да продолжат да ја објавуваат работата на новинарите кои се соочуваат со закани, затвор или убиство“, истакнаа членовите на жирито.

Директорот на БИРН БиХ, Денис Џидиќ, рече дека наградата е важна за новинарите во редакцијата на оваа медиумска куќа, но дека таа им припаѓа и на преживеаните од војната во БиХ.

„Оваа награда неописливо многу ни значи на сите нам, кои поминавме денови, недели и месеци пишувајќи за воените злосторства и известувајќи секојдневно од судовите, за да го забележиме исказот на секоја жртва, што дојде да ја раскаже својата приказна“, истакна Џидиќ.

„Оваа награда им припаѓа и на жртвите, затоа што нашата работа би била безвредна, да не беа преживеаните жени и мажи, кои собраа храброст да ги споделат со нас најстрашните работи што ги преживеале, покажувајќи храброст, трпеливост и сила, кои ние не можеме да ги сфатиме“, рече тој.

БИРН БиХ е дел од регионалната мрежа на БИРН, која ги користи истите методи за покривање на судењата за воени злосторства и на процесот на транзициската правда, низ цела поранешна Југославија.

Регионалната директорка на БИРН, Марија Ристиќ, изјави дека покривањето на судењата за воени злосторства и прашањата на транзициската правда, е една од главните теми на новинарите на оваа мрежа, веќе 15 години.

„Првиот извештај на БИРН, во 2005 година, беше од судење за воени злосторства. Неколку години подоцна, со истата страст и посветеност продолживме да пружаме точно и балансирано известување и да носиме  бескомпромисни приказни од регионот, кој сè уште се соочува со ревизионизам и негирање на воените злосторства“, рече Ристиќ.

Членот на жирито, Александра Фудерл-Шмит, од весникот „Зидојче Цајтунг“, изјави дека „БИРН навистина го поддржува истражувачкото новинарство во БиХ, а тоа е тешка задача таму“.

Уредникот на БИРН БиХ, Семир Мујкиќ, истакна дека Европската награда за новинарство е големо признание, добиено од некои од најдобрите новинари во Европа.

„Секојдневната посветеност на нашите новинари, да направат и да напишат истражувачки стории, и упорноста во пренесувањето на чувствителните и важни приказни, сега добија признание и ново охрабрување“, нагласи Мујкиќ.

Европската награда за новинарство е една од најпрестижните награди за европско новинарство, што им се доделува на новинари и на медиуми од 47-те земји на Советот на Европа.

Извршниот директор на Европската награда за новинарство, Томас ван Нирбос, изјави дека „никогаш досега списокот на пријавени, номинирани и на победници, не бил толку различен“.

„Од редакциите во Норвешка до храбрите редакции на БИРН и ДоР (романскиот медиум Decât o Revistă), од спротивставувањето кон кинеската надзорничка држава, сексизмот во спортот, до личното соочување со еутаназијата, ова е вистинскиот дострел на европското новинарство, ова се теми за кои треба да разговараме“, рече ван Нирбос.

Анмарте Моланд, Евен Кјелберг и Рубен Солванг беа наградени за најдобро истражувачко новинарство за приказната „Trigger Warning“, објавена од НРК, Норвешка.

Наградата за истакнато известување и припадна на Изабел Кокерел, за нејзината приказна „Жените Ујгури се борат против надзорот на Кина“, објавена од страна на Кода Стори од Грузија.

За најдобар коментар во 2020 година, наградата ѝ беше доделена на Беата Балогова, за приказната „Како престанавме да бидеме другари“, објавена од СМЕ, Словачка.

Добитник на Наградата за иновации е Decât o Revistă од Романија, за начинот на кој ги организираше уредничките тимови во Трансилванија.