Ставката „надомест за пренос и дистрибуција на електрична енергија“ во месечните сметки за месец јуни-јули го отвори прашањето дали е воведена нова давачка што досега не била најавена.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, за БИРН, тврди дека не се работи за нова давачка. Претходно, во крајната цена што ја плаќаа граѓаните влегуваа и овие ставки, односно, како што вели, трошоците за дистрибуција, за набавка и за пренос.
„Со новиот концепт за пресметки во сметките посебно се наведени цената што се плаќа за енергија, за пренос и за дистрибуција“, вели Бислимоски.
Од комисијата објаснуваат дека, ако се погледнат сметките за јуни, ќе се види дека киловат час во скапа тарифа е 7,32 денари, а во евтина 3,67, односно дека во тоа влегуваат и трошоците за „надомест за пренос и дистрибуција на електрична енергија“.
Во новите сметки за јули, трошокот во скапа тарифа е 4,3484 денари, а во евтина 0,6193 денари, а одделно се пресметани сумите за таканаречената мрежарина.
„Ако се соберат овие сега одделени суми, се добива истата крајна цена“, вели Бислимоски.
Од први јули почна примената на блок-тарифите за пресметка на струјата за домаќинствата, кои се поделени во четири групи, а тие што трошат повеќе струја, ќе плаќаат поскапи сметки.
Првиот блок е до 210 киловатчаса, вториот од 210 до 630 киловатчаса, третиот од 630 до 1050 киловатчаса и четвртиот над 1.050 киловатчаса, кој е најскап.