Протестирам „Секој ден во шест!“ не е баш најточно, протестирам во секоја секунда од моето битување. Се будам згрозен од неправда и заспивам со мислите за иднината. Цело време голтам информации од медиуми, анализирам, поставувам прашања, си ги одговарам, дискутирам… Како можеше? Како можеа?
„Секој ден во шест“ е само врв на денот, момент кога ќе ги видам сите лица, ќе застанам покрај нив и ќе зачекорам со желба за подобро утре. Сплотена енергија на истомисленици ќе речете, ама не е така. Голем број луѓе со различно потекло, националност, ставови, образование, стравови, очекувања… сите заедно чекорат. Зошто? Зошто чекорат? Зошто се заедно? Затоа што ја чувствуваат неправдата. Затоа што чувствуваат дека вака веќе не може. Амбисот во кој ќе пропаднат сите граѓани на Република Македонија е близу… или можеби сме пропаднале без да знаеме. Сите заедно.
Ете ја денес на протестирачкиот дневен ред мојата најголема болка, аболицијата. Покрај корумпираните судови, узурпираната полиција, осакатените обвинителства, тоа беше врв на непочитувањето на правната држава со глупав изговор да се намалат тензиите пред избори. Тоа беше директна порака кон криминалните структури дека вистинскиот рај за дејствување во Македонија е преку политиката.
За продавање коприви – големи казни, за продавање на народот – уживај во слободата и парите. Е тоа не може, „Нема да ви помине“. Сѐ додека не се воспостави систем на казнување на граѓаните што го прекршуваат Законот, не можеме да тргнеме напред. Сѐ додека основно начело не е „пред Законот се еднакви сите“ ќе постојат повластени и угнетени. Сѐ додека политичките партии се бироа за вработување, политиката ќе биде поле за опортунистичка заработка.
Сѐ додека не се воспостави систем на казнување на граѓаните што го прекршуваат Законот не можеме да тргнеме напред. Сѐ додека основно начело не е „пред Законот се еднакви сите“ ќе постојат повластени и угнетени
Тргнуваме кон резиденцијата на Претседателот. Ја поминуваме раскрсницата кај „Нова Македонија“. Тука нѐ сопреа пред десетина дена. Нема тука кордон со три реда полицајци. Толпата продолжува. Сигурно ќе блокираат на „Водњанска“. Не, толпата продолжува. Совесни „хулигани“ бараат од граѓаните да ја ослободат едната лента, за случајно да не има потреба од Брза помош да помине, сепак болницата е тука. Кај „Кочо Рацин“ стојат. Не и таму ги нема. Полека го освојуваме Водно и стигнуваме близу до резиденцијата. Тука е затворено. Ако, нека е затворено. Се слуша народот и од таму. Јасно и гласно за да може и Ѓорге да чуе што сака народот.
„Оставка, Оставка, Оставка!“ Викаме громогласно, ама тоа не е доволно. Потребно е да се казни секој што земал пари од овој напатен народ. „Робија, робија, робија!“ Потребно е да се казни најсвирепо секој што заработувал на солзите на мојот народ. Велат „да ги вратат парите“, „имотите да се конфискуваат“, во право се и тоа треба, ама побитно е громогласно да се пренесе една многу поважна порака. Вакви политичари не сакаме!
„Нема правда нема мир!“ Знае Ѓорге дека е така. Сите знаат. Ама мене пак ми доаѓа да викнам гласно и погласно, да им кажам, да разберат власта и институциите. Да, знам дека го знаат тоа и дека исплашено се затвораат, дека се плашат за својата работа, ги знаат своите грешки, ама за да ги признаат треба да бидат големи како луѓе и како професионалци. Не жалам што со моите мили пријатели истомисленици ви го загорчувам животот. Ве терам да се изолирате од пријателите, да се срамите на улица, да се плашите за вашето работно место и за вашата иднина. Не жалам, бидејќи вашата добросостојба значи моја пропаст. Моја и на оваа напатена грутка што ја нарекуваме Македонија.
Голема слика на Ѓорѓе во боите на шарената револуција. Колективна воздишка, воздржана еуфорија. Победата е близу, тој слушна и виде што сака народот. Слушна и виде од неговиот дом, или поточно, од домот што овој народ му го даде на користење. Тој дом повеќе не е твој. Оди си.
На патот кон дома „Шутка не ти гине Никола, Никола, Никола!“, бидејќи колку и да е грешна марионетата од Претседател, вистинската болест се погрешните потези на Пастирот. Најголемото зло е поделбата на македонските граѓани: патриоти и предавници, Албанци и Македонци, граѓани и селани, стари и млади, мажи и жени и поделба на безброј други основи. Од тој наратив ќе ни треба години и години да се опоравиме.
„Слобода, слобода, слобода!“ Ја бараме слободата во 21 век… Колку е тажно тоа? Како да стигнеме до слободата? Кој ќе ни ја донесе? Јас мислам дека никој не треба да ни ја даде. Самите ќе се избориме онака како што се бориме и до сега. Секој ден во шест пред СЈО. И не е проблем што долго трае. Нека трае. Со секој нареден ден сѐ посвесни граѓани има на улиците. Граѓани кои разбираат која е нивната функција во демократијата и слободата кон која тежнееме. До тогаш мои мили соборци „ПОБЕДУВАМЕ“.