Инаетот на природата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Запрепастувачки е да се гледа колку добро и колку лошо може да се крие во човековата свест – добро, за да помага на било кое живо суштество и лошо, толку изразено, што може да згасне нечиј живот, за секунда. Без никаква емпатија, без да трепне. Балансот меѓу овие две работи го прави човечкиот и животинскиот вид да опстојуваат – едни помагаат, други одмагаат, трети само набљудуваат.

Особено во последниве денови, овој баланс е целосно нарушен. По трагедијата кога 4-годишно детенце беше искасано од група кучиња во кичевско Бачишта, на нозе, оправдано се крена јавноста, грижејќи се за безбедноста на своите деца. Но, гневот и говорот на омраза беше насочен на сосема погрешна адреса и тоа го поремети целиот баланс на доброто и злото, за на крај, да го гледаме само злото како дивее по улици.

Јавни личности повикуваат на масовно убивање кучиња, повикуваат да се грабнат пушки в рака, отрови се расфрлаат по детски игралишта, на улици, во градинки. Отров кој се наоѓа во кесичка, која ако се растопи во вода, може да ги убие жителите на еден цел град! Ќе завршиме со жртви по улиците, а проблемот нема да се реши.

Прво, затоа што за трагичниот настан одговорни беа кучиња кои имаат сопственик, а со тоа автоматски се лоцира одговорноста. Кучињата имаат сопственик, сопственикот одговара за тоа како ќе го чува, како ќе го изолира и како ќе го воспита своето куче. Убијте му го кучето, тој ист сопственик ќе земе ново и ќе го научи да биде агресивно. Оттаму, кој треба да одговара за случајот, сопственикот или секое наредно куче што ќе се најде во негови раце?

Второ, затоа што еден убиец, не ги прави убијци сите луѓе. По тоа се разликуваме од животните – можеме да предвидиме, да ја видиме пошироката слика и да споредиме. Со застрелувањето на кучката и нејзиното кутре што го сторивте деновиве не значи дека сте го спасиле човештвото од лоши животни. Тоа само значи дека ние, луѓето, треба да се плашиме од луѓето, затоа што прават толку лоши проценки на ситуацијата до степен да ја доведат до точка на вриење. Ќе се испоубиеме меѓусебно поради лошите проценки.

Одбивам да се будам во ваква глетка и одбивам да прифатам дека човекот не мрднал од точка на примитивизам

Пред да посегнете по пушката или по кесичката со отров, знајте го следново: можеби ќе го убиете уличното милениче, на кое некое детенце му се радува секој ден, но на истото место, за кратко време, ќе се појават две нови. Дали повторно ќе посегнете по ладното оружје за да се справите со замислениот непријател? И повторно?

Никој не сака да има улични животни по улиците. Патем, речиси и никаде нема, освен во Македонија. Но жителите на Белгија или Хрватска не одат со пушки и отрови додека шетаат по улица. Таму, пред се, одговараат газдите на милениците. Само ако кучето ја прескокне оградата и излезе на улица, следува казна за сопственикот.

Надвор: Жителите не смеат да го спарат кучето без да го пријават леглото во надлежна институција.

Кај нас: Го шета кучето на улица, тоа се спарува со улична кучка и за неколку месеци има 9 нови улични кучиња. Газдата е среќен зошто кучето му се олеснило. Не одговара за неговата постапка.  

Надвор: Ако вдомиш куче, потпишуваш договор кој има правно дејство и кучето не смееш да го оставиш на улица. Тоа има чип и ако се најде како шета по улица, следува казна за сопственикот.

Кај нас: Ќе земе куче за да си поиграат децата и за месец дена го товарат во гепек и го пуштаат на улица. Уште едно ново улично куче. Тој што го пуштил, не одговара пред законите.  

Надвор: Има прифатилишта за животни финансирани од државата.

Кај нас: Има еден, стационар Вардариште, кој повеќе наликува на логор, кучињата се прегладнуваат и умираат во кафезите, забрането е и нивно фотографирање, забрането е волонтирање на здруженијата, а стационарот наводно се залага за „хуман третман на животните“.

Изместена е перцепцијата дека сечиј живот е вреден – без да се прави разлика дали повеќе ги сакаш кучињата или луѓето, мачките или орлите, таткото или мајката, братот или сестрата. Сакаш, не мразиш. А оние што убиваат, мразат. Во тоа е разликата.

Кај нас има само еден, стационар Вардариште, кој повеќе наликува на логор, каде кучињата се прегладнуваат и умираат во кафезите

Оттаму, за да се намали омразата спрема се што не оди на две нозе, мора да се сфати дека оваа планета не е измислена само за луѓето. И сакале или не, ќе мора да се научиме да живееме со животните. Тоа не значи дека треба да се дозволи тие да се размножуваат по улици и да се собираат во глутници, токму спротивно. А за да се случи тоа, најнапред секој газда или потенцијален вдомувач на куче треба да си даде завет – дека ќе биде одговорен сопственик, дека ќе го стерилизира својот миленик (ако не планира совесно да создава легла од него), дека ќе го чипува, стави ланче со телефонски број за ако се загуби веднаш да се лоцира, дека нема да го учи на агресивност. За се што е спротивно од ова, треба да следуваат казни. Патем, сè почнува и завршува со тоа како човекот ќе реши.

А дури потоа, следуваат институциите – да ги казнат неодговорните газди, да ги казнат убијците на животни, да отворат прифатилишта за животни во соработка со здруженијата за заштита на животни каде што секое здраво и неагресивно улично куче ќе биде прегледано, стерилизирано, вакцинирано и обележано со маркица. Кога таа здрава и неагресивна единка ќе се врати на својата територија, таа нема да дозволува населување на други. Си го чува својот дом. И за 7 години, колку што е просечниот век на едно улично куче, тие ќе исчезнат од улиците. Под услов да се воведат санкции за оние што ги пуштаат на улица.

За ова, здруженијата апелираат со години. Имало труења, имало убивање животни, шинтерите ги заловуваат секојдневно, па ете ги – пак на улиците. Што значи дека нешто во системот не штима. А тоа што не штима, не се решава со пушка или отров в рака. Бидејќи природата враќа, таа се обидува на сите начини да го врати балансот. Како за инаeт, ќе убиете три, ама четвртото скриено во грмушка ќе преживее. Чисто да ви докаже дека не сте семоќни.

Ете затоа, треба да се научиме да живееме со нив, а сепак да го ставиме под контрола проблемот со уличните животни во земјава, но на хуман начин. На секој друг начин, природата ќе ни одговара како и досега – со деца жртви на кучиња од неодговорни газди, дупло повеќе кучиња по улиците и лешеви како последица на труења низ улиците.

Одбивам да се будам во таква глетка и одбивам да прифатам дека човекот не мрднал од таа точка на примитивизам, а на сметка на тоа, во себе ја собрал сета агресија, која патем понатаму лесно се пренесува како на куче, така и на човек.