Во Македонија и дефинитивно интелектуалната (академската ) елита, наместо слободоумна и гласна совршено се вклопи во режимот на Грујо. Тие се тука (академиците) построени во ред ко послушни цулиња да побараат автограм од семокникот кому ни помалку ни повеке на студентот од Прилепскиот економски, на магистерската што ја “напиша“ како премиер да им удри параф, дека ете и тие биле присутни на тој голем за нацијата чин. Велат, кај и да е, ќе станел и доктор на науки,при крај било пишувањето на докторатот на Груевски на скопскиот економски факултет. Претпоставувам во неа ке го има “рецептот“ како тој за разлика од мокните држави успеа да ја спаси Македонија од економската криза. Верувам во неа ке ја нема тезата дека кај нас се поминува полесно и без потреси оти ние од кога сме осамостоени живееме во криза,и имуни станавме на неа.
Ај да го видиме и тоа чудо од докторат. Туку друго ми е зборот. Него го знаев, но не и универзитетските професори, академиците, студентите и на крај и невладините. 14-ти ден тројца професори во Штип штрајкуваат со глад, а со чест на исклучоци, како никој мува да не го лази. Се сетија само неколку колеги, едвај да ги изброиш на прсти, а ректорот чинам како да си игра мајтап со нив. Откако ги исфрли со обезбедување од просториите на факултетот каде го беа почнале штрајкот, прво ги нападна дека со таков потег ја девалвираат и срамотат институцијата и еве деновиве конечно призна дека фамозното речение конечно допатувало во неговата канцеларија. Ама сега е тој на одмор, велат надвор од земјава, на летување наводно во Грција. Им прати абер да си оделе дома а состанок за нивниот проблем ке имало дури кон средината на август, кога ќе се одмореле. Така е кога универзитетите ни ги водат луге кои засилени со подршката од Илинденска број два, државните универзитети, изградени и финансирани од наши пари, нивни избраници си ги сметаат за свој ПАШАЛАК. Пустион министер Адеми прво се осили, прати порака управата на факултетот веднаш да го реши проблемот на тројцата професори кои во битка за своите права се решија на нај екстремната варијанта- да штрајкуваат со глад. Среќа по нив што уште ги владее разумот па во знак на протест на оваа ЗАСПАНА јавност уште не решиле во дворот на ректоратот да се полијат со бензин и да се САМОЗАПАЛАТ.
Не ме чуди ни веројатно после опомената да не се меша,што омекна министерот, замислете факултетите биле автономни и немало место тој да интервенира. И ректорот кој се криеше од јавноста, веројатно советуван да ги игнорира пред некој ден ете си заминал во Грција на летување.
Премиерот пак логично е мува да не го лази што таму некој“непослушни“ професори ја реметат РОЗОВАТА идила за која секојдневно трубат неговите телевизии и весници. Скраја да е, какво известување, какво информирање,за такви непослушни рецептот е ИГНОРИРАЊЕ.
И во целиот овој владино медиумски молк мене ме запрепасти а и уплажи оној другиот,непдносливиот молк на кобајаги ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА, академската елита. Си молчат, се прават недоветни иако тие најдобро знаат дека прв пат во историјата на Македонија се случува штрајк на факултетски професори, и сето тоа не ги поттикна,ако се плашат да дадат јавна подршка, барем да им однесат по едно шише вода на колегите,да им ја стегнат раката и да им честитаат на храброста. Дали се целосно во право или не, веке и не е важно,не знаеме ни јас ни тие,но инспекторатот им даде за право на штрајкувачите. И тоа не беше доволно колегите МАСОВНО да им дадат подршка и јавно да бараат (со исклучоци на неколкумина) ректорот д-р Митрев да престане со итроштините, да покаже доблест и да им погледне во очите на колегите штрајкувачи. Оној другион скопскион ректор не ни бекнува, оти како го поставија така ке го сменат. Се е во рацете на вождот на Илинденска број два. А пустиот тој, маченикот ко Исус де, се уште не се сетил дека таму некаде во ШТИП а од пред некој ден и СОНК -овци низ државата гладуваат за правда. Се прави на Тошо, умот му е во лопатите за БОЉА ИДНИНА на нацијата, мантра со која владее еве веке девета година.
Тажно драги мои тажно,не толку за шрофесорите штрајкувачи, тие тргнале и решени се нивната битка да ја извојуваат. Потажно да не речам застрашувачки е тегобниот МОЛК на академската фела. Зарем и за штрајк со глад ке молчат и ке штанцаат програмчиња, милостиња од вождот, за да си кутат.
И за крај, еве лично мене најискрено секое утро кога му се јавувам на Крсте (др Шајновски) да го прашам новинарски до каде е работата, некако мачно и срамно ми е што само барам информација и толку. Туку, во државава има и безброј невладини, земаат грантови за такви активности,можно ли е и тие ко ректорот да заминале на одмор и никој ама баш никој освен членовите од СОНК, уво да не ги боли. Тажно е нели, дури и штипската итна помош ако не ја замолат да ги посети, да ги прегледа, да им измери притисок, да им даде инфузија, заборава на Хипократ.И тие ко градоначалникот од Штип, можеби чекаат одобрување од партијата да ги посетат. Дотогаш сите се правиме на ТОШО.
Драги професори штрајкувачи, што да правите,живеете во држава во која режимот воведе МРАК како што досега не е виден. Нека ви е АЛАЛ на борбеноста. Само упорните на крај ПОБЕДУВААТ и се изборуваат за своите права. Другите, нека си молчат и нека го трпат самоволието поттикнато од режимот на Грујо и Али.
Авторот е новинар. Колумната е објавена на страницата на Либертас