Секоја чест за сиот оној прекрасен народ кој ги исполнува улиците и нашите срца секојдневно во последните две недели, но би се осврнал на мојот „омилен дел“ од моменталниот македонски политички фолклор, контра-протестите, т.е. оние собири на граѓани во заштита на режимот и собрани од страна на ГДОМ.
Самото нивно појавување во оваа, најнова, фаза од уривањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, никого и не изненади. Нивното присуство е во склоп на очекувањата за тоа како секој протестен циклус се одвива во изминатите 5-6 години во Македонија. Па така, гледаме и читаме за притисоците со кои се соочуваат вработени во јавната администрација низ цела Македонија, а по најново, посебно на удар се просветните работници. Следствено, пред да се откажат, т.е. да ги постигнат целите (за потоа повторно да се пишманат), гледавме како со автобуси се собирааат од повеќе градови во напатеното Скопје.
Ако порано слушавме дека оваа власт треба да падне за да дојде ВМРО на власт, или дека добиле од оној поубавиот сладолед, сега малку поподробно ни беше објаснет светско-америчканскиот заговор против нашата татковина, иако некохерентноста и изгубеноста останаа како мотив во секоја изјава која со посебни маки медиумите успеваат да ја извлечат од учесниците на овие собири. Патриотските елементи, песните и патетичните извици против предавниците се повторно присутни. И оние симпатични најистакнати идеолози на ГДОМ, како Пандов, Тони, Бато, се сѐ уште тука да ја „бранат Македонија“.
Она што е ново, и посебно забавно, е моралната супериорност над своите директни противници – оние граѓани кои протестираат против власта – во тврдењата дека „македонските патриоти“ се мирољубиви. Гневот на продемократските демонстранти кој беше искажан преку фрлени јајца, камења и боја, како и неколкуте турканици со полицијата, претставува совршена муниција за и онака празната реторика на ГДОМ-овци.
Новопронајдениот хипи идентитет на вмроидниот човечки специмен не преживеа долго, па на соросоидите и комуњарите (или исто е тоа?) им беше порачано да не ни излегуваат на улиците во четврток, затоа што ќе ги снајде гневот на Македонецот
Па така, од устите на истите оние кои тепааа студенти на плоштад во 2009 година (нели, Јанко?), истите оние кои ја демолираа општина Центар, и требаше да му мавнат „два-три шамара“ на градоначалникот Жерновски (нели Грујо?), истите оние кои се насладуваа на трагедијата која ѝ се случи на нацијата од каде доаѓа Ванхауте (нели Миленко?), сега слушаме пораки за мир, добро однесување и гадење од хулиганизмот и вандализмот на соросоидите.
Во контра-протестантскиот репертоар, не може да се забележи многу инвентивност, што и соодвествува со фактот дека се симулакрум за активно граѓанство. Има државни и партиски знамиња, голем банер напред на кој пишува Одбрана, и понекој друг транспарент. Се извикува !Македонија!“, се пеат „Едно име имаме“ и понекоја друга патриотска народна песна, и се порачува дека „Никој ништо не ти може, Никола” во навивачки стил.
Освен оние ринг-лидери, кои, нели, треба да го инспирираат членството да пее и да се внесе, многу тешко е да се забележи дух, посветеност и внесеност, што укажува на фактот дека мнозинството и навистина не сака да биде таму.
Кога видоа дека најверојатно оди тешко да се влечат за нос толку луѓе, што прочитавме и од СМС пораките, во кои со судни маки се молат и исе заплашуваат и уценуваат луѓето за да учествуваат, рекоа дека со распишувањето на изборите се исполнила нивната цел. Па така, движењето се децентрализираше. Е сега пак се пишманија и повторно ќе прават голем митинг во четврток, во очи средбата во петок во Виена.
Арно ама, новопронајдениот хипи идентитет на вмроидниот човечки специмен не преживеа долго, па на соросоидите и комуњарите (или исто е тоа?) им беше порачано да не ни излегуваат на улиците во четврток, затоа што ќе ги снајде гневот на Македонецот.
Во очекување на „најголемиотсобир на македонските патриоти досега”, и со оглед дека му се гледа крајот на овој режим, се надевам дека некои нешта нема да ги заборавиме. Многу од овие луѓе се насила доведени и сѐ уште се уплашени од моќта на режимот. Исто така, многумина се и благодарни за некои од ситниците кои оваа власт им ги фрлила, за да го купи нивниот глас и учество.
Тие луѓе, освен срамот кој ќе го чувствуваат, нема да бидат опасност и проблем за преодниот период кога ќе си ја вратиме демократијата. Но, мислам дека во нашите критики и шеги базирани на сендвич и што тој содржи, го потценуваме хардкор членството на ВМРО кое и тоа како ќе може да прави проблеми при промената на власта; подготвени се на насилство, или се длабоко навлезени во институциите.
Ќе ни биде потребно огромно количество вложен труд и време за да се објасни дека Македонија не страда од комуњаро-СОРОСо-СДСМо-КАНВАСо-бугарско-грчко-албанско-српски-американски -ЕУ-рокфелеро-ротшајлдски заговор против неа туку од оние кои се претставуваат како најголеми патриоти, а нелегално се богатат на грбовите на сите нас.