Бугарскиот главен обвинител Иван Гешев денеска се пожали дека не бил информиран за апсењето на поранешниот премиер Бојко Борисов доцна синоќа, за повеќе од 556 милиони лева, односно околу 285 милиони евра, кои наводно исчезнале од државниот буџет.
Заедно со Борисов, службениците на европското обвинителство и бугарската полиција ги уапсија поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и портпаролката на партијата ГЕРБ на Борисов, Севдалина Арнаудова.
Апсењата се случија веднаш по средбата во Софија на 16 март на европската главна обвинителка, Лаура Ковеши со актуелниот премиер Кирил Петков на која се разговарало за повеќе од 120 случаи на наводна корупција и лошо управување со европските фондови.
Состанокот е израз на јасната желба на новата влада да се справи со репутацијата на Бугарија како корумпирана и да го заобиколи бугарското обвинителство, особено главниот обвинител Гешев.
„Во моментов се водат истраги од страна на европското обвинителство“, изјави денеска премиерот Петков.
Владата одамна јасно стави до знаење дека сака да се ослободи од обвинителот Гешев, кој се смета за заштитник на интересите и наследството на Борисов.
Министерот за финансии Василев денеска откри и дека властите работеле на дојава од прогонетиот олигарх и поранешен фудбалски шеф Васил Божков, дадена во летото 2021 година.
Тој стана гласен противник на Борисов и неговата партија ГЕРБ, откако на почетокот на 2020 година беше национализиран неговиот профитабилен лотариски бизнис.
Неговата дојава ја натера Агенцијата за јавна финансиска инспекција да собере докази за 556 милиони лева кои наводно исчезнале во време на Борисов и Горанов.
Василев денеска рече дека Обвинителството под Гешев знаело за наводите против Борисов, но никогаш не ги испитувало.
Менко Менков, бранител на Борисов, пак изјави дека поранешниот премиер сè уште не бил сослушан за наводите и дека ноќта ја минал во притвор.
Обвинувања за политичка „репресија“
Додека владините министри ги поздравуваа апсењата, членовите и поддржувачите на поранешната владејачка партија на Борисов ГЕРБ ги осудија како политички инстуиран чин на репресија.
„Имаме информации дека следуваат нови апсења на поранешни министри. Ние сме жртви на хунта“, рече поранешниот министер за здравство и член на ГЕРБ, Костадин Ангелов.
Министерот за финансии Василев возврати дека серијата апсења и тепања на граѓани за време на протестите 2020-2021 година против владата на Борисов бил вистински чин на репресија.
„Јас на ниту еден начин не се мешам во работата на органите на прогонот. Правдата не победила додека не се донесе судска пресуда“, изјави друг познат противник на Борисов, претседателот Румен Радев,
Борисов и неговата партија ГЕРБ доминираа во бугарската политика од 2008 година до изборите во ноември 2021 година кога таа замина во опозиција.