Ракопис

Булевар „Маркс и Енгелс“

Раскази: Улиците што ги нема

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

 

 

 

Немаше ни 7 наутро. Иако беше одамна станата, Марија се шуткаше низ станот во пижами. Ѝ беше рано за на работа, а доцна за доспивање. Беше престара да се дотерува со саати; премлада да облече што било и да излезе. Додека стоеше пред плакарот и внимателно пребаруваше како да се облече (маж ѝ Бојан спиеше), некој затропа на влезната врата од станот. Марија малку се штрекна (Кој може да е олку рано? И зошто тропа, а не ѕвони!?) и брзо и напрсти се упати кон вратата. Ја отвори. Беше на возраст кога жените без никаков проблем отвораат врата во пижами.

Соседот Атанас виде дека малку ја штрекнал со толку раната посета и, за да ја опушти, шеретски ѝ рече:

– Ајмооооооооооо судијке!

Марија мигум се расони, се качи на стол и смеејќи се почна да игра со рацете нагоре. Маж ѝ сонлив, излезе од спалната, му кимна со главата на Атанас некако свечено, небаре е во костум, а не во гаќи, и ѝ дофрли на жена си:

– Нема качување на маса!

Сите тројца почнаа слатко да се смеат сѐ додека синот на Марија и Бојан, студент, не излезе од својата соба речиси лут и не свика:

– Што се случува овде!? Мамо, ај приберете се малку, што е ова глупирање од сабајле!

Соседите на петтиот и шестиот кат во Градски ѕид на Булеварот „Маркс и Енгелс“, над „Агромеханика“, каде што се вселија Марија и Бојан веднаш по венчавката, беа супер. Се зближија буквално за неколку дена и почнаа да се посетуваат небаре се во некое гратче во внатрешноста на земјата, а не во строгиот центар на Скопје. На првиот именден на Атанас, на 31 јануари, веќе беа толку блиски што се подразбираше дека сите ќе се соберат кај него. Кај нив, всушност, кај Весна и Атанас Петровски. Седеа, јадеа и пиеја (Весна e домаќинка и пол!), си разговараа тивко, сложно и мошне блиско. Речиси кон крајот на вечерта, дојде пејачот Гоце Арнаудов и сите малку се изненадија, оти Атанас никогаш не го беше спомнал. Го препознаа сите веднаш од телевизија, иако слушаа сосем поинаква музика од онаа што тој ја пееше. Атанас многу му се израдува на Гоце и срдечно го запозна со сите, со еден по еден, објаснувајќи им дека Гоце Арнаудов му е школски другар од Струмица.

– Ова е Марија, млада судијка што сите кога-тогаш ќе нѐ спасува; Бојан, нејзин сопруг, доктор за математики и други тешки работи; доктор Калиопа и доктор Иван, со нив како соседи ни болница ни треба, ни бутур; Ацо е професор по „франсез“ на 200 метри одовде, во гимназијата „Јосип Броз“, неговата Станче само што не магистрирала психологија, варди се пејачу мој од неа и јас се подвардувам малку да ти кажам; и Владо и Лиле – единствени стари скопјани овде кои, ете, за големо чудо, не мразат провинцијалци – се насмеа шармантниот домаќин.

– Ако сме стари скопјани де, и ние имаме професии – дофрли Лиле, надоврзувајќи се на омилената шега на духовитиот струмичанец.

– Нема подобра професија од стари скопјани, Лиле! – рече Атанас, додека Владо цврсто и срдечно се ракуваше со Гоце Арнаудов со десната рака, додека со левата веќе го влечеше својот стол накај жена си, правејќи му место на по малку збунетиот пејач со цврсто залепена широка насмевка на лицето.

Набрзо, Атанас почна да инсистира Гоце да запее. Човекот, иако познат пејач, малку се снебиваше, ем никого не познаваше, ем се чинеше дека луѓето и не ги бендисува баш. Кога Атанас стана многу настојчив, пејачот рече:

– Не можам, Атанасе, твоиве гости се од големото добро утро, не ја сакаат мојата музика, не ги знаат моите песни…

Воздржаната Марија некако се штрекна од коментарот. Ѝ стана непријатно, оти совршено ѝ беше блиско чувството на неприпадност во недоволно позната средина…

– Јас ја знам „Ќе пијам, ќе лумпувам!“ – рече некако прегласно, Гоце Арнаудов стана и веднаш запеа, а таа, вешто и наврапито се качи на столот на којшто седеше. Присутните ги ококорија очите, им се чинеше дека Марија е последната од нив која… Маж ѝ ја придржа за раката и ѝ рече со насмевка:

– Нема качување на маса!

Марија прекрасно играше во ритам на гласот на Гоце Арнаудов, со кренатите раце плескаше и потпукнуваше со прстите, помагајќи му во песната со видлива желба, но и со дотогаш невидлива умешност. На славниот пејач му требаше токму тоа! Збесна! Пееше со срцето, не со грлото до длабоко во ноќта…

Првиот свети Атанас на Булеварот „Маркс и Енгелс“ беше незаборавен. Петтиот и шестиот кат се запознаа со Гоце Арнаудов, а открија и една непозната страна од навидум воздржаниот карактер на младата судијка Марија.

Секој нареден именден кај Петровски се чекаше нестрпливо. Се приготвуваше храна, се печеа прасиња дури, салати, вакви-такви теста… Никој не го спомнуваше Гоце Арнаудов, ама сите знаеја дека ќе дојде. Го очекуваа со срцата.

Пејачот секогаш доаѓаше кога сите веќе беа собрани, кога јадењето беше совладано, а пијачката тргната. Уште од врата ќе довикнеше: – Ајмоооооо судијке! – и веднаш паѓаше песна. Соблекувајќи го капутот, почнуваше со „Ќе пијам, ќе лумпувам!“, а Марија мигум, вешто и наврапито се качуваше на стол. Сите ракоплеска и се смееја, а Бојан ќе дофрлеше:

– Нема качување на маса!

Петте пара кои живееја на петтиот и шестиот кат беа на приближна возраст; во исто време им се раѓаа деца, жените се отепуваа од дружење кога беанапородилни отсуства, влези-излези, качи се-слези по цели претпладниња… Мажите гледаа фудбал, правеа скара,.. и сите заедно, сосе децата, цела година го чекаа свети Атанас, за да го слушаат Гоце Арнаудов и да ја гледаат Марија како игра на стол; судијката Марија која беше највоздржана и најразборита од сите нив цела година, освен на 31 јануари.

Како што одминуваше времето, децата растеа, соседите тивко си старееја,.. прекрасниот пејач ненадејно почина 2011 на 50-ина години, сите го испратија Атанас на погреб во Струмица од паркингот во нивниот блок од Градски ѕид… Потоа Булеварот „Маркс и Енгелс“ стана Булевар „ВМРО“, Марија од ден на ден стануваше сѐ позатворена, сѐ повеќе се срамеше од својата професија… и соседите незабележливо ги сведоа своите средби на културно поздравување во лифт како сите луѓе во големите отуѓени градови. Политиката навлезе и на петтиот и на шестиот кат, па дури Атанас и Владо престанаа да зборуваат, а Ацо не им викаше ни „бон жур“ на докторите кога ќе се сретнеа…

– Ништо не се случува, мали! – се насмеа Атанас на престрогиот глас на студентот. – Ми тече во бањата од горе, па дојдов да видам да не сте ја заборавиле чешмата во вашата бања. Малку е раничко, мајка ти ја исплашив изгледа и затоа сакав да ја потсетам на едни прекрасни заеднички години… Нели судијке!? – ѝ подаде рака на Марија разиграна во пижами, за да се симне од столот.

– Ех, за некој ден е свети Атанас, Атанасе – рече Бојан некако свечено, небаре е во костум, а не во гаќи.

На 31 јануари, со мал заговор на Бојан, сите соседи божем спонтано отидоа на именден кај Атанас. Како некогаш. И оние што пред извесно време секое пладне одеана Шарена револуција и оние кои мислеа дека тие се обични платеници. Судијката исто така. Отсуството на Гоце Арнаудов седеше во дневната на чело… Тогаш доктор Иван извади ЦД од џеб, ѝ намигна на Марија и кога почна „Ќе пијам, ќе лумпувам“, се провикна:

– Ајмооооооо судијке!

Марија поневешто и побавно од обично, ама се качи на столот и заигра. Однекаде долета или само им се причини дека некој рече:

– Нема качување на маса!

Фотоилустрација: З.Р.