Вести

Детската клиника без сапун и без тоалетна хартија

Вработените буквално импровизираат за да обезбедат нормални услови за болните деца | Фото: Shutterstock

Без антибактериски сапун, без медицински ракавици и други основни средства за хигиена функционира Детската клиника, a родители чии деца се сместени на клиниката тврдат дека вработените буквално импровизираат со цел да обезбедат нормални услови за болните деца.

„Забележавме дека нема антибактериски сапун и ги прашавме докторите на клиниката дали да си донесеме од дома или ќе биде обезбеден. Ни рекоа дека е најдобро сами да си купиме, бидејќи и тие се снаоѓале како знаат. Немаше дури ни тоалетна хартија, па една од сестрите ни даде ролна која си ја носела од дома. Запрепастени сме како една клиника која треба да се грижи за здравјето на децата ги нема основните средства за хигиена, за да не се шират инфекции и зарази. Кога станува збор за болни деца, најлесно е да се рашират инфекции кои дополнително би им го влошила здравјето“, велат за БИРН родители на дете кое е сместено на Детската клиника кои тврдат и дека често мораат сами да си набавуваат лекови, бидејќи на клиниката ги нема потребните.

Родителите на две деца кои лежат на Детската клиника, а со кои се сретна БИРН, инсистираа да останат анонимни, поради стравот дека нивните деца нема да ја добијат соодветната нега доколку јавно реагираат.

Пред извесно време од цевките почнало да тече валкана вода, а респираторите со кои се помага дишењето на бебињата, навлегла застоена вода

Освен овие секојдневни проблеми низ кои минуваат вработените и пациентите на Детската клиника, пред извесно време инцидент со опремата на клиниката сериозно го нарушил нејзиното функционирање и ги вознемирил сите кои биле сведоци на случката.

Според очевидци, во текот на работното време на клиниката, додека на интензивната нега биле сместени 15 бебиња, настанал проблем со компресорската станица, од цевките почнало да тече валкана вода, а во респираторите со кои се помага дишењето на бебињата, навлегла застоената вода, во која лесно се размножуваат бактерии.

Вработените од интензивната нега реагирале веднаш и ги отстраниле респираторите, но отворено останува прашањето зошто клиниката не била затворена веднаш, додека да се отстрани проблемот, а наместо тоа продолжила да работи, иако постои опасност инцидентот да се повтори поради контаминираност на цевките низ кои поминува воздухот.

Сега, според нашите сознанија, работат само пет од вкупно девет респираторни машини кои биле во оптек, сервисот за истите чини илјадници евра, па неизвесно е што ќе се случува доколку на клиниката треба да бидат примени повеќе дечиња кои треба да дишат на апарати.

Детската клиника одамна се соочува со проблеми од овој вид, особено поради недостигот на средства, па од тие причини и потрошниот материјал на тендерите се добива според најниска цена, а не според најдобар квалитет, нешто што во случајов сериозно го доведува во прашање животот и здравјето на децата. Опремата, како на пример дел од апаратите за механичка вентилација, наместо да се сервисираат редовно, со години не се сервисирани, а потоа нивната поправка е неколкукратно повисока. Сето ова во прашање го доведува животот на новородените болни деца, кои додека се лекуваат во вакви услови, имаат ризик да развијат фатални интрахоспитални инфекции. 

Од кабинетот на министерот Венко Филипче велат дека се запознаени со проблемите на клиниката и дека во тек е нивно решавање | Фото: Влада на РМ

Директорката на Детската клиника Катерина Ставриќ не одговараше на нашите повици, а од Министерството за здравство ни изјавија дека се запознаени со проблемите на клиниката и дека во тек е нивно решавање.

„Министерството за здравство е запознаено со изолираниот случај на недостаток на средства за хигиена на Клиниката за детски болести. Проблемот е надминат, а во периодот кога имаше недостаток на средства за хигиена како сапун и тоалетна хартија, на родителите им беше дозволено да купат сами. Проблемот е саниран и во иднина нема да има недостаток од основни средства за хигиена на клиниката. Во однос на второто прашање, ве известуваме дека пред некое време на Клиниката за детски болести имаше поплава. Опремата е од Проект ХОПЕ, фирмата е контактирана и сервисот е извршен на лице место. За жал од невремето 4 машини се поплавени и земени се на сервис. Штом бидат сервисирани ќе бидат веднаш вратени за употреба“, велат од Министерството.

Сепак, и покрај ваквиот одговор, нашите сознанија се дека до вчерашниот ден, овие проблеми не се надминати и дека клиниката сè уште се соочува со недостиг од основни средства за работа.

Новиот објект на Детската клиника беше пуштен во употреба минатата година, а во најголем дел опремена е од донации.

Поради ниските буџети во еден клучните ресори во земјава, македонското здравство како да остана заборавено и со децении заостанува од останатите развиени држави, и во поглед на протоколите за лечење, и во поглед на квалитетот на услугите и опремата што се користи.