Актуелно

„Фабриката“ за лични карти се претвори и во „фабрика“ за прислушување

Според обвинителство, во компјутерот во станот на првоосомничениот Захир Бекири и кај други лица биле најдени обрасци за патни исправи, и за други документи, машини и опрема, преси и секачи за фалсификувана документација, како и фолдер со прислушувани материјали

Според обвинителство, во компјутерот во станот на првоосомничениот Захир Бекири и кај други лица биле најдени обрасци за патни исправи, и за други документи, машини и опрема, преси и секачи за фалсификувана документација, како и фолдер со прислушувани материјали

Информацијата што како „ексклузивна и неофицијална“ беше пренесувана вчера од дел медиуми кои важат за блиски до власта, денеска официјално беше потврдена и од Јавното обвинителство.

Заменикот јавен обвинител Јован Цветановски изјави дека десетици илјади незаконски прислушувани разговори биле најдени во компјутерите на осомничените во таканаречената„Фабрика за афери“. Повеќе детали околу содржината на разговорите и нивното потекло не беа дадени, поради, како што рече Цветановски, обемноста на материјалите.

„Повеќе обвинители постапуваат по предметите. Дадени се наредби за истражни дејства до одделението за организиран криминал во МВР, има наредби за вештачења, извршени се претреси и разговори со повеќе лица“, рече Цветановски.

Според обвинителство, во компјутерот во станот на првоосомничениот Захир Бекири и кај други лица биле најдени обрасци за патни исправи, и за други документи, машини и опрема, преси и секачи за фалсификувана документација.

„Во компјутерите се најдени и фалјови на десетици илјади снимени разговори“, рече Цветановски.

Обвинителството на денешната прес-конференција не дозволи да се поставуваат прашања, па оттаму неодговорено остана и прашањето како до одредени медиуми постојано протекуваат информации од истрагата, кои подоцна Јавното обвинителство само ги потврдува.

„Фабриката за афери“ беше отворена во саботата, кога полицијата трагајќи по дрога во станот на еден од тројцата осомничени наводно го нашле погонот за фалсификување на лични карти, документите за кои минатиот месец пишуваше неделникот „Фокус“

Во наредните неколку дена беше објавено дека осомничената група подготвувала фалсификувани бугарски пасоши со имиња на државни функционери, лажни банкарски трансакции од Швајцарија и дека поседувала панцири, а потоа протекоа и информациите дека оваа група поседувала и од прислушуваните разговори, популарно наречени „бомби“.

Медиумите објавија и дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски комуницирал со тројцата осомничени исто како лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во јавноста беше објавена и фотографија на Заев во неговиот кабинет на Бихаќка со еден од осомничените, Захир Бекири, додека Спасовски се фотографирал со осомничениот Аднан Сума за време на партиска активност во скопски Чаир.

Спасовски вчера изјави дека не е вмешан во аферата. Тој изјави дека како генерален секретар на СДСМ и како министер се среќавал со многумина и оти нема никого да амнестира во истрагата за личните карти, без разлика на контактите.

Прес одржа и лидерот на СДСМ Зоран Заев на која ја повика истрагата да открие дали и како разговорите се нашле кај осомничената тројка.