Вести

Финансиската зона е закана за унитарниот карактер на државата

Венецијанската комисија за предлог-амандманот за измена на Уставот кој предвидува формирање на слободна финансиска зона вели дека тој мора да се ревидира за што добиле уверување од властите во земјава

Цената на овие консултантски услуги ќе изнесува 15.375.000 денари или околу 250.000 евра без ДДВ, Фото: alles-schlumpf / Foter / CC BY-NC-SA

Цената на овие консултантски услуги ќе изнесува 15.375.000 денари или околу 250.000 евра без ДДВ, Фото: alles-schlumpf / Foter / CC BY-NC-SA

Воспоставувањето на Меѓународна финансиска зона со предлог-амандманот за измена на Уставот може да доведе до создавање на „држава во држава“ предупредува Венецијанската комисија. Поради тоа, Комисијата препорачува тој да биде ревидиран, за што веќе добиле уверување од властите во земјава.

Истовремено со објавувањето на извештајот на Комисијата, вчера на пладне во Министерството за финансии заврши рокот за доставување на понуди за консултантски услуги за креирање на слободна финансиска зона на територијата на Република Македонија.

Во Министерството за финансии денеска не одговорија на прашањето на БИРН колку компании доставиле понуди и кога тие ќе се разгледаат. Цената на овие консултантски услуги ќе изнесува 15.375.000 денари или околу 250.000 евра без ДДВ.

Министерството за финансии од компанијата консултант бара целосно да го испланира формирањето, функционирањето, финансиската рамка, управувањето и развојот на слободната финансиска зона која би се формирала во Македонија.

Компанијата, која ќе биде избрана за консултант, треба да ја објасни целата правна рамка со која би се формирала финансиската зона. Тие треба да изработат студија во која покрај правната рамка, ќе се објасни и целиот концепт според кој ќе функционира слободната финансиска зона.

Потребен е и план со сите чекори за формирање на зоната, како и потребната инфраструктура. Исто така, избраниот консултант треба да објасни каде физички може да се смести ваквата зона.

За цена од 250.000 евра без ДДВ, консултантот треба да предвиди колкав ќе биде буџетот на зоната, но и какви права и обврски ќе има органот што ќе менаџира со неа. Треба и да се предвиди колку ќе чини формирањето и развојот на зоната, каде и за колку пари ќе се рекламира, но и колку пари таа ќе заработува и троши годишно.

Додека Комисијата на Министерството за финансии ги разгледува понудите за најновата идеја за зголемување на странските директни инвестиции во земјава, една друга Комисија од меѓународен карактер се сомнева во Уставноста на ваквата идеја и дали воопшто е потребна измена на Уставот за нејзиното формирање.

Венецијанската комисија, во извештајот изготвен на барање на македонското Министерство за правда, вели дека тоа што оваа зона ќе биде целосно исклучена од постојниот правен поредок на државата, не е во согласност со Европското уставно наследство.

Тие посочуваат дека целите на ваквата зона може да се исполнат без измена на Уставот, туку со серија законски измени. Венецијанската комисија го анализира токму управувањето и правната рамка на зоната, за која владата бара консултантот да го прецизира.

„Ако сите закони (покрај кривичниот законик) бидат донесени и применети од страна на управен орган, а не од уставно признаените законодавни и извршни тела, зоната станува еден вид на „Држава во држава“ настрана од постојната уставна структура“, велат од Комисијата додавајќи дека тоа е закана за унитарниот карактер на државата што е гарантирано од член 1 во Уставот: „Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“.