Истрагата „Империја“ којашто денеска ја отвори Специјалното јавно обвинителство повторно во фокус ја става мрежата бизниси во чиј центар е поранешното пријателство меѓу Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Другите луѓе што СЈО ги именува како опфатени со истрагата пријателски или роднински се врзуваат со нив или во некоја точка од времето соработувале со Мијалков или со Камчев.
За оваа мрежа досега пишуваа БИРН и уште неколку други медиуми.
Сѐ уште не се знае со какви материјали располага Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓутоа според нашите истражувања во јадрото на империјата се најпознатата офшор-фирма „Ексико“, неколку скопски компании и капиталот од Белизе.
„Ексико“ и Белизе
„Ексико“ е веројатно најуспешната анонимна компанија во Македонија, иако е формирана уште во далечната 2001 година. Денес како нејзин сопственик се води швајцарската „T&MJ Инвестмент СА“ лоцирана во Лугано.
Никој не знае од каде „Ексико“ ги добиваше приходите и со што првично се бавела, меѓутоа фирмата вложуваше во изградба на недвижности или купуваше удели во моќни македонски компании.
Нејзин директор сѐ уште е Тодор Мирчевски, човекот којшто е дел од оваа истрага на СЈО.
Во периодот по 2011 компанијата стана акционер на најголемиот земјоделскиот комбинат во Македонија „Пелагонија“, преку кој влезе во битолската „Стопанска банка – Битола“ и во млекарницата „Здравје Радово“, додека како акционер се јави и во градежната компанија „Бетон – Штип“. Сега веќе е повлечена.
Во дел од овие бизнис авантури ги придружуваше семејството Панделески, кое преку Дејан Панделески кумски е врзано со поранешниот министер Миле Јанакиески.
Токму таткото на Дејан Панделески, Цветан е еден од осомничените во новата истрага на СЈО.
„Ексико“ градеше хотели со „Орка“ на Камчев – близу скопскиот плоштад, „Хотел Ибис“ и на Водно, „Хотел Панорама“, а на оваа скопска планина фирмата изгради и уште една станбена зграда.
БИРН уште пред неколку години откри дека првиот сопственик на „Ексико“ бил подоцнежниот кумашин на Сашо Мијалков, Жарко Луковски, а прв директор Небојша Стајковиќ, човекот кој имаше раководна функција во УБК кога таму директор беше првиот братучед на Никола Груевски.
Брат на Небојша Стајковиќ е Владислав Стајковиќ, којшто е најпознат по аферата што преку „бомбите“ ја отвори СДСМ и којшто се однесуваше на набавката на израелската опрема преку фирмата НВСП.
Владислав Стајковиќ бил директор и на „Финзи“ до 2011, кога на таа позиција доаѓа сега покојниот Коста Крпач, кој се самоуби откако Специјалното обвинителство отвори истрага за работата на оваа фирма.
„Финзи“, всушност, беше вклучена во случајот „Трезор“ на СЈО за сомнителна набавка на УБК на опрема од Велика Британија, а компанијата долго време беше сопственик и на порталот „Нетпрес“, којшто беше дел од пропагандната мрежа на ВМРО-ДПМНЕ.
Интересно за Владислав Стајковиќ и за неговата НВСП, е што се јавува како сопственик на регионалната телевизија „К три“ од Куманово и на Радио слободна Македонија, која беше гласник на поранешната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
А, НВСП всушност беше и првиот сопственик на фамозната фирма за обезбедување, „Секјурити груп сервисес“ или попозната како СГС, која СДСМ преку „бомбите“ ја поврзуваше со Сашо Мијалков, а во прислушуваните разговори можевме да чуеме дека ексдиректорот на УБК менаџирал со вработувањето на обезбедувачи.
СГС во времето на ВМРО-ДПМНЕ доминираше во бизнисот со обезбедување и кај државните институции, но и меѓу приватниците.
И за да биде мрежата уште позамрсена првата адреса на СГС е онаа на којашто сѐ уште е регистрирана фамозната „Ексико“.
Семејството Камчеви
Во истрагата на СЈО вклучени се и мајката и сестрата на Јордан Камчев, Ратка Куноска Камчева и Христина Камчева Стојческа.
Јордан Камчев е познат по тоа што при крајот на 2011 влезе во медиумската компанија МПМ, која ги поседуваше весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ и која пропадна минатата година.
Од „бомбите“ слушнавме дека влезот на Камчев во МПМ, Мијалков го објаснуваше со зборовите „таму сега јас преземам контрола“.
Камчев е интересен и по тоа што во неговите бизнис походи често друштво му правеше фамозната „Ексико“, а индиректно со него се врзуваа многу фирми што доаѓаат од офшор-дестинацијата Белизе.
Токму Јордан Камчев целосно ја презема фирмата „Сирах Лимитед“ која директно од Белизе купи 11.000 квадрати на Водно и со која управуваше првиот венчален кум на Никола Груевски, Ристо Новачевски.
Камчев во 2018 стана газда и на третина на хотелот „Мериот“ преку фирмата „Дивелоп груп“, која е основана со капитал од Белизе. Подоцна овој удел отиде во семејната фирма на Мијалкови.
Овие две фирми од Белизе се регистрирани на истата адреса на овој тропски остров со фирмата „Иресине лимитед“, која го основаше неделникот и порталот „Република“.
На истата адреса во Белизе е стационирана и фирмата која ја градеше салата „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ зад кои денес стои пријателот на Камчев, Сергеј Самсоненко.
Ова е само дел од она што досега БИРН и другите медиуми во последнава деценија го објавија за оваа мрежа од фирми.
Во неа има уште неколку крупни и познати бизнис и политички имиња од Македонија, а со оглед дека СЈО најавува проширување на истрагата можно е и тие да бидат вклучени во истрагата што го носи името Империја.