Предлог – законот, со кој се предвидува практична забрана за објавување на материјалите од таканаречените бомби на опозицијата во политичките кругови се смета за пробен балон но и отворање простор за пазарење на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ околу начинот на регулирање на изборната регулатива.
Неуставен е новиот предлог – закон што го поднесе ДУИ, а го поддржа ВМРО-ДПМНЕ, со кој меѓудругото се предвидуваат минимум четири години затвор доколку медиум објави прислушувани разговори или транскрипти.
Вакви се коментарите на правните експерти што ги консултираше БИРН, откако за првпат во македонската историја е предложен закон со кој се предвидуваат санкции и за објавување материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации и на социјални мрежи и на веб портали.
„Ова претставува напад врз медиумите и закана за оние што ги поседуваат снимките“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Предлог – законот е толку глупав, што мојата правна логика не ми дозволува да го коментирам“, вели за БИРН адвокатот Александар Тортевски.
Предлог – законот, во превод значи дека материјалите од таканаречените бомби на опозицијата не смеат да се најдат на Фејсбук или на Твитер, а според зборовите на претставникот на ДУИ, Талат Џафери, медиумите ќе треба да ги избришат објавените материјали.„Во секој случај, ако вие на вашата веб-страна имате таков материјал, ќе имате обврска да го повлечете“, изјави денеска пратеникот од ДУИ Талат Џафери, еден од потписниците и предлагачи на законот, одговарајќи на новинарско прашање.
„Предлог законот несомнено претставува обид за цензура која е неприфатлива за која било земја која сака да се декларира како демократска. Апелираме пратениците да не го изгласаат овој закон и да сторат се што е во нивна можност тој да не помине во собраниските процедури“ реагираше веднаш Синдикатот на новинарите (ССНМ)
Подоцна, во емисијата на Телма, „Топ тема“, Џафери излезе со поинакво толкување. Тој рече дека законот не би важел ретроактивно, односно би важел „од моментот кога е избран специјалниот јавен обвинител, со цел да се создаде законска рамка на сè што постои во однос на темата прислушување и да се врати во институционална рамка“.
„Тоа е веќе објавено и не може веќе да се третира со закон, но не смеат да се реобјавуваат снимките“, рече тој во емисијата „Топ тема“.
Ова, според правните познавачи, претставува преседан во правото, бидејќи македонскиот Устав ја забранува цензурата, а Европската конвенција за човекови права забранува објавување на материјали, но никаде во конвенцијата не постои термин „забрана за реобјавување“.
Според предлог – законот, оние што добиле аудио снимки или транскрипти од страна на СДСМ, како што се новинарите или претставниците од невладините организации, ќе треба да ги предадат материјалите до јавниот обвинител. Во спротивно, ќе следува казна од најмалку четири години затвор.
Една од најспорните точки од законот, според правниците што ги консултиравме, е делот во кој се вели дека доколку „делото доведе до смрт на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години“.
„Доколку почине некој што го има на снимките, секогаш тоа ќе може да се протолкува дека починал затоа што го имало на снимките“, вели Тортевски.
Маргарита Цаца Николовска, пак, тврди дека во случајов има судир меѓу Кривичниот закон и овој предлог закон.
„Хипотетички, ако некое лице биде убиено поради снимките, според кој закон ќе одговара убиецот? Бидејќи Кривичниот закон предвидува најмногу доживотна казна, а овој предлог закон предвидува 10 години. Станува збор за класична колизија на законите“.
Од што се плаши власта?
Предлог законот беше предложен само десетина часа пред да истече рокот во кој политичките партии требаше да постигнат договор за измените на изборната регуатива што се прават согласно договорот од Пржино за излез од политичката криза.Во политичките кругови се зборува дека овој чекор на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ отвора можност за пазарење околу начинот на регулирање на изборната регулатива.
„Во светот никаде не се носи закон за една минута, по итна постапка. По сето ова, можам само да заклучам дека власта се плаши од бомбите кои не беа објавени во јавноста“, вели Кадриу.
Со сличен став е и Николовска, која вели дека „станува збор за закана да не се објавуваат снимките, а најлесно е тоа да се направи итно, преку донесување закон“.
„Ако се донесе законот, се отвора можност секој кој сторил криминал, а е на власт, да си донесе закон и да каже дека за ова не смее да се зборува и објавува во иднина“, смета Тортевски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, за „Нова“ изјави дека очекува да се повлече предлогот.
„ДБК и Мијалков имаат тројно повеќе материјали, катастрофа е да бараат ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ да не се објавуваат бомбите, но и да се бришат што практично значи бришење на колективната меморија на народот. СДСМ се согласува дека треба да се стави забрана за идно објавување за да не се злоупотребат снимките, но веќе објавените бомби мора да бидат ставени на маса и за нив да се дебатира, согласно договорот од Пржино што подразбира и ангажирање на специјалниот обвинител“, изјавил Заев за „Нова“.
Со оглед на тоа што предлог-законот се носи по итна постапка, за него ќе се дискутира на следната собраниска седница, која најверојатно ќе се одржи до крајот на неделава.