Анализи

Годината низ наша призма

Со ревијална ретроспектива се навраќаме кон најважните стории што ги објави „Призма“, како гласило на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во Македонија.

Доколку белата светлина, која ги содржи сите други бои, се гледа низ едноставен триаглест кристал – призма, таа се разложува на сите бои во спектарот. Логото на нашата „Призма“ е шарено, затоа што ние се обидуваме да ги осветлиме настаните во нивните скриени бои, да го најдеме пејзажот што ѕирка низ преку белиот зрак од „крајот од тунелот“.

„Призма“, како гласило на Балканската истражувачка мрежа (БИРН) во Македонија стана дел од сајберпросторот во декември 2013 година.

Вообичаено преминот кон новата година претпоставува некаков рекапитулар на тоа што сме го направиле во старата, па во продолжение ќе се обидеме да се навратиме на најважните стории што ги објави „Призма“ – месец по месец со линкови кои водат директно кон сториите:

Јануари

Младите не сакаат да слушнат за останување во малите градови | Од сторијата: Скопје нема да може да го издржи притисокот на провинцијата

Јануари 2014 година беше месец кога на „Призма“ веќе беа објавени првите истражувачки стории од Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.

Сторијата на Владо Апостолов „Државната тајна за Рудникот Иловица сее страв од тешки отрови“ во која се откри дека и македонската држава и инвеститорот „Еуромакс рисорсис“ ја кријат еколошката студија за идниот златен рудник „Иловица“, документ кој треба да гарантира дека површинскиот коп нема да направи еколошки проблем во регионот, беше една од првите.

Александар Писарев на почетокот на „Призма“ пишуваше за миграцијата од помалите градови во Македонија во Скопје и опциите градот да го издржи притисокот, а Зорана Гаџовска Спасовска и Кристина Озимец преку своето истражување обелоденија како младински граѓански здруженија од Македонија, од кои некои се практично невидливи за јавноста, пет години примаа значајни средства од ЕУ фондовите.

Февруари и март

Куќа од комплексот Варналии во распаѓање | Од сторијата „Го снемува македонското архитектонско наследство“ | Фото: Д.Саздова

Во февруари пишувавме за запоставеното и заборавено историското наследство, а во март Ирена Мулачка за БИРН го објави истражувањето за состојбата со водата за пиење во Свети Николе, насловувајќи го „Добредојдовте во `Градот на смртта`“. Во гратчето со едвај 15.000 жители, 200-300 луѓе годишно починуваат од последици на загадувањето.

Истиот месец, Маја Јовановска го објави истражувањето за продавањето универзитетски дипломи, насловено: „Тетовско Селце – Универзитетски град“.

Според сторијата, жител на селото, на возраст од 30 години, во подрумските простории „штанцал“ факултетски уверенија и им ги продавал на италијански државјани. Најголем дел од дипломите го носеле називот на Факултетот за медицински науки при Државниот тетовски универзитет. Сторијата зборува и за слични „дипломи“ кои доаѓаат од соседството.

Мај и јуни

БИРН ги истражуваше местата каде што водата во Македонија е најзагадена | Од сторијата „Вода – за некого живот, а за некого болест!“ | Фото: М. Јордановска

Во мај, „Призма“ се придружи кон јавниот медиумски притисок и информативно го третирашепроблемот на македонската певица Вања Лазарова и условите во кои, заборавена од институциите, музичката легендата ги живее доцните години, но го објавивме големото регионално истражување во кое учествуваше колегата Синиша Јаков Марушиќ насловено како „Учениците на Балканот учат различна историја за Првата светска војна“.

Во јуни, Мери Јордановска ја напиша истражувачката сторија „Вода – за некого живот, а за некого болест!“ откривајќи неверојатни податоци за отровноста и последиците од водата за пиење во Гевгелиско и Тетовско.

Владимир Калински, пак, во сличен стил ја разоткри состојбата со загадувачите на скопскиот воздух во сторијата „Загадувањето на Скопје: Злосторство без злосторници“ .

Точно во моментот кога ја истражувавме дискриминација на македонските Роми на граничните премини, актерката на Театарот за деца и младинци Емра Куртишова на „Фејсбук“ јавно реагираше дека со уредни документи е вратена од граница со што се чувствува дискримирана. Истражувањето на БИРН кое беше објавено веднаш по настанот, утврди дека тоа е само еден од низата случаи, а по јавниот притисок, практиката на ставање печати за забрана за излез во пасошите на македонските Роми престана.

Јули и август

Најдраматични се намалувањата на казните на сообраќајната полиција пред парламентарните избори на 5 јуни 2011 година и локалните избори на крајот на март и почетокот на април во 2013 година | Од сторијата „Предизборна амнез(ст)ија: институциите го `олабавуваат ременот`“ | Фото: А. Димитриевски

Во јули Министерството за транспорт и врски реагираше, бидејќи се најде повикано во истражувачката сторија на Марија Митевска насловена како „Земјиштата продадени, хотелите неизградени“ во која таа докажува дека пет години откако државното земјиште за изградба на хотели се продаде по почетна цена од едно евро за метар квадратен, на ниту една од локациите нема градежни активности, а законите налагаат на инвеститорите кои не ги испочитувале роковите, земјиштата да им бидат одземени.

Во реакцијата, не успевајќи да ја демантира суштината на истражувањето, Министерството покажа дека рокот од пет, без да се објаснат мотивите, бил зголемен на десет години, што може да имплицира и дека Законот е регулиран од случајот, а не обратно. Воедно беше објавен и аргументиран одговор на авторот на што Минитерството се повлече.

Јули беше плоден месец за „Призма“ која бавно, но сигурно се етаблираше како сериозен набљудувач на злоупотребите, особено на јавните пари или на интересите на граѓаните. Така, додека туристичката сезона беше во полн ек, а Владата интензивно се задолжуваше и од внатрешни и од надворешни извори, Васко Попетревски во истражувањето за БИРН го забележа и го објави фактот дека три клучни држави (САД, Германија и Велика Британија) гласале „воздржано“ при одобрувањето на последниот заем од Светската банка за Македонија, а поради игнорирањето на забелешките од македонската Влада, критиките се повторени и на состанокот на Бордот на ММФ. Нешто за што Владата молчеше.

На претходниот текст се надоврза и интервјуто со ексгувернерот Петар Гошев, кој јавно предупреди дека „јавниот долг расте галопирачки“. Тие два текста беа најчитани на „Призма“ до тој момент, со што нашето гласило доби на гласност и беше цитирано од десетици медиуми. Артиклите беа реобјавени на „Балкан инсајт“, регионалното гласило на БИРН на англиски јазик.

Со репортажното покривање на протестите на Албанците за случајот „Монструм“ малку навлеговме и во просторот на дневното новинарство, но акцентот на истражувањата го вративме со анализата на Александар Димитриевски „Предизборна амнез(ст)ија: институциите го `олабавуваат ременот`“, каде што низ факти и бројки се докажува дека полицијата и инспекциските служби во последните години, непосредно пред изборните циклуси, стануваат потолерантни кон граѓаните, а од друга страна, веднаш по завршувањето на гласањето, повторно се обидуваат да го „надополнат испуштеното“.

Сторијата изобилува со податоци и интерактивни графикони.

Менче Точи предупреди дека поради недостигот на вакцини за децата, граѓаните набавуваат непроверени ампули од соседството. По сторијата, но и под зголемениот притисок на граѓаните, состојбата забележа напредување, односно Министерството за здравство вложи додатен труд да ги намали проблемите со снабдувањето со вакцини.

Септември

Црква во дворот на хотел „Плаза“ во Маврово | Фото: Александар Писарев | Од сторијата „Македонија распната меѓу крстот и полумесечината“ | Фото: А. Писарев

Во септември се свртевме кон судбината на македонско девојче кое пребега во Сирија. Сторијата на Саше Димовски со својата едноставност, сугестивност и драматичност се наметна кај пошироката публика и беше „наградена“ со споделувања, но и со безброј цитирања и пренесувања во медиумите.

Сторијата на Александар Писарев, „Македонија распната меѓу крстот и полумесечината“ зборуваше за неверојатните урбанистички „верски војни“ во Македонија, за необичниот натпревар на верските заедници во тоа која ќе изгради повеќе, поголеми и повпечатливи верски објекти.

Делови од сторијата преземаа и балканските и светските новински агенции, особено за бројот на верските објекти кои се градат во последните години, со што приказната доби глобален призвук. Сторијата беше објавена и на англиски на „Балкан инсајт“.

Затечен од влијателноста на приказната, еден од консултираните, отец Бобан Митевски, демантираше дека дал изјава за БИРН, но доказите беа на наша страна.

Меѓу другото, отецот во интервјуто во рамките на истражувањето кажа: „реалната ситуација на теренот покажува дека муслиманите ја освојуваат територијата и ја обележуваат со верските објекти и таму каде што реално немаат население и верници. Како одговор на тоа, ние градиме цркви, поставуваме крстови и ја браниме нашата територија од освојувачи. Ја чуваме територијата која е наша и се трудиме на сите верници да им обезбедиме услови достоинствено да си ги изразат и негуваат своите религиозни чувства“. Изјавата ја пренесоа многу балкански медиуми.

Во септември, преку истражувањето на Сунчица Стојановска, меѓу другото, разоткривме дека Фондот за здравство штеди на ортопедски помагала, односно дека се трошат се повеќе пари, а се купуваат се понеквалитетни помагала.

Октомври

Музејот на Ататурк сè уште не е отворен за посетители | Од сторијата „Спомен-куќа посилна и од спомените и од реалноста“ | Фото: Г. Трпковски

Во октомври, „Призма“ доби засилување од двајца познати истражувачки новинари, кои станаа дел од постојаниот тим на БИРН: Мери Јордановска и Горан Ризаов, што силно влијаеше на квалитетот и квантитетот на содржината. Така во октомври го објавивме најчитаниот текст на „Призма“ досега, исповедта на една скопјанка за нејзиното патешествие додека да се изведе абортус од здравствени причини, по промените на Законот.

Сличен беше и одзивот на анализата на Ризаов: „Хонорарците ем невработени ем обесправени“ во која ги анализиравме најавените промени во начинот на плаќањето на придонесите за хонорарна работа. Токму во таа анализа прв пат беше објавено дека од значително зголемените плаќања на придонеси ќе бидат изолирани некои слоеви на граѓани, особено јавни функционери, еден од фактите што го предизвика револтот на „хонорарците“ да излезат на масовен протест пред Владата и да почнат да ги „бомбардираат“ премиерот и министрите со писма и петиции.

„Призма“ со отворањето продолжи континуирано да ја следи темата.

Во октомври го интервјуиравме и последниот потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Трајко Славески, кој, меѓу другото, го даде својот став за контроверзните слободни финансиски зони кои сака да ги воведе Владата.

Во текот на октомври колегата од „Балкан инсајт“ Синиша Јоков Марушиќ ја интервјуирашеАмбасадорката на Холандија во заминување – Мариет Шурман која, меѓу другото, кажа дека актуелната власт не ги штити своите граѓани и замина на новата функција како одговорна за правата на жените во НАТО.

Гоце Трпковски истражуваше колку е автентична новоизградената спомен-куќа на Мустафа Ќемал-Ататурк во Коџаџик и преку прекрасна репортажа илустрирана со автентични фотографии ја покажа претенциозноста на спомен-куќата, посилна и од спомените и од реалноста, на што реагираше Министерството за култура во обид да ја оправда неавтентичноста на објектот.

Во истиот месец истражувавме зошто СМС пораките во Македонија се скапи, но и во очи на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во процесите на интеграција со Европската унија направивме мултимедијална хронологија на македонскиот макотрпен пат во таа насока.

Покрај видеото до кое дојдовме преку читател, кое прикажуваше како плачат во УЈП за блокирани сметки, додека службеничката пуши цигара во канцеларија, направивме иилустрирана анализа на тоа колку чини македонскиот граѓанин да се храни здраво, т.е. според скапата кампања на Владата за здрава исхрана која граѓаните ја наградија со 723 споделувања со што сторијата стигна до илјадници.

Ноември

Зградата „Филип“ – заградена со лимови и катанци | Од сторијата „Невидливиот `Филип` на `Фиком` запечатува човечки судбини“ | Фото: К. Озимец

Покрај континуираното следење на случајот Кежаровски, во ноември дојдовме до докази кои покажуваа дека државата му понудила спогодба на Велија Рамковски – компензација за долгиот притвор и нарушување на пресумпцијата на невиност во случајот „Пајажина“ за кои се жалел пред Европскиот суд, но тој ја одбил. Соочени со тоа дека државата ќе го загуби случајот, Владата ќе ги менува законските одредби за притворот.

Истражување на БИРН кое беше значајно за сите политички фактори и јавноста во Македонија беше „Што им предложил Нимиц на Атина и Скопје за името“ во кое обелоденивме официјален документ со предлозите од 2013 година, нешто што предизвика дебата, но во исто време и запре голем број шпекулации кои потекнаа од мистериозно водениот процес.

Резултатите од истражувањето беа цитирани од огромен број домашни, но и странски медиуми, пред сè како последица на преземањето од страна на новинските агенции и ниту еден фактор не се обиде да ги демантира, затоа што, како и во сите стории, БИРН секогаш работи врз основа на факти и документи.

Во тој период, повторно ја отворивме „Пандорината кутија“ на „Фиком“ и преку сторијата на Кристина Озимец ја расветливме состојбата околу зградата наречена „Филип“, објект кој иако постои во централното скопско подрачје, во фаза на карабина, судовите во клинч меѓу граѓаните, инвеститорот и банката – го игнорираат.

Ние продолживме да „копаме“ околу новите законски измени за хонорарците и од почеток се зафативме со едно од најгорливите прашања во моментот – „државниот испит“, кој тогаш сите, вклучително и премиерот и министрите, го викаа „екстерно тестирање“.

Студентите, јавно, гласно и јасно го покажуваа својот став, со што македонскиот општество по долги години почувствува една енергија која е чиста и има јасна цел – подобар живот.

Професорот Небојша Вилиќ, кој меѓу првите застана на страната на студентите, во интервјуто за „Призма“ изјави: „Ова е еден од најсериозните тестови за ‘Студентскиот пленум’: ако ги откажат идните активности заради тоа што измените нема да важат за нивните генерации, тоа ќе биде уште едно предавство на или во студентскиот активизам“.

Во ноември на читателите им го понудивме фактот што Македонија не покажала интерес да ја укине банкарската тајност, поткрепен со изјави од одговорните од ОЕЦД , кои во суштина го промовираа новиот заеднички стандард за размена на банкарски податоци, кој меѓународната заедница ќе го применува од 2017 година. Колегата Горан Ризаов анализата ја поткрепи и со интерактивен инфографик за странските оф-шор инвестиции во Македонија.

Во истиот месец како постојан колумнист ни се придружи Катерина Блажевска, која секој петок, пет минути до пладне има „Мој термин“ на „Призма“, каде со нејзиниот маестрален новинарски стил, бестрашно го распрснува спектарот политичкото секојдневие во видливи бои.

Декември

Студентите протестот го завршија пред зградата на Владата | Од сторијата „Најмасовни студентски протести до сега“ | Фото: М.Јордановска

Во последниот месец од 2014 година, продолживме да ја следиме состојбата со државниот испит и репортажно ги следевме протестите, но будно ја следевме и состојбата со законските измени за придонесите. Така, со имиња и фотографии ги покажавме функционерите кои отворено се залагаат за законските измени, а самите се изземени од нив. Во исто времезабележавме и дека исчезна процедурата која предвидуваше функционерите да не плаќаат хонорари. Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на прашањето на БИРН каде исчезна процедурата изјави дека, всушност, станувало збор за работен документ кој трпи промени, но не објасни зошто работен документ бил доставен до медиумите и објавен на веб-страницата на ПИОМ и на Министерството. Тој, потврдувајќи дека законските измени ќе стапат на сила од 1 јануари 2015 година, беше дециден дека функционерите нема да бидат изземени од плаќање придонеси за хонорарите.

Деновиве го објавивме и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое покажува голема економска сегрегација меѓу регионите во Македонија и кое, се надеваме, ќе послужи како ресурс за новинарите, но и за граѓанскиот сектор.

На 9 декември колешката Мери Јордановска анализираше како е конципиран Правилникот за советување при прекин на бременоста и заклучи дека тој претставува сценарио за психолошка траума, бидејќи пред да абортира, жената ќе треба да го слушне срцебиењето на плодот!

Меѓу другото „Призма“ како дел од Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор континуирано ги пренесува соопштенијата и активностите на граѓанскиот сектор во својата рубрика НВО инфо и во текот на 2014 година беа објавени над 2.000 вести, соопштенија и најави за настани, а неспорен беше и ефектот од рубриката „блог“, која е отворена за сите кои имаат што да кажат и сакаат тоа јавно да го соопштат.

Ви благодариме за досегашната поддршка и ветуваме дека во новата година ќе бидеме уште подобри и пооригинални, дека ќе влеземе длабоко под површноста на секојдневието и на светлина ќе ги извадиме сите скриени злоупотреби во општеството, затоа што ние „пишуваме – не препишуваме“!

Следете нѐ!