Анализи

Happy New Fear

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
siromastija-robert-atanasovski-2

Во наследство од 2016 година останува јавниот долг од 4,76 милијарди евра што е 50,6% од БДП, висока стапка на невработеност од 23,4%, односно над 220 илјади луѓе, и стапка на сиромаштија од 21,5% / Фото: Роберт Атанасовски

Нова е годината, а стара е неизвесноста како и лани. Од денешна перспектива, само оптимистите проценуваат дека во 2017 година барем ќе се повторат слични 365 дена како ланските.

Прв тест од кој ќе зависи како ќе се одвива целата 2017 година ќе биде обидот уште во јануари да се формира нова влада за што многу комбинации се можни, но ниту една опција не може да се исклучи, особено онаа дека ќе нема договор, односно, оти ќе има нови предвремени парламентарни избори. А годината секако нема да помине без политички избори, бидејќи веќе за во мај се закажани локалните.

Токму политичката нестабилност е засега највидливиот ризик на радарот што го ограничува економскиот раст и секоја проценка за економијата паѓа во длабока сенка на политиката.

Скептичарите пак, не исклучуваат политичките превирања да ескалираат до драматични размери во кои „демократијата“ повторно ќе излезе на улица, а ова сценарио според кое е јасно дека економијата ќе нема сили да ѝ пркоси на политиката, колку и да е непредвидливо, не е и неверојатно.

Највидливиот ризик на радарот што го ограничува економскиот раст е политичката нестабилност и секоја проценка за економијата во 2017 година паѓа во длабока сенка на политиката

Граѓаните стравуваат дека ова е уште една изгубена година во која политичарите ќе се обидуваат да го оттргнат вниманието од главните проблеми во државата, меѓу кои се оние од економска природа, како невработеноста и сиромаштијата, ниските плати, но и корупцијата, опструираната правда и блокираните евро – атлантски интеграции на земјата.

Иако граѓаните прилично прецизно насетуваат каква ќе биде оваа година и што можат да очекуваат од неа, без оглед на сите ветувања што ги слушнаа од партиите во предизборниот период, сепак, економистите имаат повеќе детали.

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, за БИРН вели дека македонската економија почива на солидни фундаменти, но политичката криза последните две години го прекина трендот на зголемување на стапката на економски раст.

„Економијата може да се врати на патеката на забрзување на растот под услов да се врати политичката стабилност. Тоа е, всушност, и основната претпоставка од која тргнува Народната банка во својата проценка. Носители на растот ќе бидат извозот и инвестициите, а свој придонес ќе даде и личната потрошувачка. Евентуалното продолжување на политичката нестабилност ќе ги доведе во прашање ваквите позитивни очекувања“, вели Богов, гувернер на Народната банка којашто проценува дека економскиот раст годинава ќе достигне 3,5%.

Претседателот на Здружението на даночни советници, Павле Гацов, исто така смета дека политичката криза и поврзаните негативни рефлексии врз економијата ќе продолжат и годинава. Според него, политичката и правната несигурност ќе бидат главните ризици за македонската економија и оваа година и Македонија ќе остварува понизок економски раст од можниот.

„Интензитетот на кризата би можел да се засили особено пред претстојните локални избори. Зависно од избраната политичка опција, растот ќе зависи од јавната потрошувачка, градежништвото и извозот. Буџетот нема да се реализира според планот. Ова се однесува како на планираниот буџетски дефицит и капитални расходи, така и на планираните буџетски приходи“, проценува Гацов.

Банкарите се исто така песимисти кога е во прашање политичкото влијание врз бизнисот.  Главната финансиска директорка на Комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева, вели дека без оглед кој ќе ја формира идната влада, исходот од предвремените парламентарни избори не се очекува да придонесе за значителна стабилизација на политичката ситуација во земјата.

„Македонската економија ќе продолжи да функционира во амбиент на неизвесност, што неповолно ќе влијае врз оптимизмот на бизнис секторот. Во такви околности, може да се очекува дека домашниот приватен  сектор ќе продолжи да биде внимателен во однос на позначајни нови инвестиции“, вели Штериева и додава дека е многу важно годинава да биде сочувана макроекономската стабилност за што би помогнало започнувањето на процесот на фискална консолидација и постепено сведување на буџетскиот дефицит во зона на долгорочна одржливост.

Меѓународните финансиски институции исто така ја гледаат македонската економија годинава низ слични индикатори.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот последен извештај исто така проценува дека македонската економија годинава ќе порасне 3,5%, според Светска банка растот ќе биде 3,3%, додека пак, најпесимистичка е прогнозата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 3%. Меѓутоа, овие проценки се направени во периодот септември – октомври лани, додека сѐ уште се веруваше дека политичката криза ќе заврши со завршувањето на парламентарните избори.

infografik

Освен политичкиот ризик што се смета за најголема пречка што го ограничува економскиот раст во Македонија, стравувања доаѓаат и однадвор. Иако аналитичарите сѐ уште се двоумат, и едните типуваат на Брегзит, а другите на Бремејн (изведенка од Britain и од remain), сепак доколку се оствари волјата на поголемиот дел од Британците кои лани се изјаснија нивната земја да ја напушти ЕУ, тоа може да има сериозни последици врз европската економија, особено Германија, којашто е наш најголем извозен пазар. Со тоа, неизвесни стануваат нарачките за половина од македонскиот извоз што завршува токму на германскиот пазар.

Гувернерот Богов, пак,  вели дека се очекува Брегзит да има незначително негативно влијание врз економскиот раст во ЕУ.

„Решавањето на проблемите со високите лоши пласмани во италијанските банки и изборите во неколку клучни ЕУ земји се дополнителни ризици кои можат да донесат нови непредвидени проблеми. Најдобар начин да се одговори на ваквите предизвици од меѓународното опкружување е да се продолжат и забрзаат структурните реформи“, вели Богов и додава дека тоа би значело натамошно подобрување и либерализација на деловниот амбиент, политика на ниски даночни стапки, флексибилен пазар на работна сила, привлекување странски директни инвестиции во извозни индустрии, креирање квалитетни институции и фискална консолидација.

Во наследство од 2016 година останува јавниот долг од 4,76 милијарди евра што е 50,6% од БДП, висока стапка на невработеност од 23,4%, односно над 220 илјади луѓе и стапка на сиромаштија од 21,5%.

Според проценките на меѓународните финансиски институции, овие бројки нема да се променат значително ниту годинава. Јавниот долг според Фискалната стратегија на Министерството за финансии ќе достигне 53,1% од БДП, а само годинава, за финансирање на буџетскиот дефицит и за враќање стари долгови, властите планираат да се задолжат над 600 милиони евра.

Проценките на ММФ за невработеноста се разликуваат од бројките што ги објави Државниот завод за статистика, па така за 2016 година Фондот проценува стапка на невработеност од 25,4%, додека пак, за 2017 благо да се намали на 24,8%.

Како и да е, на стартот на годината, оваа 2017 влева страв онолку колку што изгледа застрашувачки финскиот хард-рок бенд „Лорди“ (нам познат по победата на Евровизија пред неколку години) којшто објави и песна со наслов Happy New Fear.

Овој слоган во вид на графит прв пат се појави во Атина во 2008 година кога почнаа протестите во Грција како израз на незадоволство на граѓаните од економската ситуација во земјата.