Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, во врска со наводите за извршени злосторства во војната во Косово, која се водеше кон крајот на 1990-тите години, го повика на сослушување Лулзим Кабаши, поранешен командант на ОВК.
„Хашките обвинители ме повикаа како сведок“, изјави Кабаши за БИРН.
Тој во Хаг треба да се појави на 24 септември.
„Не сум воодушевен од овој повик, но тоа е постапка што треба да се направи. Секако дека ќе одам во Хаг. Сè што е во согласност со законот, е обврска“, додаде тој.
Кабаши, претседател на огранокот на Алијансата за иднина на Косово, на Рамуш Харадинај, во Призрен, рече дека повторно ќе се кандидира за пратеник на предвремените избори на 6-ти октомври, кои се распишани откако Харадинај, во јули, поднесе оставка на функцијата премиер.
Харадинај поднесе оставка на 19 јули, откако беше повикан на сослушување во Хаг, како осомничено лице. Тој, за време на војната, беше командант на ОВК во зоната Дукаѓини.
Од минатата година, Специјализираното обвинителство сослуша повеќе од 35 поранешни припадници на ОВК, меѓу кои и некои високи политички функционери.
Задача на Специјализираното обвинителство е да спроведе истраги за убиствата, киднапирањата, нелегалното притворање, сексуалното насилство и другите злосторства, наводно, извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година.
На оние што Специјализираното обвинителство ќе ги обвини, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Инаку, досега не е објавено ниту едно обвинение.