Регион

Хрватска обвини 22 Срби за воени злосторства извршени во 1991 година

Свен Милекиќ, Загреб

Обвинителството во Загреб. Фото: Викимедиа комонс/Сурадник 13.

Обвинителството во саботата соопшти дека е поднесено обвинение против 22 поранешни припадници на српските бунтовнички сили, за воени злосторства извршени во септември 1991 година, во селата Четековац, Балинци и Чојлуг, во Славонија.

Осум од нив се товарат дека им наредиле на другите 14 „да ги малтретираат, тепаат и убиваат“ хрватските цивили и „да ги земаат како заложници“

Тие, како што вели во обвинението, исто така, им наредиле да ги „мачат и да ги убиваат воените затвореници“, да ги ограбат хрватските цивили, да урнат и да запалат 59 куќи и деловни објекти на жителите од хрватска националност, како и локалната католичка црква.

Некои од овие обвинети команданти се сомничат и дека „лично учествувале во тортурата и убиствата на цивилите и воените затвореници“.

Според обвинението, осомничените се одговорни и за гранатирање од големи размери, при што биле убиени цивили, а имотот бил уништен или оштетен.

Како што се додава, обвинетите во селото Балинци убиле десет селани, кои во времето на убиството биле во своите домови.

Обвинетите, исто така, поставиле заседи на патиштата околу овие села и убиле седум цивили, кои поминувале со свои возила.

Се наведува оти обвинетите фатиле група цивили кои се криеле под мостот меѓу селата Балинци и Четековац и ги натерале да одат пред нив како жив штит и оти убиле две лица кои тоа го одбиле.

Обвинетите во Четековац тепале двајца заробени хрватски полицајци, а потоа ги убиле, се вели во обвинението.

Во него се додава дека обвинетите вкупно убиле 20 цивили и 2 воени затвореници.

Обвинението е испратено до Окружниот суд во Загреб на потврда.