Регион

Хрватската полиција „не водела истрага“ за убиството на српското семејство Совиљ

Свен Милекиќ, Риека

Риека. Фото: Викимедиа комонс/Јури Николаевич Гришчук, Oдеса

Ивица Рукавина, сведок на одбраната, на судењето на поранешниот хрватски војник, Рајко Кричковиќ, пред Окружниот суд во Риека, во понеделникот изјави, дека полицијата никогаш не покренала истрага за убиството на српските цивили извршено во август 1995 година, веднаш по операцијата на ХВ, „Бура“, со која беше вратена територијата што претходно ја зазедоа бунтовничките Срби од Хрватска.

Кричковиќ е обвинет дека со огнено оружје ги убил Мара Совиљ (73) и нејзиниот син Радомир, додека нејзината ќерка Мира ја запалил жива во нивната куќа во село Кијани, кај Грачац, во Лика, веднаш по операцијата.

Бидејќи Кричковиќ е роден во ова село, медиумите шпекулираа дека убиствата биле чин на одмазда. Имено, Кричковиќ, кога се вратил во Кијани, го нашол цело село запалено, освен куќата на семејството Совиљ, што за него било доказ дека соработуваат со српските сили.

Рукавина, кој за време и по операцијата „Бура“ бил заменик командир на полициската станица во Грачац, пред судот рече дека во тоа време бил задолжен да се грижи за постарите српски цивили, кои по операцијата останале во своите села и да ги снабдува со храна и други работи кои им биле потребни.

Рукавина додаде дека полицајците биле задолжени за собирање на телата на цивилите кои биле убиени.

„Немаше информации за тоа кој и кога е пронајден, туку полицајците ги собираше како што ќе ги најдеше. Не знам кој точно ги носеше за да ги погребаат“, додаде тој.

Рукавина посочи дека телата на цивилните жртви биле закопани во заеднички гробница на градските гробиште во Грачац.

„Тие беа прописно погребани, овој процес беше дури и надгледуван од ОБСЕ и некои други странски набљудувачи“, рече тој.

Рукавина истакна дека сѐ до неговото пензионирање во 1999 година, не „слушнал за убиствата“ во Кијани и оти полицијата во Грачац, никогаш не покренала истрага за овој случај.

Тој додаде дека полицијата не поднела ниту една кривична пријава за убиствата извршени за време и после операцијата „Бура“, туку само за кражби.

Рукавина посочи дека „по операцијата немало убиства“.

Иако призна дека полицијата требала да ги забележи сите сознанија во врска со настраданите лица, сведокот не можеше да се објасни зошто никој не ги пријавил убиствата во Кијани или убиството на семејството Социљ.

Според наводите, во Кијани, за време и по операцијата „Бура“, биле убиени 16 цивили. Семејството Совиљ било погребано на 10 септември 1995 година на гробиштата во Грачац.

Во понеделникот пред судот сведочеше и сестрата на Кричковиќ, Јадранка Славујевиќ, која посочи дека стои зад она што го рекла во текот на истрагата, дека нејзиниот брат е невин.

Судијата, Ика Шариќ, ја прочита нејзината изјава во која таа вели дека нејзиниот брат ги нашол телата на членовите на семејството Совиљ. кога заедно со нивниот татко дошол во селото, за да проверат каква е состојбата со нивната куќа.

Славујевиќ во изјавата вели дека не верува оти Кричковиќ го убил семејството Совиљ за да се одмазди за нивната семејна куќа, која била запалена.

Таа додава дека „тој би бил првиот што би се радувал што куќата е запалена“, бидејќи семејството оваа куќа ѝ ја оставило на неа, а таа и нејзиниот брат „не биле во добри односи“.

Обвинението против Кричковиќ беше поднесено во ноември 2014 година пред судот во Риека. Судењето започна во јануари 2017 година. Крицковиќ изјави дека не е виновен.

За време на операцијата „Бура“, хрватските сили успеаја да повратат голем дел од територијата која од 1991 година беше под контрола на бунтовничките хрватски Срби.

Сепак, според хрватскиот Хелсиншки комитет, операцијата резултирала со убиства на повеќе од 600, претежно постари цивили и протерување на повеќе од 200.000 Срби.

Хрватското правосудство досега донело само една правосилна пресуда за воени злосторства извршени за време и по операцијата „Бура“. Тоа е случајот на поранешниот хрватски војник Божо Бачелиќ, кој во мај 2014 беше осуден на седум години затвор, за убиство на двајца цивили и еден воен затвореник во местото Прокљан.

Судењето на Криковиќ продолжува на 29-ти мај.