Претседателот Ѓорге Иванов ја смири реториката. Тој по средбата со заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји, излезе со соопштение во кое изјавува дека „дека доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи“.
„Македонскиот претседател побара од САД, како стратешки партнери на Република Македонија, да помогнат за пречките да се отстранат и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот. Преседаните со кои се воведува практика, а нелегалното станува легално ги поткопува основните демократски принципи“, изјави тој.
Претседателот Иванов бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија”.
Платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање Влада во Република Македонија, повтори тој.