Вести

Јолевски се сретнал со Рохрабакер пред спорната изјава

На средбата биле разменети мислења за безбедната состојба во Европа и во регионот и за мигрантската криза

Министерот за одбрана Зоран Јолевски на 2-ри овој месец се сретнал со американскиот конгресмен Дејна Рохрабакер,  дознава БИРН, а информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана.

Неколку дена подоцна Рохрабакер во изјава за албанската телевизија „Висион плус“, објавена на 6 февруари, рече дека „создавањето на Македонија е пропаднат проект и оти сега биле создадени сите околности да се подели меѓу соседните држави, вклучувајќи ги и Косово и Бугарија“.

Наредниот ден реагираше македонското Министерство за надворешни работи и побара Стејт Департментот да отстрани секаква дилема околу изнесените позиции на конгресменот.

„Во рамките на последната посета (н.з. на САД ) министерот Јолевски оствари средба и со конгресменот Дејна Рохрабакер, кој воедно ја извршува и функцијата претседавач на Европскиот поткомитет. На средбата беа разменети мислења за безбедната состојба во Европа и регионот и за мигрантската криза. Исто така министерот Јолевски му ги презентираше аргументите и аспирациите на Република Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија“, одговорија од министерството на нашето прашање што се зборувало на оваа средба.

Mинистерството информира дека Јолевски во САД се сретнал со претставници на Стејт Департментот, на Пентагон, со сенатори и со конгресмени, како и со тинк-тенк организации и дека на овие средби настапувал како министер за одбрана.

Јолевски беше во Вашингтон во периодот од 20 јануари до 4. февруари годинава, како што велат од министерството во приватна и во работна посета.