Анализи

Ќе избега ли правдата заедно со газдата на „Секјуриком“?

БИРН уште во 2015 година пишуваше за спорниот владин тендер | Фото: БИРН

На правдата во Македонија никако да ѝ тргне. Откако обвинетите за прислушувањето Горан Грујевски и Никола Бошкоски си најдоа засолниште во Грција потпомогнати од македонските судови, на правдата ѝ побегна и Волфганг Гампер, сопственикот на „Секјуриком“, најголемата фирма за чистење во земјава.

Тој не ја исполни обврската да се пријавува во судот како осомничен за наместен тендер од 2015 и по него се распиша потерница.

Меѓутоа, Гампер не се крие.

Тврди дека е во родната Австрија, заминал на операција испланирана уште во март.

„Не ме пуштаа да одам, за малку ќе добиев инфаркт“, вели Гампер за БИРН. Тој одговори на нашите прашања испратени по имејл.

Тој и поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Васе Доневски, се под истрага околу тендерот за чистење на сите владини простории вреден повеќе од 10 милиони евра.

Финансиската полиција и Обвинителството сметаат дека Доневски го скроил тендерот на тој начин што било сигурно дека „Секјуриком “ ќе го добие бизнисот, зашто оневозможил и други фирми да наддаваат на јавниот повик. Тие проценуваат дека доколку имало наддавање, државата би платила околу четири милиони евра помалку за оваа услуга.

Истражните органи се убедени дека токму Гампер му помогнал при местењето на тендерот.

Во март годинава, ексдиректорот на СОЗР, Доневски отиде во притвор додека за Гампер, обвинителството побара само да му се одземе пасошот со образложение дека бил премногу болен за во Шутка.

Несфатливи грешки во чекори

Гампер не открива како ја напуштил државава

Обвинителството за организиран криминал и корупција, за БИРН вели дека ја завршило истрагата и во моментов тече рокот во кој адвокатите на осомничените може да даваат докази, по што многу веројатно ќе следи обвинение.

„Може ли да ми кажете на чија страна сте? Со Владата или со другата страна?“, беше првото нешто што нѐ праша австрискиот бизнисмен одговарајќи на нашата електронска порака.

„Не сум му платил ниту евро на Доневски или на кој било друг од претходната влада. Само сакаат да ми ги уништат компаниите.“

Освен тоа што Обвинителството не барало притвор за странскиот бизнисмен и покрај тоа што прилично јасно било дека Волфганг Гампер може да избега, се поставува и прашањето зошто истрагата не ја опфатила самата компанија „Секјуриком“.

Ова е важно бидејќи парите од тендерот завршиле во фирмата, таа работи и со многу други клиенти во Македонија и многу е јасно дека ако од некаде треба да се конфискуваат имот и пари, тоа би требало да биде од компанијата.

Гампер ја префрла вината на соработниците

Сопственикот на „Секјуриком“ вели дека би се вратил доколку му преживеат фирмите и ако оздрави.

„Имам 1.400 вработени и се чувствувам одговорен, јас не сум како Владата.“

Меѓу редови и без детали, тој ја префрла вината на дел од своите поранешни соработници во земјава, луѓе што работеле за него. Се исклучува од каква било одговорност бидејќи не знаел македонски јазик.

БИРН го праша Обвинителството дали во некој момент побарало да ѝ се замрзнат сметките на „Секјуриком“, да го продава имотот и да учествува на тендери. Оттаму ни одговорија дека овие информации ќе ги добиеме следната недела, бидејќи одговорниот обвинител е отсутен.

Обвинителството, сепак, има објаснување зошто „Секјуриком“ отпаднала од истрагата.

Оттаму аргументираат дека двајцата осомничени ги гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службена положба“ и во таа одредба едноставно не е предвидена одговорност и за компанијата.

Токму во изборот на кривичното дело лежи и второто прашање во врска со овој случај.

Имено, нејасно е зошто Обвинителството и Финансиската полиција не посегнале по делот од законот, кој е наменет токму за местени тендери, а тоа е Член 275-в од Кривичниот законик.

Таму се вели дека ако криминалот го направи фирма, таа парично ќе се казни.

Нема одговорност ниту за другите фирми

БИРН прв го откри скандалот со наместениот тендер уште во 2015 година. Тогаш објаснивме што сѐ е направено за да се елиминира конкуренцијата на „Секјуриком“.

Во оваа тендерска постапка со која сега се занимаваат истражни органи, своја улога имаат и уште шест помали фирми за чистење. Тие дале лажна изјава дека тендерот е добро скроен и дека тие може да учествуваат на него, но подоцна не се јавиле да наддаваат.

БИРН уште тогаш откри дека три од овие фирми се во сопственост на Волфганг Гампер, а истражителите подоцна открија дека другите компании претходно соработувале со Гампер и со неговата „Секјуриком“.

Реално ниту една од нив, освен „Секјуриком“ не можела да ги чисти сите простории што се предвидени во тендерот, но тоа не ги спречило да изјават дека ги исполнуваат условите.

Оттука третото прашање кое укажува на пропуст е тоа што ниту една од овие компании не е вклучена во истрагата, иако тие помогнале криминалот да се случи.

Упатените официјални лица што БИРН ги консултираше и кои сакаат да останат анонимни велат дека овој случај, токму поради вмешаност на други компании, слободно можел да се третира како злосторничко здружување.

Останува мистерија зошто тоа не е направено и дали во некоја фаза на истрагата овие фирми отпаднале од списокот на истражителите.  

Ние прашавме, меѓутоа Обвинителството не одговори дали во меѓувреме е проширена истрагата и на други фирми.

Оттаму останува можноста целиот случај да заврши само со затворска казна за вмровскиот функционер Васко Доневски, кој во меѓувреме Шутка ја замени со домашен притвор, Гампер да остане во Австрија и државата никогаш да не ги врати парите.

За бегството на двојката од УБК, Грујевски и Бошковски сомнежот за одговорност паѓа врз спрегата меѓу поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините инсталации во судството, додека во случајот „Секјуриком“ тоа допрва треба да се открива.