Актуелно

Дебатите за референдумот на различен колосек

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Власта сконцентрирана на бојкотирачите, ВМРО-ДПМНЕ зборува за сѐ освен за референдумот | Фото: БИРН

Без очекуваниот звук на гонг, минатата недела стартуваше референдумската кампања, а доколку по утрото денот се познава, може да се проектираат двете сценарија по кои ќе се одвиваат, и онаа на опозицијата и онаа на власта.

ВМРО-ДПМНЕ ќе зборува сè и сешто, од економија до корупција, преку загрозени човекови права, малку, ама жестоко ќе го напаѓа Договорот од Преспа, но веројатно нема да чуеме чист партиски став за референдумот.

Власта, пак, во наредниве три недели ќе ја промовира спогодбата во најдоброто можно светло, ќе ги брои неповратните грантови од Европа, ќе ја кани опозицијата да гласа барем „против“ и жестоко ќе атакува врз тие што се мислат или не сакаат воопшто да излезат на гласање, кои според анкетите вкупно се третина од гласачкото тело.

Целта е јасна, а таа е да се исполни цензусот.

Оваа слика се добива по последните настапи на премиерот Зоран Заев и на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Валандово и во Кичево и по првото неформално референдумско соочување меѓу министерот за надворешни работи, Никола Димитров и неговиот претходник Никола Попоски.

Заев, викендов, во Валандово настапи со паролата дека Грција со договорот навистина добила ерга омнес формула за името, ама македонската страна извојувала ерга омнес за јазикот и за идентитетот. Уште еднаш ги покани ВМРО-ДПМНЕ да повикаат да се излезе, па макар било тоа и против, и најжесток беше кон тие што ќе бојкотираат.

Ако Стево Пендаровски и Никола Димитров во своите настапи велат дека неодговорно е на 30 септември да се седи дома, Заев отиде чекор подалеку и бојкотирањето го спореди со кукавичлак.

Мицкоски, наспроти седенката на Заев во Валандово, организираше класичен партиски митинг во Кичево, на кој ги покри сите стандардни митингашки теми и зборуваше за „капитулантскиот Договор од Преспа“, меѓутоа, наместо став за референдумот, заглави на реторичкото прашање: „Кој сум јас? (да му каже на народот што треба да прави)“.

Меѓу дисонантните пораки што никако да се пресечат околу клучното прашање, вчера помина и првата неформална референдумска дебата меѓу министерот за надворешни, Никола Димитров, и неговиот претходник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Попоски.

Тие се сретнаа на тркалезната маса во хотелот „Мериот“ организирана од три невладини, на која учествуваше и Кристијан Хелбах, специјалниот претставник на германското Министерство за надворешни работи.

Дуелот помина изненадувачки мирно и ако мора да се извлече заклучок од млаката дискусија, под цртата веројатно би стоело дека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не излегла од „стелт-зоната“. Со други зборови, Попоски, како и голем дел од неговите сопартијци, сè уште се чувствуваат побезбедни кога се невидливи по прашањето на референдумот.

Првично беше најавено дека можеби Мицкоски ќе учествува на дебатата, меѓутоа наместо него, се појави Попоски и несвојствено за опозиционер, тој најмногу придонесе за умереност во дебатата.

Во неговиот говор го немаше патриотскиот патос на Мицкоски од типот „ако ве предадам, убијте ме“, ги немаше ни острите зборови за корупцијата во власта, ниту, пак, го нарече договорот капитулантски, меѓутоа ни од него не дознавме кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

Дебата „реда ради“

Дискусија со различни фокуси | Фото: БИРН

Ексминистерот цело време се обидуваше да ја насочи дебатата кон нултиот економски раст и кон ветената просечна плата од 500 евра, зборуваше и за тоа како младите се иселуваат, за тоа дека владата треба да мисли на првиот ден по референдумот, се пожали за слабата парламентарна демократија, меѓутоа веројатно и нему му беше јасно дека присутните најмногу сакаа да чујат кој е неговиот и ставот на партијата во врска со референдумот.

Впрочем, тоа и неколкумина директно го прашаа.

Одговорот на Попоски дека тоа е нерелевантно го извади до тогаш воздржаниот Кристијан Хелбах од дипломатските ракавици.

Германецот, иако претходно одбегна да даде став за колебањето на ВМРО-ДПМНЕ, на дебатата многу директно, обраќајќи му се на Попоски рече дека и тоа како е битно опозицијата да има став, зашто тој може да смени многу на референдумот и невообичаено за дипломат, неколку пати потенцираше дека интерес на Германија е референдумот да успее и дека тие што се против овој процес, тие не се пријатели на неговата држава.

Попоски не реплицираше.

Впрочем, целиот негов настап оддаваше впечаток дека дошол „реда ради“ и оти чека дискусијата што побргу да заврши. Иако по воведните зборови, најмногу од прашањата беа упатени кон него и модераторите му дозволија тој прв да одговора, Попоски му даде предност на Димитров.

Дури и во неговиот завршен говор, во моментот кога министерот го прекина, цинично му го отстапи зборот на Димитров, по што овој го искористи моментот да поентира за 27 април и за прислушувањето.

Иронијата не знаеше низ која врата да излезе, ако се има предвид дека еден од сопствениците на „Мериот“ е токму Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција обвинет за скандалот со прислушувањето.

Главната поента на Попоски му беше дека власта ја продлабочува националната поделба создавајќи атмосфера дека тие што се против договорот се против ЕУ и НАТО.

Тука се обиде да направи мала дистинкција од Заев и поддржувачите, кои упорно велат дека нема алтернатива за евроатлантските интеграции, па тој аргументираше дека алтернативи секогаш постојат, арно ама НАТО и ЕУ, сепак биле најдоброто решение.

Најблиску до став Попоски беше кога објасни дека кога би бил во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како што не е, би организирал гласање, на кое би учествувале сите членови, меѓутоа претходно добро би ги информирал и за лошите страни од договорот и за ризиците од проектот од Преспа да пропадне.

И во ова образложение, веројатно, по малку ѕирка личниот став на ексминистерот.

Димитров, комфорен на чистиот терен што му го остави Попоски, си ги повтори веќе чуените фрази дека треба да се преземе одговорност, потенцираше дека одговорност сега му бил омилен збор, и повтори оти со договорот се заштитуваат јазикот и идентитетот, сето тоа придружено со цитати од Роберт Шуман, Макс Вебер и од анонимни мудреци.

На нешто повеќе од три недели до референдумот, сцената е поставена, a до некаде е познато и сценариото според кое во кампањава ќе се изнаслушаме „истрели“ од сите страни и за сите теми, ама по сè изгледа нема да видиме борба гради в гради за референдумот.