Вести

Кежаровски: Носам пенкало, за да бидам посилен!

Неколку илјади новинари, граѓани, претставници од невладини организации и политички партии денеска излегоа на протести – носеа маски со ликот на новинарот Кежаровски, кој е осуден на казна затвор од 2 години, транспаренти со кои се повикува на слобода на говор и карикатура на која премиерот Никола Груевски носи крвава торба на која пишува „слободни медиуми“

Слобода за Кежо - извикуваа илјадници лица движејќи се од судот кон Владата | Фото: М. Јордановска

Слобода за Кежо – извикуваа илјадници лица движејќи се од судот кон Владата | Фото: М. Јордановска

„Имам 72 години и еден куп здравствени проблеми, но не можев да седам дома. Место не ме држеше. Дојдов на кратко, само да му дадам поддршка на новинарот Томислав Кежаровски“, ни рече стариот човек кој денеска во 12 часот стоеше пред Апелацискиот суд во Скопје на протестот што го организираа новинарите.

Стариот човек зеде балон на кој пишуваше „Слобода за Кежо“ и за 15-тина минути си замина.

Пред судот останаа неколку илјади новинари, граѓани, претставници од невладини организации и политички партии. Носеа маски со ликот на новинарот Кежаровски, кој е осуден на казна затвор од 2 години, транспаренти со кои се повикува на слобода на говор и карикатура на која премиерот Никола Груевски носи крвава торба на која пишува „слободни медиуми“.

Кежаровски на чело

„Носам пенкало, за да бидам посилен“, рече Кежаровски | Фото: M.Јордановска

„Носам пенкало, за да бидам посилен“, рече Кежаровски | Фото: M.Јордановска

Еден час пред почетокот на протестот, новинарот Кежаровски кој во петокот почна да го издржува остатокот од затворската казна од 3 месеци и 10 дена, беше пуштен на слобода. Директорот на затворот „Скопје“ побарал прекин на издржувањето на казната, а одлуката ја донел директорот на Управата за извршување на санкции. Кежаровски повторно треба да се јави на издржување на казната на 18 февруари.

Тој од затворот дошол дома на кратко, а веднаш потоа им се приклучи на протестите. Присутните го гушкаа и му даваа поддршка. Тој застана на чело на толпата народ, која се движеше од Апелацискиот суд кон Владата.

„Носам пенкало, за да бидам посилен“, рече тој.

Апел од новинарите: Не им се плашиме

Кежаровски ќе издржи, а нашата борба ќе продолжи“, рече Зоран Димитровски | Фото: M. Јордановска

Кежаровски ќе издржи, а нашата борба ќе продолжи“, рече Зоран Димитровски | Фото: M. Јордановска

„Се смеат на туѓи несреќи, затвораат новинари, ништат семејства кои не играат по нивната музика. Затвораат слободоумни луѓе. Багра се тие, багра! Кој не им чини – сатар, кој не игра по нивно – апс! Не очекуваме милост од нив, знаеме на што се спремни. Дојдовме само да им покажеме дека не се плашиме. Кежаровски ќе издржи, а нашата борба ќе продолжи“, рече Зоран Димитровски, член на Иницијативниот одбор за слобода на Кежаровски.

Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), влезе во Владата за да му даде подарок на премиерот Груевски – врамена карикатура.

„Можат да затвораат новинари, но не и слободата што е во нас. Не сме толку наивни за да веруваме во нивните приказни дека судовите се независни. Знаеме дека зад затворањето на Кежаровски се кријат луѓето во Владата. Тој е во затвор зошто оваа власт не трпи критика – таа сака монопол над вистината“, рече Селмани.

kezo4

Стотици бели балони од Владата полетаа кон небото, за симболично да се прикаже барањето на граѓаните кои протестираа – слобода за новинарот Кежаровски.

Стотици бели балони со црн натпис „Слобода за Кежаровски“ полетаа од Владата | Фото: М. Јордановска

Стотици бели балони со црн натпис „Слобода за Кежаровски“ полетаа од Владата | Фото: М. Јордановска

Кон протестите се приклучи и семејството на Кежаровски, голем број негови колеги, членови на Синдикатот на новинари и медиумски работници и на ЗНМ, претставници од опозициските партии, студенти, пензионери, членови на невладини организации…

Во меѓувреме, Кежаровски ја чека одлуката на скопскиот кривичен суд за барање условен отпуст.