Ископана е дупка за темели, се рекламираат станови за продажба, но за плацот каде што загина 13-годишно девојче во општината Илинден ниту има издадено одобрение за градба, ниту е почната процедура за издавање.
Дупката со вода каде што се удави девојчето се наоѓа на една од најфреквентите улици во општината Илинден, до автобуска станица каде што постојано чекаат патници и на само 500 метри од општинската зграда. Според сателитските снимки и според сведочења на општинарите, најверојатно била ископана оваа година, иако очевидците на несреќата тврдат дека стоела од лани. Но и покрај тоа што езерцето било таму со месеци, ниту локалните власти, ниту други институции, не успеале да ги натераат сопствениците да го обезбедат просторот, за да се спречи трагедијата. Дури следниот ден по несреќата дојдоа градежни екипи и поставуваа ограда.
Од обвинителството соопштија дека побарале информации не само за фирмата што ги изведувала градежните работи туку и прибирале информации од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуалната кривична одговорност. Според тоа, ќе се истражува и дали и која институција не ја извршила својата работа за да се обезбедело местото и порано.
На реакција од општината се чекаше два дена, а градоначалникот Жика Стојановски поради трагедијата го прекинал службеното патување, но на крајот оттаму излегоа само со кратко соопштение од четири реченици. Во него му изразуваат сочувство на семејството и велат дека нивните стручни служби имаат преземено дејства согласно законската регулатива, во рамките на своите надлежности и овластувања. Порачуваат и дека секој инвеститор треба да ги знае процедурите и одговорноста при изведување градежни работи.
Но, според информации од општината, бидејќи плацот ниту бил градилиште, ниту бил влезен во нивниот систем за издавање одобренија за градба, можностите за нивните инспектори да интервенираат биле ограничени, бидејќи станувало збор за приватен имот со кој сопствениците имале право да располагаат. Двајцата сопственици се од Скопје, едниот е сопственик и на агенцијата за недвижности што ги рекламира становите, а другиот е помал локален стопанственик што се занимавал со градежен бизнис. За медиумите потврдиле дека не поднеле барање за градежна дозвола и дека засега немале намера да градат, а дека рекламните паноа ги поставиле само за да покажат како би можела да изгледа зградата ако се најдат инвеститори што би ја направиле. Сепак на интернет-страницата на агенцијата за недвижности стои дека во овој објект во Илинден се врши продажба на станови и на деловен простор.
Истрагата треба да покаже дали она што сопствениците го правеле на местото, уривањето на еден помошен објект и копањето на дупката, биле подготвителни работи за кои морало да се добие одобрение. Каква е нивната одговорност и каква е таа на институциите ќе зависи од тоа како ќе се толкуваат законите во врска со овој настан. На пример, во членот 64 од Законот за градење се вели дека ако треба да се отстрани градба за на нејзиното место да се направи нова, инвеститорот може да го стори тоа само откако ќе добие градежна дозвола и мора да поднесе посебен елаборат за тоа како ќе го изврши уривањето и како ќе го отстрани градежниот шут. Во случајов ниту биле поднесени такви документи, ниту било издадено некакво одобрение. Но, во членот 99, пак, се вели дека за објекти од петта категорија, како на пример приземните градби во селски стопански дворови, не е потребно одобрение за отстранување.
Историските сателитски снимки на Гугл покажуваат дека на местото каде што сега е ископана дупката што се наполнила со вода немало објект туку тоа било паркиралиште за земјоделски возила, кое од улицата било оградено со помошен приземен објект. Овој обект бил урнат пред повеќе од една година, со што плацот останал неограден од улицата. Најновата снимка е од октомври минатата година, кога сѐ уште нема дупка на местото.
Голем дел од општината Илинден пред повеќе децении бил мочуриште, па нивото на подземни води е постојано високо.