Горештини, политичари на годишен одмор, летно работно време на продавници… Вистинска катастрофа за македонското човечко битие. Но, не сме единствените на планетава што патиме во лето. Еден расказ на Стефано Бени ме потсети дека и во други јужноевропски краишта (Северна Македонија и покрај географската додавка сè уште припаѓа таму), непријателите на летото во градот се добро распоредени и демнат.
Тој направил свој список на летните демони, а јас малку го прилагодив на македонските феномени. Кои се летните демони? Еве ја листата:
1.Зависници од клима-уреди. Овде речиси нема што да се адаптира, овие демони со својата опсесивна манијакалност за поларно студен ветер во нивните лица се идентични во различни култури и се исклучително опасни по кардиоваскуларниот систем на околината. На пример, ако се возите со еден таков примерок во кола, пожелно е при напуштањето на неговиот автомобил, внимателно да ја преминете границата од минус дваесет степени во автомобилот на надворешните плус четириесет под сенка.
Тоа се суштества што развиле толкава зависност од еркондишни, што живеат во постојан страв дека само еден момент изложување на неклиматизиран воздух може да ги убие. Ги принудуваат своите колеги од канцеларијата да работат на температури под нулата и да носат потопла облека за на работа.
Веројатноста да имате некој ваков и вие во канцеларија е огромна. Не барајте го далечинскиот од клима-уредот, заклучен е во фиока во неговото биро.
По работа со трчање влетува во својот автомобил, кој лесно ќе го препознаете на паркингот по мразулците што висат од воланот. Само што ќе влета дома, ги вклучува сите еркондишни кои автоматски се исклучиле откако ја постигнале температурата од седум степени, односно се изедначиле со температурата со внатрешноста на фрижидерот.
Ако му појдете на гости, нема да може да ве почести сладолед (макар што тешко и дека ќе ви текне кај него дома на сладолед, попрво ќе побарате топол чај), од едноставна причина – сандакот за замрзнување го има прилагодено за спиење.
Често ќе чуете некој од овие летни демони како се жали додека шмрка со носот: „Човече, четириесет степени надвор, а јас сум цело време настинат“. Не, не обидувајте се да му ги објасните причините, само уште повеќе ќе го налутите и ќе ви донесе фрлач за вештачки снег на работа.
2.Летни метеопати. Ова се автохтони ендемски видови во Северна Македонија, во повозрасните слоеви на населението. Познати се по тоа што на најжешкото седат на бетонската клупа пред зграда и мрчат колку е топло.
Имаат изгореници од трет степен насекаде по телото, но, и покрај сè, нема теоретски шанси да се откажат од ексклузивната можност да ги пречекаат сите соседи од зградата кога се враќаат од работа и да им се пожалат колку е топло.
П.С. Тоа се истите луѓе што зиме се на истата клупа со изразита хипотермија и се жалат колку е студено, само се различно облечени и не можеш да ги познаеш.
3.Уништувачи на комарци. Нивниот архинепријател, како што може да се забележи и од именувањето е комарецот. Овие летни демони (овде се мисли на луѓето, не на самите комарци) можат во лет да направат разлика на подвидот на летечкиот инсект: дали е anophelinae, culicinae, или не дај боже toxorhyncghitinae.
Спремни се да се соочат со комарец во секое доба од денот. Ќе ги препознаете лесно, така што се шетаат вооружени со тепалки за муви и инсекти, знаат со папуча да фрлат по вас ако забележат дека сте во непосредна опасност од убод од комарец, а кога се на отворено, често се плескаат со рака по голите површини кожа, некогаш и без особена причина, чисто превентивно.
На ѕидот обично чуваат обесен препариран комарец, некој капиталец од два и пол сантиметри, ловечки спомен од некое претходно лето. Исто така, на ѕидот имаат траги од обувки во различни шари, зашто и на најмал звук на комарец, замавнуваат во тој правец со првото што ќе им се најде при рака.
За да ја оправдаат својата склоност кон масовни убиства, сите убоди од комарец по телото видливо ги означуваат со течна пудра. Тоа им е алиби ако некој ги викне во Хаг дека ѕидовите им се масовни гробници. Под пазувите, наместо со дезодоранс, се прскаат со раид или аутан.
Ноќе, ако чуете истрел во глуво доба, не мора да помислите дека во близина има свадба. Постои можноста некој од овие летни демони, и покрај сите мерки на предострожност, да бил каснат од комарец. Во наплив на желба за омраза, често пати знаат да испалат истрел со пушка во облакот комарци околу уличната светилка.
Ако чуете ваков истрел, не излегувајте на прозор да проверите што се случува – знаат и да промашат, пушката сепак не е нивно основно средство за ништење комарци, главни им се тепалката, папучата и голите раце.
Секое утро се будат со симптоми на маларија, која во текот на денот може лесно да премине во нилска треска.
Одговорот на ова прашање лежи токму во оваа група летни демони – манијакалните перачи на своите автомобили. Човек по гаќи, гол од половината нагоре, со пена од средство за перење на градниот кош. Така изгледаат овие летни демони. Најмалку двапати дневно, наутро и навечер, ја пере својата кола, а траги од детергент може да се најдат на пречник од дваесетина метри. Ако по некоја случајност сте паркирани веднаш до него, ќе ја испере и вашата. Залудно е да му се стави до знаење дека колата му е повеќе од чиста, за него ова е повеќе психолошки ритуал, отколку хигиенска навика. Ако сакате да го усреќите, кажете му дека гулаб му се посрал на хаубата. 5.Дворољубители-наводнувачи. Овие се вториот фактор за рестрикциите за вода. Виши суштества, натуралисти-екологисти. Го сакаат својот двор, повеќе и од луѓето околу нив. Толку се посветени на својата пасија, што кога не го наводнуваат дворот, обично полнат канистри за да има за цвеќињата ако секне водата. За детето може да снема вода, за ружите надвор – никако. Ако немаат двор, саксиите со цвеќиња им висат од балконите и прозорите. Ако има рестрикција, а вие сакате да се истуширате, ставете шампон на главата и застанете под терасата на најблиското живеалиште на ваков демон. Од саксиите непрекинато капе вода. 6.Синдромот Валентино Роси. За овој синдром веќе пишував во една претходна колумна. Тоа се нереализирани мажјаци, кои сонувале да станат Валентино Роси, но од некоја причина не успеале да влезат во Мото Џи-пи серијата и сега фрустрациите од овој неуспех ги лечат со трки по скопските улици. Невозможно е да се ослободите од овие летни демони, дури и ако поседувате снајпер. Се движат со огромна брзина, а освен тоа се заштитени ѕверки, особено во лето, кога им е сезоната за парење. 7.Патриоти во душата, хеленофили според летувачките навики. Тоа се луѓе, изразити македонски патриоти, кои немаат пари за поексклузивни дестинации, па летата ги минуваат во Грција. Одат во јуни и во септември за да не им оставаат пари на Грците, а во најжешките месеци се во градот и се занимаваат со патриотски муабети. Кога ќе се сретнат еден со друг на јавен простор, гласно за да ги чујат сите, зборуваат за тоа како Заев го продал името. Најчесто се среќаваат на пазар, каде што купуваат намирници за одмор, погодувате, за да не им оставаат пари на Грците. И покрај ваквото ревносно уништување на грчката економија, немојте да се зачудите ако еден ден во Лептокарија забележите улица која го носи името на некој од овие егземплари како благодарност за редовните туристички посети. 8.Гледачи на телевизија со ослабен слух. Овој феномен е сличен на пустинска фатаморгана, само наместо оптичко, ова е акустично привидение. Имено, вие само мислите дека слухот на овие луѓе опаѓа во лето, а се заострува кога не е лето. Не, тоа не е вистина, нивните телевизори се секогаш пуштени со „волумето“ на најјако, само што во лето нивните прозорци се ширум отворени, па звукот лесно влегува и во вашите домови. Карактеристично за овие луѓе е што во секое време од денот се способни да пронајдат вести на некој од каналите. Иако ништо не се случува во државава, гледаат информативна програма една по друга, а со нив, секако, и вие. Од некоја чудна причина, мислат дека нивните телевизори немаат досег од еден километар кога се пуштени до даска, па ако ги сретнете во лифт, ви ги прераскажуваат вестите, особено временската прогноза. Најдобро е ништо да не коментирате и само да кимате со главата, зашто следачите на вести обично страдаат од засилена анксиозност и хипертензија, па секаква прекумерна забелешка на нивна сметка може да придонесе да изедете и ќотек. 9.Хронични свадбари. Овие луѓе живеат за летото и за сезоната на свадбите. Како патолошки зависници од свадби, летно време не одат никаде на одмор за да не пропуштат некоја свадба. Нивната основна девиза во животот е: ако не одиш, нема ни да ти дојдат. Го проверуваат поштенското сандаче неколкупати на ден за да не им промакне некоја покана за свадба. Ако чујат дека некој далечен роднина се мажи/жени, вртат по телефонските именици и на информации за да дојдат до нивниот телефонски број, потоа се јавуваат за да прашаат што има ново и да изнудат покана. Женските примероци од овие летни демони се постојано нашминкани и облечени во балски фустан, за да не излезе некоја „ласт минит“ свадба. Одат секој ден на фризер, за секој случај. Машките примероци се бричат два пати на ден и имаат одело закачено на закачалка на рачните држачи во автомобилот. Во ретките денови кога не се на свадба, купуваат микровални на попуст за да се најдат ако искрсне некоја ад хок свадба. 10.Охриѓани-издавачи на соби. Станува збор за тип на летни демони кои најчесто се среќаваат во Охрид и околината и кои се убедени дека сте во потрага на „смештај“. Ако разберат дека имате сопствен стан во градот, нема да се двоумат да ве ликвидираат на лице место, затоа на прашањето „Смештај дан требит?“, најдобро е да не одговарате никако. Не доаѓа предвид да се обидете да признаете дека веќе сте се сместиле кај друг, зашто тогаш ќе го изнудат одговорот и кај кого сте сместени, па ќе ве опсипаат со клетви и вас и него. Едноставно, одалечете се од местото и молете се што побрзо да налета следната жртва на која ѝ требит „смештај“. Ако, сепак, сте во потрага по сместување и се решите да ја прифатите понудата, обидете се да не се нервирате поради условите. Да, најчесто станува збор за летно прилагодување со кое дел од станот или куќата се претворени во соба за гости. Да, плакарите се полни со работи на газдата, зш кај да ги сместит тој, немат два стана. И да, купатилото е едно и ќе мора да го делите. Во основа, ова се луѓе со добра душа и не треба да им земате за зло тоа што во летните месеци имаат напад на претприемачки дух. Тие овие два месеца само се обидуваат да заработат за да ги покријат останатите десет. Нишчо појќе.