Ахилова пета

За неколку дена ќе одбележиме 29 години од независноста на земјава. Пред три децении имаше бројни стравувања дали таа ќе опстои во својата целовитост, дали ќе биде признаена од светот, или ќе биде третирана како дивоградба, која допрва ќе треба да приложи валидни катастарски и идентитетски документи.

Беше признаена од светот, но со оспорено име од соседна Грција. Со Преспанскиот договор, тој проблем веќе е зад нас. Но, дали е тоа доволно, дали е тоа сѐ? Се чини како мотивацијата да спласнува по преспански овозможениот пат кон членството во НАТО, и со одлуката за почеток на преговори со ЕУ.

Како пример ќе го посочам преминот Маркова Нога, кој никако да „повлече нога“. Поради пандемијата и индивидуалните одлуки за граничен режим, Грција во поголемиот дел од годинава не е достапна за македонските граѓани. Ама утре ќе биде. Во преспанскиот крај, таму каде што се удрија темелите на македонско-грчкиот договор, засега малку нешта се направени за поголема и полесна комуникација меѓу луѓето од двете страни на границата.

Во преспанскиот крај, таму каде што се удрија темелите на македонско-грчкиот договор, засега малку нешта се направени за поголема и полесна комуникација меѓу луѓето од двете страни на границата

А токму Спогодбата од март 2019 година за повторно отворање на овој граничен премин по повеќе од половина век беше меѓу првите што беше потпишана по стапувањето во сила на Договорот од Преспа. Надлежните во јуни најавуваа дека од двете страни на границата течат градежни работи, дека заради корона-кризата процесот е одложен и дека во октомври ќе има дополнителни средби меѓу властите од двете земји. И толку.

Маркова нога стана Ахилова пета. Не само како симболика за ранлива точка во парцијална, туку во поглобална смисла. На пример, плажата во преспанското село Долно Дупени практично граничи со рампата на Маркова Нога. Најблиското село од другата страна на границата е на 2 километри. Но, за жителите од македонскиот дел од Преспа да стигнат таму, треба да кружат преку преминот Меџитлија, или повеќе од 100 километри.

Во практика, еден посилен езерски бран побргу ќе ги однесе луѓето во грчки води или обратно, отколку очекувана ефикасна дипломатска акција меѓу двете земји. Што да се каже и за вечната пруга што се гради кон Бугарија? И потоа ќе се прашуваме зошто некои процеси бавно се одвивале во овој речиси тридецениски период.

Но, нам не ни оди тешко само со градењето и поврзувањето. Тешко ни оди и со уривањето на бесправно изградените објекти. Не е за пофалба ангажманот на владата околу уривањето на дивоградбата во „Мавровка“. Тоа е признание дека локалните власти и институции не функционирале.

Што ќе биде ако во периодот кога земјата ја очекува справување со тешки економски последици од корона-кризата, но и почеток на долгоочекуваните преговори со ЕУ, владата го троши времето и енергијата со слични случаи како оној во „Мавровка“?

Каква ќе биде смислата да разговараме за правна држава, која не е персонификација само за третманот на правата на граѓаните, или кривичните дела од висок профил, туку за сите сегменти во однос на почитувањето на законите и ефикасноста на правосудниот систем.

Гоцевото разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите, на домашен терен е трансформирано во поле за агресивен натпревар за узурпација на езерски брегови, ливади и други простори за бесправно градење.

Не е за пофалба ангажманот на владата околу уривањето на дивоградбата во „Мавровка“. Тоа е признание дека локалните власти и институции не функционирале

 Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2019 година, на целата територија во државата биле регистрирани 866 бесправно изградени објекти: 160 објекти за домување, 94 доградби, надградби и адаптации, 55 деловни објекти, 64 гаражи, 196 огради, 14 скалила, 27 тераси, 46 летни тераси, 92 натстрешници, 14 привремени објекти и 104 помошни објекти. Најголемиот број од бесправно изградените објекти (98,4%) биле во приватна сопственост.

Зборуваме само за она што е евидентирано. Со сивата бројка на она што не е евидентирано, но и со оствареното во претходните години, состојбата е многу пораскошна. Циниците би рекле дека кај нас единствено картонските населби не се градат на диво бидејќи кај нив сѐ е покриено со „хартија“.

Можеби треба да се размисли за идејата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој предлага на скопските општини да им се одземе правото на инспекција и тоа да се додели на Градот, заради избегнување субјективни слабости, кои можеби постојат кај определени службеници за толерирање на дивоградбите.

Можеби е во право зашто предолго трае играта на мачка и глушец по прашањето кој за што е надлежен, па на крајот излегува дека сите се за нешто надлежни, а во глобала никој за ништо. Наместо да имаме многу бабици и килаво дете, подобро е надлежноста да се концентрира на едно место. Не за Градот да стане многу моќен, туку за да знаеме кој точно ќе сноси одговорност ако работата не биде завршена.

Заигрувањето на владата во улогата на суперхерој што ќе ја реши најизвиканата дивоградба, е како пукање во нога. Секој би се прашал зошто имаме децентрализација на власта, ако владата мора да решава сѐ. Во Уставот не пишува така. Освен, ако има некое мандатно писмо што е и над највисокиот правен акт, а за кое сѐ уште не сме слушнале.