Регион

Одбиено барањето за хоспитализација на Младиќ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ратко Младиќ, во текот на жалбеното рочиште, кое се одржа минатиот месец. Фото: Фликр/ММКТ.

ММКТ повторно одби да го одобри барањето за префрлање на Младиќ на итно лекување во болница поради, како што тврди одбраната, неговата влошена здравствена состојба.

Имено, одбраната на Младиќ побара преиспитување на претходната одлука со која беа одбиени барањата за негова итна хоспитализација.

Во својата одлука од 28 август, која беше објавена денеска, судот образложува дека одбраната „не го оправдала барањето за преиспитување (на одлуката) и за итна хоспитализација на Ратко Младиќ“.

Судот додава дека „поднесувањето на повторените барања, вклучително и интервенцијата во однос на работите за кои Жалбениот совет веќе донел одлука, не им служи на интересите на правдата, ги троши драгоцените судски ресурси и може да претставува злоупотреба на постапката“.

Поранешниот командант на ВРС имаше неколку сериозни здравствени проблеми во притворот во Холандија – преживеа два мозочни и еден срцев удар. Оваа година имаше и операција на дебелото црево.

Хашкиот трибунал, во ноември 2017 година, го осуди Младиќ на казна доживотен затвор, прогласувајќи го виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево за време на опсадата на градот, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Младиќ поднесе жалба на оваа пресуда, која беше презентирана минатиот месец, но и хашкото обвинителство го стори истото, барајќи тој да биде прогласен за виновен за геноцид извршен во други пет општини во 1992 година.

Адвокатот на Младиќ, Драган Иветиќ, истакна дека на обвинетиот му се прекршени човековите права, бидејќи тој не е доволно добар за да ја следи постапката на правилен начин.

Иветиќ истакна дека Младиќ е „со намалени способности и не може да учествува во судењето“.

Конечната пресуда се очекува следната година.